(ИНТЕРВЈУ) Ѓорѓевиќ: Србија не бара воено влијание, туку културна и економска соработка во регионот

by fokus

Меѓу високите српски функционери што дојдоа во Скопје минатата недела беше и Зоран Ѓорѓевиќ, чие присуство го искористивме да поразговараме на низа прашања поврзани со регионалното поврзување, одбраната, но и можностите за економски развој. Тој е дециден дека Србија не се вооружува за војна, туку исклучиво за зачувување на балансот на сила, а со тоа и мирот на Балканот. Во регионалното поврзување не ја гледа старата Југославија, туку напротив, некоја нова модерна алијанса, која повеќе од сигурно ќе придонесе за економска благосостојба на сите инволвирани  

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

Директорите на поштите на Македонија и  на Србија, Макрадули и Ѓорѓевиќ најавија дека ќе испратат иницијатива до владите на Македонија, Србија и на Албанија за воспоставување единствена цена за услугите на пратки и заедничка поштенска марка, со цел да им се обезбедат услуги на граѓаните од трите земји по една тарифа. Ова е првата од низата иницијативи што почнаа да се реализираат, веднаш по завршувањето на форумот „Отворен Балкан“ во Скопје, на кој беше присутен и српскиот претседател Александар Вучиќ. За ова и за многу други прашања што беа отворени на форумот разговаравме со поранешниот министер за одбрана и актуелен директор на Српската пошта, Зоран Ѓорѓевиќ.

ФОКУС: Бевте дел од српската делегација што овие денови беше во Скопје. Дали лично верувате и поддржувате регионална интеграција?

ЃОРЃЕВИЌ: Дојдов во Скопје на форумот организиран од Стопанските комори, а како член на државната делегација на Република Србија, предводена од претседателот Александар Вучиќ, за да придонесам во понатамошниот развој на сите форми на меѓусебна соработка .

Оваа иницијатива – која се преименува во „Отворен Балкан“ – веќе стана многу повеќе од механизам што го олеснува не само протокот на луѓе, идеи, капитал, стоки и услуги, туку економски инструмент, кој значително ќе го подобри туризмот, културната и секоја друга соработка меѓу земјите-членки.

Визијата на претседателот Вучиќ, која беше со цело срце поддржана од лидерите на Северна Македонија и Албанија, стана пример за добра практика во меѓудржавните односи и дава одлични резултати, па затоа е вистинско време за понатамошно унапредување и развој до максимум. Како директор на еден од најважните деловни системи во Србија, сосема е логично да учествувам во тој процес и да го дадам мојот активен придонес за целиот проект.

АЛБАНСКАТА СТРАНА НА КОСОВО Е ПРИВИЛЕГИРАНА

ФОКУС: Веќе е јасно дека нема да има помирување на Балканот без решавање на косовското прашање. Како течат преговорите и што очекувате од сето тоа?

ЃОРЃЕВИЌ: Целата светска јавност има можност да ги следи преговорите со привремените институции во нашата јужна провинција, како и да види дека српската страна се држи до тоа што е договорено, дека ги реализиравме сите наши договорени обврски според договорите. Но, и да види дека албанската страна не се придржува до своите обврски, без оглед дали се работи за тие што произлегуваат од договорот од Брисел или Вашингтон.

За жал, нема реакција од меѓународните фактори и впечаток е дека албанската страна е многу попривилегирана во целиот процес. Не мислам само на суштински обврски – како што е формирањето на Унијата на српски општини, кое не се реализира со години, туку обични, секојдневни прекршувања дури и на најосновните човекови права на Србите во Косово и Метохија.

Најсвеж пример е најновиот случај на вистински фашистички прогон на Драгица Гашиќ, повратник во Ѓаковица, воедно единствениот српски жител на овој град – што не наидува на реакција на оние кои треба да бидат фактор што гарантира трајно нормализирање на животот во Косово и Метохија, за сите луѓе. Очекувам дека деновите што следат ќе донесат подобрување, во секоја смисла, пред сè, во шансата да се најде трајно, компромисно, подеднакво прифатливо и/или неприфатливо решение за косовскиот проблем за двете страни, и сигурен сум дека Србија и нејзиното раководство нема да дозволат  такво решение со кое Србија ќе изгуби сè. Тоа е нешто на кое никој никогаш нема да се согласи.

ФОКУС: Од една страна, Србија активно преговара, а од друга страна, сериозно се вооружува. Како поранешен министер за одбрана, во чие време започна вооружувањето – може ли да ни објасните која е целта на ваквите сериозни инвестиции во воена опрема?

ЃОРЃЕВИЌ: По години стагнација и заостанатост на Србија во време кога некои други беа носители на власта, Србија денеска бргу се развива во сите полиња, вклучувајќи ја и армијата. Сега конечно можеме со сигурност да потврдиме дека сме најсилната воена сила во регионот.

