Интервју Генерал Стојанче АНГЕЛОВ најавува битка ВМРО против ДПМНЕ

by fokus

 

fokusova-arhiva Текстот е објавен на 15 јануари 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1058

 Генерал Стојанче Ангелов спаѓа меѓу најдоследните борци против груевизмот. Како последица на ваквиот негов ангажман, сега заработува за леб дури во Ирак, но најавува дека за изборите ќе биде тука. Ангелов типува дека на изборите ќе биде тешко, можеби и изедначено, но верува во победа на опозицијата.

 Разговараше: Јадранка КОСТОВА

 ФОКУС: Според дијагнозата на Каракамишева, вие сте на гурбет во Ирак, не од егзистенцијални или политички причини, туку поради духовна неисполнетост и љубовна празнина во вашиот дом.

АНГЕЛОВ: Овојпат спинот на режимот пласиран преку Каракамишева не помина кај граѓаните. Не помина дури ниту кај повеќето поддржувачи на Груевски. Особено не помина и наиде на остра осуда во дијаспората, дури и кај некои организации, кои традиционално му даваат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. И што е најинтересно, спинот не само што не помина, туку направи контраефект со досега невидена мобилизација, особено на социјалните мрежи. Не би сакал да сум на местото на Каракамишева.

stojanche angelov

ФОКУС: Кога планирате да се вратите во Македонија?

АНГЕЛОВ: Моето враќање во Македонија зависи од терминот на одржување на изборите. Доколку се одржат во април, ќе се вратам најбргу што можам, а тоа во принцип би било за неколку недели.

ОТКРИВМЕ ТОПЛА ВОДА – ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ

ФОКУС: Какви се шансите за обединување на десничарите, кои јасно и гласно се бунтуваат против Груевски и фамилијата?

АНГЕЛОВ: Овојпат големи. Мојот последен продолжен одмор во ноември и декември максимално го искористив за средби со авторитети, кои некогаш беа дел од ВМРО-ДПМНЕ. Расположението за формирање обединета десница е големо, особено кога ќе се земат предвид научените лекции од претходните изборни циклуси.

ФОКУС: Или суетите кој да биде главен ќе одиграат во полза на режимот?

АНГЕЛОВ: Терминот „суети“ не соодветствува со реалната состојба. Ниту во 2011-та, ниту денес, суетите не беа или не сѐ во прашање. Во прашање беше погрешната проценка на реалната политичка тежина на помалите десни партии. Можеби во нормални услови тие проценки ќе се покажеа како точни, но во услови на мек, добро прикриен режим беше невозможно да се освојат тие инаку реални гласови. Не земајќи го предвид фактот дека си имаме работа со режим, во 2011-та имаше претерани, нереални очекувања, но и намерна саботажа од некои од носителите на десните партии.

ФОКУС: Сега е поинаку?

АНГЕЛОВ: Да, денес го немаме овој проблем. Лекцијата е научена, иако на најтешкиот начин. Воопшто не е спорно кој ќе биде главен. Сите ќе бидеме главни на свој начин бидејќи идеално ќе се надополнуваме.

ФОКУС: И кои се авторитети, кои, како што велите, би биле дел од новата десница?

АНГЕЛОВ: Нека остане мало изненадување.

ФОКУС: На изборите во 2011 година настапивте секој со своја изборна листа: Достоинство, Обединети за Македонија, ВМРО-НП и Демократска десница. Извлековте поуки од изборното фијаско?

АНГЕЛОВ: Да. Откривме топла вода. Дека заедно сме посилни. Да бевме заедно тогаш, не само што гласовите ќе беа концентрирани на едно место, туку ќе беа и мултиплицирани. ДПМНЕ немаше да може туку-така со изборните манипулации и криминал да ги масакрира нашите гласови, а воедно ќе бевме и попримамливи за гласачите, кои ќе го немаа чувството на „фрлен“ глас имајќи го предвид изборниот модел со 6 изборни единици, кој воопшто не им одговара на помалите партии.

stojance-angelov

ФОКУС: Филип Петровски тогаш јавно предупредуваше дека во десничарскиот кампус има тројански коњи. Додовски, пак, по изборите изјави дека пасивните генерали биле тројански коњи. Ако подвлечеме линија денес, Љубе заврши в затвор, вие сте на работа во Ирак, додека Додовски и Петровски се дел од владејачката структура.

АНГЕЛОВ: Предизборна реторика. Не верувам дека Филип Петровски, ниту, пак, Додовски намерно одработија за Груевски. Филип беше најревносен во напорите да се обединиме. Се обидуваше да ни „нацрта“ дека ако настапиме самостојно, нашите гласови ќе бидат масакрирани, а она што ќе остане од нив, ќе заврши во ветер. Мене тоа ми беше прилично јасно, но во тогашната приказна за обединување јас бев најмлад по години, најмал како партија и најнеискусен како политичар. Во сеќавање ми остана патолошката омраза на Филип Петровски кон Груевски. Иста таква омраза кон Груевски се чувствуваше и кај Додовски.

