Разговараше: Вики Клинчарова
Јасминка Ангелова, сопруга на бранителот Стојанче Ангелов и негова голема поддржка во изминативе тринаесет години, жената која што заедно со него мина низ многу животни битки, за ,,Фокус,, отворено раскажува за нивната љубов, семејството, но и нивната борба против незаконитостите и неправдите кај нас. Деновиве, таа повторно е сама со децата, бидејќи Стојанче повторно заминал во Ирак, каде што работи на мобилно обезбедување, и ќе остане таму неколку месеци. Вели дека разделбите многу тешко и паѓаат, мислите дека тој е со непознати луѓе во воените жаришта постојано ја мачеле, но принудени за егзистенцијата на нивното семејство немале друг избор. Сепак, и по сите неправди кои што ги снашле во животот, таа е голем оптимист и верува дека сега, кога Македонија е пред нови избори, доброто ќе победи.
-Со Стојанче сте заедно долги години наназад. Велат дека освен љубовта, ве споило и оружјето?
Заедно сме веќе тринаесетта година. Иако сум родена скопјанка, заради воената служба на мојот татко како мала живеев во родниот град на мојот сопруг. Подоцна судбината нѐ спои преку заедничката работа, вештината со оружјето и уживањето во природните убавини на нашата Македонија.
-Имате четири деца, сопруг кој што често е отсутен поради политички активности, но и патувањата во Ирак. Како функционирате како семејство?
Веќе 13 години се зад нас и две прекрасни деца Сара и Марко. Разликата меѓу нив, една година и 15 дена. Во ноември Сара ќе наполни 8, а Марко 7 години. Покрај нашите, тука се мојата и неговата ќерка, Ева и Каролина. Двете имаат по 17 години. Така имаме четири деца. Прекрасно е чувството да си мајка на повеќе деца. Чувството за правичност и достоинство се развива од мали нозе. Затоа наша најважна функција е да им помогнеме на нашите деца да станат добри луѓе. Сакам да бидат среќни и праведни. Најстарата ќерка Ева која живее со нас полека ги надминува „лудите“ пубертетски години. Со раѓањето на нашите Сара и Марко се создадоа нови животи од нашата љубов. Стојанче присуствуваше на двете мои породувања и беше „одговорен“ за сечењето на папочната врвка. Додека децата ни беа помали, а Стојанче и тогаш беше презафатен со неговите политички активности, морам да го пофалам дека секогаш ми помагал во сѐ. Имав огромна подршка затоа што тој ги бањаше бебињата уште од прв ден, ги чуваше, ги шеташе, ги заспиваше… И буквално не заборава секојдневно да ми повтори дека вистинската среќа е само семејството. Многу жали за секој миг пропуштен од растот на децата кога е принуден да работи надвор од татковината. Затоа пак кога е дома го проживува детството на нашите деца гледајќи ги како растат и учејќи ги да се развиваат во храбри мали специјалчиња. Секогаш им покажува дека тие му се поважни од било каква награда или минлива кариера.
-Со што се занимаваш сега ти, откако замина од МВР?
Бракот е вистински брак кога постојано се борите заедно низ животот. Кога мојот сопруг ја започна борбата со Достоинство, ја поддржав неговата одлука и нашиот живот на сите полиња се претвори во Достоинство. И додека работев во МВР и сега, јас отворено и непоколебливо се борам против неправдите и незаконитостите кај нас. Ниту еднаш не отсуствував од стотиците протести на Отпорот, постојано бев и сеуште сум присутна на сите протести за правда и мир, постојано сум активна на социјалните мрежи со анализи и јасни ставови за сите проблеми и појави во нашата држава, контактирам и им помагам на сите добронамерници кои ми се обраќаат преку ФБ, без разлика дали се работи за случувања во МВР или во правосудството. Имав слободно време и го положив правосудниот испит, кој искрено кажано за МВР не ми бил потребен. Сега сум во фаза на размислување што понатаму со професијата. И секогаш читам, ненаситно.
Кога сопругот е тука и слободен, а децата се на училиште, секогаш поминуваме по неколку часа сами. И двајцата уживаме во природата. Често заедно вежбаме и пешачиме. Уживаме на сончевите зраци. Уживаме со„турско“ кафе. Единствено тој може да ме убеди да не појадувам од моите житни снегулки и тогаш јадам од неговиот вкусно поготвен омлет. Потоа ми вари убаво кафе. Внимание кое многу значи.
-Стојанче често патува во Ирак, како се снаоѓаш без него, како ги доживуваш разделбите?
Тешки се разделбите. Пред неколку дена мојот сопруг повторно замина во Ирак. И на секое негово заминување ме обземаат повторно и повторно сите емоци… љубов, копнеж, тага, страв, бес… Тој таму сам, меѓу непознати луѓе во опасни воени жаришта, а јас сама со нашите деца. Ама ќе издржиме и овој пат! Кога сум сама со децата се концентрирам на нивната сигурност. Помалите се темпераментни и повеќето слободно време го користат надвор, трчаат, истражуваат и постојано градат нивни „бази“ за играње. За мене ова е понапорно и се плашам да не се повредат, бидејќи се опкружени со многу деца на нивна возраст и често се ,,закачуваат,, но за нив е многу подобро да бидат на отворено, отколку да седат дома, пред компјутер или телевизор.
