Струмица блесна за карневалот и без поддршка од Министерството за култура

by fokus 12:31
12:31

Струмица повторно блесна во карневалските бои за време на традиционалната манифестација која што привлече илјадници туристи од земјава и светот.

На вчерашното карневалско дефиле, кое траеше повеќе од три часа, присутните уживаа во уникатните маски на учесниците.

Бројот на маскираните лица изнесуваше над 2.000, а ги имаше од Македонија, Бугарија, Русија, Албанија, Црна Гора, Словенија, Србија…

Раскошни маски во светкави бои, атмосфера која што потсетува на светските познати карневали, импресивно рачно изработени креации, огромна посетеност, преполни хотели и кафулиња, организирано доаѓање на туристи од Бугарија преку туристички агенции и весели лица – тоа беше сликата која што ја остави струмичкиот карневал зад себе.

На главната карневалска вечер се појави и поранешниот градоначалник на Струмица и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој во минатото традиционално ја изненадуваше јавноста со интересни маски, заедно со неговата сопруга Зорица, но овојпат тој не беше маскиран.

,,Не се маскирав годинава, бидејќи за време на одржувањето на маскенбалот јас бев на политички преговори’’ – ни изјави Заев.

На маскенбалот присуствуваше и в.д. градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека струмичани треба да го задржат епитетот на најдобар карневал во Македнија, но и во Европа и светот.

Според коментарите на воодушевените гости, Струмица ги заслужи сите пофалби за одличниот настан и покрај тоа што не доби финансиска поддршка од Министерството за култура.

Вики Клинчарова

ФОТО: Југоинфо

 

Поврзани новости