ИНТЕРВЈУ МИРЈАНА ЛАЗАРОВА ТРАЈКОВСКА: Врховниот суд не може да си дозволи да не ги прифати „бомбите“ како докази

by fokus

Врховниот суд мора да се соочи со сериозноста на задачата и не смее да ги запостави веќе донесените одлуки и пресуди и во граѓанските и во кривичните постапки каде македонската судска пракса покажува дека ваков тип на докази биле прифатени и релевантни во тие постапки, вели Мирјана Лазарова Трајковска, до скоро судијка и претседателка на секција во Eвропскиот суд за заштита на човековите права во Стразбур во интервју за „Фокус“, а на прашање поврзано со претстојната одлука на Врховниот суд за прислушуваните материјали како докази во судска постапка.

Со судијката Лазарова Трајковска разговараме и за македонското досие во европскиот суд , за големата победа на македонските новинари на кои не само што им беше повредено правото на слободно изразување во случувањата во Собранието од 24 декември 2012 година, туку и не беше спроведено правично судење во Македонија, за нејзините планови по завршување на деветгодишниот мандат, како еден од најпрогресивните судии во судот во Стразбур…

Наспроти респектот од европските колеги и инситуции, на чија покана судијката Лазарова Трајковска одржува стручни излагања и едукација на студенти во европски земји, македонската држава е тотално незаинтересирана, но доследна во својот игнорантски однос кон врвни професионалци. Мирјана Лазарова Трајковска е судијка со богато професионално искуство – девет години во европскиот суд за човекови права, пет години судија во Уставниот суд на Република Македонија, потоа претседател на Државната изборна комисија, раководител на Секторот за човекови права во Министерството за надворешни работи и помошник министер за управни постапки во Министерството за внатрешни работи.

ФОКУС: Г- ѓо Лазарова Трајковска на 3 февруари 2008 година бевте инаугурирана на престижна функција – судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Девет години ја претставувавте македонската држава во една од најпочитуваните судски инситуции во Европа, работевте со врвни професионалции во заштитата на човековите права и при тоа бевте прифатени како еден од најпрогресивните судии во тој суд.  Мандатот Ви истече пред три месеци, која е Вашата следна мисија? Имате ли работен ангажман?

ЛАЗАРОВА ТРАЈКОВСКА: Пред три месеци, од Судот во Стразбур заминав како Претседател на секција со многу почести кои ми ги укажаа моите колеги судии и судската администрација. Меѓу нив уживам углед и почит како судија и како вклучена во реформата на Судот. Обратно од ова, пред и по престанокот на мојот мандат се соочив со комплетна игноранција од институциите во мојата земја. До сега нема никаква иницијативност за мој работен ангажман. Повремено на покана на Советот на Европа и други меѓународни организации држам предавања низ земјите во Европа. Одржав една серија предавања на Правниот факултет во Бирмингам. Во врска со она што го нарекувате мисија или каде се гледам јас, по 5 години поминати во Уставниот, а потоа 9 години во Европскиот суд за човековите права, јас сигурно би била најпродуктивна во судството во Република Македонија но и во правораздавањето и едукацијата на студенти и почитувачи на човековите права.

ФОКУС: Верувам дека секоја нормална држава би сакала да задржи професионалец од Вашиот ранг? Има ли правни, односно законски пречки да бидете вработени во македонските судски инситуции. Што покажуваат искуствата на Вашите европски колеги, што се случува со нив по истекувањето на мандатот во европскиот суд?

ЛАЗАРОВА – ТРАЈКОВСКА: Парламентарното Собрание на Советот на Европа како тело кое ги избира судиите со години наназад им препорачува на државите членки, судиите на кои им завршува мандатот во Европскиот суд за човековите права, да бидат ангажирани во висоите судови како што е Врховниот и Уставниот суд на земјите членки на Конвенцијата. Во нашиот случај пред неколку години изменет е Законот за судовите и во Врховен суд може да конкурира судија од Апелацион суд, од Вишиот управен или Управен суд  со шест години работно искуство, но не и судија од Уставен суд или од меѓународен суд, па оттука и пречката за мене да не можам воопшто и да конкурирам во тој суд. Моите колеги во најголем број од случаите во последните години избрани се за уставни судии (поранешните судии за Латвија, Литванија, Ерменија, Молдова) или во Врховните судови (поранешните судии од Финска, Норвешка, Холандија, Унгарија) некои од нив се амбасадори или гувернери (судијата од Монако и Португалија) во зависност од нивната возраст и академска титула вклучени се во Високо образовни иституции со постојан или повремен ангажман (поранешните судии од Италија, Полска, Русија, Словенија) или омбутсмани (поранешните судии од Шветска, Германија) некои од нив се советници…Државите настојуват знаењето и искуството на поранешните судии на Судот, да го стават во функција на инстутиционално подобрување на стандардите и принците за заштита на човековите права.