Познато е дека нашата политика е политика на воена неутралност, со истовремена желба да се создадат такви вооружени сили, кои ќе можат да обезбедат одржување на таков статус, од една страна, а од друга страна да ни овозможат да ја спроведуваме нашата политика, персонифицирана во Претседателот Вучиќ, кој искрено се залага за политиката на мирот, разговорите, преговорите и договорите за секое евентуално спорно прашање .

Ние тоа доследно го спроведуваме, развивајќи го она што се нарекува фактор на одвраќање, а нашата опремена и обучена Армија секако е спремна за тоа. Ние мора да се грижиме да ги заштитиме нашите витални државни и национални интереси, со – повторувам – нашата постојана определба да ги решиме сите спорови преку дијалог и компромис. Развојот и опремувањето на нашите вооружени сили не треба да плаши никого, тие се тука во случај развојот на настаните да наметне некои други предизвици, за кои Србија мора да има подготвен соодветен одговор.

ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ ЈА ГУБИ ПРИВЛЕЧНОСТА

ФОКУС: Дали бескрајното одложување на членството во ЕУ создава услови за нова Југославија?

ЃОРЃЕВИЌ: Не мислам дека политиката на одложување на членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ води кон создавање нова Југославија, но сигурен сум дека со политиката на двојни стандарди и постојани нови услови со некои други барања и еден вид „топло-ладно“ игра во тој процес – членството во ЕУ ја губи привлечноста.

Северна Македонија и нејзините искуства се исклучително илустративен пример за она што сакам да го кажам, бидејќи вашата подготвеност и посветеност кон европскиот пат е неоспорна, практично докажана, а, за жал, без никаков резултат. Тоа во никој случај не води кон обновување на нова Југославија, во која било форма, но, од друга страна, тоа им дава шанса на други, иновативни во суштина и практични решенија, форми на интеграција, како што е нашиот заеднички проект „Отворен Балкан“.

ФОКУС: Србите историски беа „изгорени“ и во првата и во втората Југославија. Од каде толку оптимизам и ентузијазам за регионална интеграција?

ЃОРЃЕВИЌ: Вашата изјава во воведот на прашањето е сосема точна, според мое мислење. Србите навистина се „изгореа“, како што велите, затоа што скапо, прескапо ја платија со животот на голем број од нивните најдобри синови, идејата за Југославија и заедничката држава на јужните Словени, на која тие беа големи поддржувачи. Да не се враќаме на нашите познати дискусии за ова или она, нечија вина.

Имавме заедничко, за жал, често многу крваво и болно, минато, и никој не е апсолутно невин или апсолутно виновен – без оглед на оваа или онаа пресуда на меѓународните судови. Да ја оставиме историјата на историчарите, и конечната пресуда за настаните од нашето блиско минато на судот на времето.

Сега е моментот, можеби последната шанса да почнеме да градиме заедничка иднина врз основа на лекциите од заедничкото минато. Тоа не е оптимизам, тоа е витална потреба и здраворазумски пристап кон политиката, ама онаа вистинската – животна политика, онаа што се грижи за она што го остава за генерациите што доаѓаат, а тоа е одговорна и мудра, храбра и реална политика – чиј императив е регионална интеграција, бидејќи тоа е добро за сите и за секого.

ФОКУС: Поштата заедно со железницата е една од најлошите институции во нашата држава. Каква е ситуацијата кај вас и генерално објаснете ни ја важноста на Поштата за модерна држава.

ЃОРЃЕВИЌ: Во сите земји во светот, таков систем како Поштата на една земја е основна институција, еден од столбовите на државата и голем економски субјект, голем економски потенцијал. Слично е и со компанијата што се занимава со железнички сообраќај. Тоа се компании кои се од стратешко значење за економијата на секоја земја, не само како системи кои се занимаваат со обезбедување одредени услуги и обезбедуваат функционирање на други економски субјекти, туку и како општествено одговорни компании кои имаат национално значење по неколку основи.

Неопходно е да се обезбеди професионално и стручно управување во такви компании и јасно да се дефинираат деловните цели, но и да се утврди механизмот на одговорност за неисполнување на тие цели. Неопходно е секојдневно и напорно да се справувате со сите аспекти на бизнисот, да ги следите модерните трендови, да ги имплементирате во вашата деловна агенда, да развивате постоечки и да воведувате нови услуги и производи, да водите проактивна пазарна политика, постојано да бидете фокусирани на напредокот и резултатот нема да се пропушти.

СРБИЈА Е ЛИДЕР ПО ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

ФОКУС: Во последната деценија – Србија сериозно се обврза на економски развој, што веќе дава резултати. Кажете ни ја тајната на вашиот успех и на што треба да обрнеме внимание и да се посветиме, кога станува збор за економијата?

