„Нож до коску“

Целта во случајот не ги оправдува средствата. Голема е веројатноста  Груевски да ја раситни ВМРО-ДПМНЕ, но и од СДСМ ќе остане само кусур. ДУИ, пак, обединета ќе ја однесе победата, та нели веќе се крунисаа. Како стои работата, ножот одамна е дојден до коска. Сега улогата ја презема сатарот, кој е на пат да ја пресече и неа!

by fokus

Коментарот е објавен во неделникот ,,Фокус”, на 8 ноември 2023 година, во број 1466.

Пишува: Валентина ВУРМО

Штом дојде денот, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, јавно да обвини дека судиите се под политички притисок и влијанија, тогаш, како што би рекле кумановци, „дошја нож до коску“.

Адеми не е кој било во државава. Таа безмалку е на ниво на претседател на држава, како што пред неколку години ми укажа Јово Вангелоски, кога седеше во истата фотелја, а сакајќи да ми ја долови својата големина.

Без да навлегувам во ситни цревца за ликот и делото на Вангелоски, сегашната претседателка Адеми е една од ретките што нема скандали зад себе, и важи за стручна и професионална.

Па оттука, и покрај тежината на нејзината позиција, подеднакво тежи и нејзиниот збор. Без разлика што беше поттикнат од охрабрувањето што го доби од Калето.

Од Судскиот совет, пак, веднаш се вознемирија од гласното соопштување на вистината, за која знаат и птиците на гранка, па ја повикаа Адеми на сослушување.

Небаре тие, дел избрани директно од уценувачите, итно ќе ги заштитат судиите и ќе им гарантираат сигурност и независност. Но, Адеми реши да им го наруши протоколот и сликата дека нешто работат.

Со потегот да не се појави на средбата, претседателката на Врховниот суд испрати уште една порака дека не го смета за валиден Судскиот совет, порачувајќи им дека имало и други поплаки за притисоци, па тие ништо не презеле.

Или, спакувано им рече дека нема што да си го губи времето со нив, кога знае дека ништо нема да се промени.

И до тука се чини е во ред. Пораката се испрати, ја слушнаа и странците, ќе влезе и во извештаите (како многупати досега), но на тие што прават притисоци и понатаму нема да им фали влакно на косата!

А, богами и од круната, бидејќи веќе се прогласија за господари.

Затоа убаво од Адеми што го одмина советот, но треба рака под рака со притиснатите в ќош судии, да се појави во Обвинителството.

Таму е вистинската адреса да се пријават притисоците, иако е лотарија кој ќе им ја отвори вратата. И таму има од притиснатите, но и такви што шуруваат со политичарите.

Но дојде часот да се пребројат. Сепак, време е судиите да си кажат „мечка страв, мене нестрав“, и да заиграат со докази, а не со жалби и поплаки. И тоа што побргу, додека не се сетиле да направат нови измени на Кривичниот законик.

Во него, по барање на поранешното СЈО, беше вметнат член што досега стои неискористен, ,,попречување на правдата”, а може на долгогодишна робија да ги заглави оние со желботеки.

„Тој што со сила, сериозна закана или со ветување, нудење или со давање некаква корист ќе влијае врз судија, јавен обвинител или друго службено лице или адвокат да презема или да не презема со закон предвидени дејствија во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење постапка уредена со закон спротивно на неговата службена или адвокатска должност и овластувања, или ќе го спречува во вршењето такви дејствија, ќе се казни со затвор од една до десет години“.

И што е тука нејасно? До кога судиите ќе играат по тактот што им го диригираат политичарите, кога законот, а и кантарот и мечот се во нивни раце?

И не е точно дека мечката во Врховен игра за да се оживее аболицијата на Иванов. Па, тоа со измените на КЗ е веќе завршена приказна.

Вистината е дека во тефтерот со нарачки е испишано да ја укинат пресудата за „Плацови на Водно“, бидејќи изречената 9-годишна затворска казна е најголемата пречка за враќањето на Груевски. За овој случај бегалецот не е аболиран!

И ако сака да види човек, не е тешко да се дојде до вистината. Јавна тајна е чија е идејата за воскреснување на ликот и делото на Груевски, но судиите самите мораат да ги изустат имињата.

Во спротивно, самите ќе го понесат товарот, бидејќи не можат вечно да се кријат зад тогата.

За премиерот Ковачевски, пак, темата за враќање на Груевски била депласирана. Требало да се врати, но за да се соочи со правдата. Убаво рече премиерот, ама малку доцна.

Зошто сега е нејасно со која правда ќе се соочи. Со онаа што тие му ја избришаа со измените на КЗ или со оваа што треба да му ја избришат врховните судии?

Целта во случајот не ги оправдува средствата. Голема е веројатноста Груевски да ја раситни ВМРО-ДПМНЕ, но и од СДСМ ќе остане само кусур. ДУИ, пак, обединета ќе ја однесе победата, та нели веќе се крунисаа.

Како стои работата, ножот одамна е дојден до коска. Сега улогата ја презема сатарот, кој е на пат да ја пресече и неа!

Поврзани новости