ФОКУС: Се очекува Врховниот суд да донесе одлука во врска со т.н. „бомби“ како доказен материјал во судските процеси? Може ли Врховниот суд да си дозволи одлука со која ќе се оневозможи користење на прислушуваните материјали како докази, со оглед на тоа што последното незаконско прислушување не е откровение во Македонија. И пред бомбите на Заев бевме соочени со македонски Вотергејт, не толку масовен како овој, но сепак имавме и судски епилог од епизодата на прислушување обелоденета во времето на Црвенковски?

ЛАЗАРОВА – ТРАЈКОВСКА: Таква лесно конципирана одлука во услови на масовно кршење на најмалку на правото на приватност на илјадници граѓани, мислам дека Врховниот суд не би можел да си дозволи. Незаконското снимање и другите форми на следење на телефонската комуникација претставува сериозно вмешување во приватниот живот. Снимањето на приватна телефонска комуникација мора да се оддвои од случаите на набљудување и снимање на комуникациите во контекст или за потребите на официјална кривична, или друга истрага и со согласност и техничка поддршка од истражните органи под судски надзор. Дури и во името на борбата против шпионажа и тероризам, не може да се усвојуват било какви мерки и при тоа мора да се обезбедат потребните гаранции од злоупотреба, а тоа значи силен судски надзор на една таква постапка. Моќта на тајниот надзор на граѓаните се толерира само ако е строго потребна за да се заштитат демократските институции при што таквото вмешување мора да биде поткрепено со релавантни и доволно силни образложенија и да биде пропорционално на легитимната цел или цели од кој биле водени и мора да биде под судски надзор. Секако нерасчистените и правно недоразјаснети претходни случаи (н.з. „Сина птица“ и „Големото уво“) за незаконска примена на посебни мерки за следење и прислушкување беа пледоае Македонија да се соочи со масовно применување на незаконско прислушкување од невидени размери, кое во ниту една држава во која има интенции да владее правото не смее да остане неразјаснето. Затоа сметам дека Врховниот суд мора да се соочи со сериозноста на задачата со која се соочува бидејќи тоа го налага владеењето на правото и силината на јавниот интерес. При тоа не смее да ги запостави веќе донесените одлуки и пресуди и во граѓанските и во кривичните постапки каде македонската судска пракса покажува дека ваков тип на докази биле прифатени и релевантни во тие постапки.

ФОКУС: Познато е дека судот во Стразбур има предмети во кои и со  незаконски прислушувани материјали се доаѓа до правдата. Кои се правните аргументи на тамошните судии да се користат такви материјали како докази?

ЛАЗАРОВА – ТРАЈКОВСКА: Судот во Стразбур има многу широка судска пракса во чиј контекст мора да се анализира и македонската состојба. Така во предметот на „Биков против Русија“, Судот утврди дека непостоењето на процедурални заштитни механизми довело до повреда при користењето на направа со радио-предавач за време на полициска акција. Во предметот „Веттер против Франција“, Судот оцени дека поставувањето уреди за прислушување во приватни простории не спаѓало во опфатот на одредбите од националното законодавство, бидејки тие не се однесувале на следењето на телефонските линии и жалителот не уживал минимален степен на судска заштита поради што дошло до повреда на правото на приватност. Онаму каде што националниот закон нема доволно јасна рамка за целта и начинот на собирањето или чувањето на податоци за приватниот живот на лицата, и кога нема минимум заштита од можна злоупотреба, исходот е вмешување во приватниот живот заштитен со правото на приватност. Во предметот кој го одлучуваше Големиот судски совет по предметот на Роман Закхаров жалителот, уредник и одговорен уредник на издавачката компанија, се жалел дека од мобилните оператори со закон се барало да инсталират опрема која овозможувала на државните агенции да спроведуват активности за оперативно пребарување и дека, без доволно заштитни мерки на овој начин било дозволено blanko следење на комуникациите. Во овој конкретен случај, тајните служби и полицијата имале директен пристап, преку технички средства, на сите мобилни телефонски комуникации, при што постоеле недостатоци во правната рамка во: околностите во кои јавните власти се овластени да се впуштат во мерки на таен надзор; времетраењето на таквите мерки; на постапки за одобрување на следење, како и за чување и уништување на пресретнати податоци; надзор на следењето. Судот утврди дека правото на приватност на овој жалител било повредно иако тој не достави директни докази за примена на тие мерки директно кон него, токму поради ширината на законот за можна злоупотрена од страна на тајните служби и полицијата.

