Потпретседателот на Собранието и лидер на НСДП Горан Мисовски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, вели дека нема комуникација со Тито Петковски, кого го наследи на лидерската позиција во партијата пред повеќе од една година.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Како го оценувате Вашиот мандат како лидер на НСДП?
МИСОВСКИ: Претходниот претседател Тито Петковски одлучи својата брилијантна кариера да ја заврши на начин на кој одлучи. Тоа е нешто што се случило и за мене е историја. Сепак, тој е човекот што ја формирал партијата, ни давал и сме му давале поддршка. Но, мнозинството членови во партијата одлучија јас да бидам претседател.
Од тогаш сѐ што Централниот одбор што ни го даде како задача го спроведовме. Ги затворив сите општински организации, направив конференции во сите организации, како што предвидува статутот, направивме трибина со повеќе од 400 луѓе во Битола, избравме претседателка на организацијата на жени и сега на 17 декември славиме 18 години од постоењето. Некој тоа го поврзува со полнолетство.
ФОКУС: Ќе го поканите ли Петковски? Имате ли комуникација?
МИСОВСКИ: Немам комуникација, освен што го почитувам неговиот лик и дело и она што го направи изминатиот период.
ФОКУС: Кои програмски столбови ви се најбитни?
МИСОВСКИ: Ние, како партија, од формирањето, независно од контекстот, сме имале автентична програма. Во 2007 година бевме први што му предложивме на Груевски да се зголеми минималната плата и нѐ одби. Први предложивме закон за стечајци, па по долго и тешко убедувањето со Груевски дојдовме да имаме точка на седницата. Но, пратеници по налог на Груевски ја напуштија салата. Имаше интересна случка, еден од пратениците брзајќи да излезе да не направи кворум, се сопна и падна.
ФОКУС: Околу НСДП секогаш висеше товарот дека помогнавте да се воспостави режимот на Груевски, бидејќи помогнавте да дојде на власт во 2006 година. Како гледате на тоа денес?
МИСОВСКИ: Ние помогнавме Груевски да направи влада, не можевме да знаеме дека тоа ќе биде режим. Но, кога видовме со кои луѓе си имаме работа, се повлековме. Ние во 2008 година добивме понуда од Груевски да останеме во коалиција, па дури и да одиме на заеднички листи. Јас со Ставревски преговарав, но одбивме. Експлицитно кажавме дека со овие луѓе и начинот на кој ја водат државата нема да бидеме заедно. Тогаш ВМРО, исто како и сега, беше против европските интеграции. Ние јавно велевме дека треба да направиме компромис со Грција. На третиот конгрес, Петковски јавно се извини за коалицијата со Груевски.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.