ЃОРЃЕВИЌ: Веќе го споменав периодот, првата декада на 21 век, во кој Србија предводена од оние кои го ставаа државниот интерес по приватниот, беше доведена до банкрот. Поради тоа новата власт беше принудена да реализира многу непопуларни, но многу потребни мерки во областа на економијата и целокупната фискална консолидација.

Не беше лесно, но беше потребно. Тоа беше визионерски и спасоносно за Србија, иако се работеше за тешки и непопуларни одлуки. И денес за среќа имаме сосема поинаква ситуација, денес ние сме лидери во стапката на економски раст, не само регионално, туку и пошироко. Тајната на успехот е во јасно гледање на проблемот и во бескомпромисна решеност да се реши проблемот, како и во измислување такви начини на решавање кои сигурно ќе доведат до подобрување на општите состојби.

ФОКУС: Вакцините се главната тема што ја врати Србија на пиедесталот на регионален лидер. Дали тоа беше  планиран државен потег, со цел да се зајакне влијанието, или беше доминантна идејата за хуманоста и солидарност во вашето раководство?

ЃОРЃЕВИЌ: Пандемијата на вирусот корона разоткри многу работи, осветли многу процеси со различно светло, според кои се виде дека некои ставови и принципи се само од декларативен карактер, дека се само таканаречена политичка коректност, но ништо повеќе од тоа. Кога го велам тоа, мислам на  однесувањето на некои големи, економски моќни и политички влијателни земји на почетокот на епидемијата, кога беше повеќе од очигледно дека светот, за жал – се состои од еднакви и нееднакви. Тогаш видовме дека идејата за планетарна солидарност е нешто што лесно се заборава кога човештвото се соочува со непознат и невидлив и сеприсутен непријател.

Србија ја спроведе својата политика по ова прашање, во согласност со нејзините државни и национални интереси, пред се интересот за заштита на здравјето на своите граѓани. И тоа функционираше. Мислам дека многумина би можеле да ги копираат постапките на нашата земја за време на пандемијата, бидејќи тие беа инспирирани од чиста и добра намера и само злонамерните би рекле поинаку.

„СРПСКИ СВЕТ“  Е ПОГРЕШНО ПРОТОЛКУВАНО

 ФОКУС: Што мислите за идејата за „Српски свет“ на Вашиот наследник како министер за одбрана и актуелен министер за полиција, Александар Вулин?

ЃОРЃЕВИЌ: Како прво, мислам дека фразата на Вулин „српски свет“ е намерно погрешно протолкувана и дека и се припишуваат значења што, сигурен сум, ги нема. Ова изгледа особено точно во тој дел од меѓународната јавност, вклучително и земјите од регионот, на кои им пречи фактот дека Србија секојдневно се зајакнува на сите полиња, спроведува независна и самоуправувачка политика.

„Српскиот свет“ е симболична слика за единството и сплотеноста на српскиот народ и желбата за истото, врз основа на  виталните државни и национални интереси, а не некоја изменета идеја за таканаречената Голема Србија.  Тоа не е проект на некоја голема српска хегемонија, ниту политичка програма базирана на територијални или некои други претензии кон некого, која било држава, народ и слично.

Тоа е повик за обединување на сите Срби, каде и да живеат, првенствено духовно, интелектуално – како основа за креирање таква политика која е фокусирана на иднината, иднината на српскиот народ, кој нема повеќе време за ниту еден неуспех. „Српски свет“ е идејата за синергија на сите српски напори за зачувување на српското национално битие и модел на кој е можно да се постигне тоа. Јас така гледам на тоа.

ФОКУС:  Конечно – дали верувате дека Отворен Балкан повеќе нема да биде извор на криза и конфликти и дека земјите од регионот ќе соработуваат подобро во иднина?!

ЃОРЃЕВИЌ: Дозволете ми да одговорам на ова ваше прашање преку форма на контрапрашање, кое гласи: Што друго е алтернатива за таа подобра, заедничка, иднина, за која верувам дека сигурно ќе дојде?!

Имаше премногу кризи, конфликти и војни, како и жртви, од сите страни. Мораме да престанеме да живееме во минатото, од неговите митови и минати омрази. Мораме, сите заедно, со заеднички напори, да живееме за иднината, да се почитуваме, да си помагаме и секој ден да се обидуваме да се надминеме себеси. Се разбира, неопходно е сите актери да учествуваат во тој процес на градење заедничка иднина. Србија, со политиката што ја води, веќе се обидува да го направи тоа. Еден од најважните чекори на тој пат е нашата заедничка иницијатива, која нè обедини во Скопје.

 

Поврзани новости