ФОКУС: Колку предмети од Македонија има во Европскиот суд за човекови права и како стоиме на тој план во споредба со другите европски држави ? На што најчесто се жалат македонските граѓани? 

ЛАЗАРОВА ТРАЈКОВСКА: На датумот на престанокот на мојот мандат, на 1 февруари 2017 година, пред Европскиот суд за човековите права на одлучување чекаа 236 жалби покренати од македонски граѓани и таа бројка не е значително променета во овие изминати три месеци. Во однос на останатите земји македонските придмети покажуваат еден широк дијапазон на повреди на човековите права кои понекогаш се и од системска природа. Најголем дел од жалбите се однесуваат на неправичното судење, на правото на сопственост, на слободата и безбедноста, но не е мал и бројот на жалбите поврзани со забраната од тортура, деградирачки и понижувачки третман, а има и неколку предмети поврзани со слободата на изразување, слободата на вероисповест, правото на приватен и семеен живот.

ФОКУС: Македонските новинари извојуваа голема победа во Стразбур со пресудата на европскиот суд дека за време на собранискиот „црн понеделник“  е повредено правото на слободно изразување. Пресудата за предметот „Селмани и останати против РМ“ се смета за револуционерна, но не само за нашата земја. 

ЛАЗАРОВА ТРАЈКОВСКА: Пресудата по жалбата на Селмани од страна на аналитичарите и оние кои ја следат работата на Судот беше дочекана како значаен исчекор во заштитата на новинарската слободата да се пренесе информација. Имено, Судот укажа дека новинарите биле отстранети од собраниската сала во момент кога прашањето за кое  расправало собранието било од значителен интерес и го привлекло вниманието на медиумите. Оценката на Судот беше дека нарушувањето  на редот во собраниската сала, и начинот на кој органите се справиле со тоа, биле прашања од легитимен јавен интерес и од тие причини, медиумите имале задача да пренесуваат информации за настанот, а јавноста право да ги прими таквите информации. Улогата на медиумите како „ јавни чувари“ поприма особено значење во таков контекст, бидејќи нивното присуство е гаранција дека органите може да бидат одговорни за своето однесување. Во пресудата на Пентиканен против Финска, судот нагласил дека секој обид за отстранување на новинарите од местото на демонстрации мора да биде предмет на строга контрола, и дека во случајот на Селмани и останатите македонски новинари тоа е дури и посилно кога новинарите го остваруваат своето право да пренесуваат информации на јавноста за однесувањето на избраните пратеници и за начинот на кој органите се справуваат  со нарушениот ред што се случува за време  на собраниските седници. Оттука, отстранувањето на новинарите од Собранието, опфатило непосредни несакани ефекти кои моментално ги спречиле да добиваат од прва рака и директни информации врз основа на нивното лично искуство за настаните кои се одвивале во салата, а со тоа и неограничениот контекст во кој органите постапувале со нив. Судот укажа дека ова биле важни елементи во вршењето на новинарската функција, од која јавноста не треба да е лишена во околностите на конкретниот случај. Отстранувањето на новинарите од галеријата не било неопходно ниту се базирало на „итна општествена потреба” и довело до повреда на слободата да биде пренесена информација од јавен интерес. Оваа пресуда многумина ја опишаа како пресуда не само од европско значење туку и како пресуда од глобално значење за новинарската слобода на изразување и пренесување информации важни за јавниот интерес.

ФОКУС: Има ли надеж за оштетените граѓани во масовниот македонски Вотергејт со оглед на сите досегашни опструкции?

ЛАЗАРОВА ТРАЈКОВСКА: Најпрво, масовноста на прислушувањето налага поголема отвореност кон граѓаните. Секој кој бил предмет на посебно следење и прислушкување има право за тоа да биде информиран и да одлучи дали и против кого се ќе покрене постапка за повреда на правото на приватност, со можност и за покренување и на други постапки. Тоа подразбира еднакво транспарентно презентирање на овие докази кон секој оној кој е оштетен како што тоа беше направено селективно со некои новинари….

Стојанка Митреска

Интервјуто со судијката Мирјана Лазарова Трајковска е реализирано во рамки на работилница „Правна заштита на новинарите согласно меѓународните стандарди и домашното законодавство“, кординирана од  Македонскиот институт за медиуми. Станува збор за заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, насловен Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување за медиумите во Југоисочна Европа (JUFREX)“

ФОТО: Фактор.мк

 

Поврзани новости