-Која е причината што тој работи во Ирак, недостаток на финансии или нешто друго е во прашање?
Настаните во државава непрекинато се менуваат и влијаат на нашата финансиска стабилност. Ние не остваруваме егзистенција тука, иако сме постојано зафатени.
-Грижата за децата повеќе паѓа на твој грб, поради заминувањата за Стојанче во Ирак. Како се снаоѓаш?
Сама се грижам за моите три деца и за сите домашни и училишни обврски. Неколку пати во неделата ги носам децата на спортско-рекреативни активности. Сите се различни како карактери, во различна возраст и секој е во „свој филм“. За време на политичките активности и претходните изборни кампањи се потпирав на бесценетата помош на моите родители. Моите деца беа добро згрижени од нив, а за мене како мајка беше најважно да се безбедни, здрави и сакани. Бескрајно сум благодарна затоа што тогаш татко ми се соочуваше со тешка болест, не се штедеше и целата енергија ја користеше за да ги направи среќни неговите внуци. Мојот татко почина пред седум месеци, а мојата мајка сега води тешка битка за животот на мојата баба. Затоа во овој период исклучиво се потпирам на мојата издржливост и дисциплинираност за да успеам со сите повеќекратно зголемени обврски откако мојот сопруг повторно замина во Ирак.
-Во животот ви се случија многу непријатности, судири со институции, со политички партии, со неистомисленици. Како ги пребродивте сите тие настани?
Заедничката подршка е најважна. Истрпевме многу нечесни игри и неправди. Поминавме низа стресни ситуации. Ризикувавме премногу и се осмеливме да направиме нешто повеќе, наместо да си останевме во комфорот и медиокритетот на институциите. И двајцата имавме за македонски стандарди одлични работни места и лични примања кои ги напуштивме во борбата за правичност. Верувам дека во овие македонски бурни времиња најлошото нешто што можеш да го направиш е да не правиш ништо. Затоа нема откажување.Ја продолжуваме заедничката борба.
-Со оглед на тоа што Стојанче е истакнат бранител, можеш ли да кажеш дека вие во Македонија сега имате убав живот, дека од државата сте го добиле барем делумно тоа што го заслужувате?
Не се сеќавам дека мојот сопруг побарал некаква привилегија за него. Секогаш барал за другите луѓе. Јас лично ќе бидам задоволна тогаш кога мојата држава ќе ја признае пожртвуваноста на бранителите. Задоволна ќе бидам кога мојата држава ќе ги одликува нејзините живи бранители. Задоволна ќе бидам тогаш кога мојата држава нема да ги унапредува командантите на УЧК додека гази по нејзините бранители.
-Позната си по својата искреност, како жена која не се плаши отворено да си го искаже својот став во јавноста. Дали искреноста некогаш те чинела скапо?
Искрено, искреноста често ме чинела скапо. Не поднесувам лицемерие.Затоа што секогаш сум реална и отворена. Јас сум обична жена со мои вредности и мани. Не се плашам и ќе продолжам да се борам за подобра иднина на моите деца и на сите деца во Македонија.
-На што се надевате во иднина, сметате ли дека во Македонија ќе се смени состојбата, дека ќе има задоволни луѓе, зголемен стандард, исти права за сите?
Во Македонија потребна е итна вистинска ревизија на приоритетите, а на политичкиот дијалог му недостасува чесност и цврстина. Моменталната политика непотребно предизвика премногу поделби. Занимавањето со политика во Македонија изискува многу „молби за финансирање“ со што избледува вистинската битка во оваа јавна работа. Лесно е да се занимаваш со политика ако си богат, но многу е тешко кога си невработен и со три деца. Интересни сведоштва бележам за време на изборните трки. Му се чудев на сопругот од каде наоѓа сили да функционира во ваква политичка атмосфера. Бидејќи се соочил со смртта на најтешкиот болен начин, за него навредите и критиките што ќе го прочита или слушне за себе не се најлошто што може да му се случат. Работевме деноноќно со вончовечки можности без машинерија што ја подразбираат сериозните изборни трки. Честопати патувавме сами со нашето возило буквално од град во град со минимални парични средства потпирајќи се на пријателите и познаниците кои можеа да ни организираат средба со граѓаните. Овие спомени ме потсетуваат на скромноста на сите наши граѓани кои единствено тежнеат кон спокоен и среќен живот.
-Според тебе, вреди ли човек да си го жртвува семејниот мир трудејќи се да донесе позитивни промени во својата татковина?
И без нас Македонија ќе продолжи понатаму… Понекогаш ми се јавуваат дилеми дали после сѐ што поминавме и жртвувавме изминативе години македонската политика заслужува уште една шанса. Еве сме пред нови избори и верувам дека конечно доброто ќе победи. На сите луѓе ни треба мирен семеен живот. Времето се лизга и никогаш не ни се враќа. Затоа уживам во секој миг, се радувам на секојдневнитенешта. Едноставноста околу мене ми го прави животот убав.