 

ГИ РАЗБИРАМ, НО НЕ ГИ ОПРАВДУВАМ

 

ФОКУС: Е, па кој ја минираше тогаш идејата за заеднички настап?

АНГЕЛОВ: Додовски ми изгледаше искрено во желбата за окрупнување, но мислам дека таа желба отсуствуваше кај тогаш почесниот претседател на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски. Бидејки, ако тој сакаше, ќе најдеше механизам како да нѐ обедини. Не верувам дека Љубе ќе му се спротивставеше на Љубчо. Патем, сте го слушнале ли некогаш Додовски да го брани Груевски? Нивниот трансфер во ВМРО-ДПМНЕ не го оправдувам, но мислам дека беа многу разочарани и немаа избор. Филип со освоени 1.500 гласови извлече максимум за него и за неколкуте лица околу него. Додовски, пак, мислам дека ја прозре играта на неговиот почесен претседател, а во тој период имаше и сериозни здравствени проблеми поради што немаше некој избор. Повторувам уште еднаш. Мислам дека ми е јасно зошто направија трансфер, но, сепак, не ги оправдувам.

ФОКУС: Ниту вам, ниту нам во „Фокус“ не ни требаа бомбите за да го детектираме организираниот софистициран изборен криминал, кој успешно беше спроведен токму во 2011 година. Уцени, закани, поткупени гласачи, местенки беа дел од сцените кои беа јавни. Но, системот не функционираше, беше цврсто стегнат од фамилијата на власт. Зошто многумина не ги видоа сите овие криминали?

АНГЕЛОВ: Дел од граѓаните, под силно дејство на пропагандата на ДПМНЕ, воопшто не беа свесни за изборните манипулации и за криминалот. Други не сакаа да го видат бидејки беа во клиентелистички однос со ДПМНЕ. Дел го гледаа, но беа немоќни. Други го гледаа и се бореа против него, ама прилично безуспешно. Но, да бидам искрен, дури ни јас не верував дека толку педантно ќе ги одработат изборните манипулации, интриги и криминал. Тие буквално се бореа за глас повеќе, дури и тогаш кога беа убедени дека победуваат. Искористија мал милион методи, од законски до незаконски, од морални до неморални.

ФОКУС: Една од валканиците беа и лажните писма што наводно сте ги напишале  еден против друг, Вие и Љубе Бошкоски. И тогаш, како и денес, измислицата прв ја објави „Курир“, од каде што „веста“ ја презедоа Сител и Канал 5. Што стана со кривичната пријава што тогаш ја најавивте против нив? За растурањето на летоците со наводните ваши писма пријавивте и во полиција. Посочивте и дека ДПМНЕ стои зад оваа гадост. И резултат од тоа имаше ли?

stojance-angelov

АНГЕЛОВ: Со овие лажни и валкани писма во кои јас го правам Љубе „лом“, а тој ми враќа во иста мера, ни нанесоа голема штета. Ги објавија на Сител во петок попладне, неколку часа пред настапувањето на изборниот молк. Кога се јавив во Сител за демант, ме откачија, исмејувајќи ме притоа. На А1 ми кажаа дека не можат да демантираат нешто што тие не го објавиле. Покренав приватна тужба за клевета и нормално изгубив. На судското рочиште имаше и една апсурдна ситуација. Додека давав изјава, судијката збунето зјапаше во мене и ме праша: „А вие партија ли имате?“ Нормално, и одговорив потврдно продолжувајќи со објаснување. Малку потоа судијката збунето ме допраша: „А и Љубе Бошкоски ли има партија?“ Бев бесен, но немоќен. Намерно почнав од нула, ја информирав дека во 2001-та во Македонија имаше војна во која учествувавме и јас и Љубе.

 

СРЕЌАТА НА ЛАТАС

 

ФОКУС: Зар не се изненади и дека сме имале војна во 2001?

АНГЕЛОВ:За некое чудо, за војната знаеше. Потоа ми се смачи, се тргнав од судската говорница и побарав прекин на рочиштето. Со друга тужба го тужев Латас за клевета бидејќи во интервју со Горан Стојков, меѓу повеќето валканици, ме обвини и дека сум ги злоупотребувал бранителите и воените инвалиди, нешто што посебно ме погоди, бидејќи и самиот сум тежок воен инвалид, иако вака облечен раната не ми се гледа. Нормално, го изгубив и тој процес, но задоволството да го тужам Латас ме чини околу 1.500 евра судски трошоци и трошоци за адвокатите на Латас, пари кои треба да ги платам од платата што ја заработувам овде во Ирак, ризикувајќи да ме фатат ИСИЛ и да ми ја пресечат главата. Но, што е губењето на мојата глава во споредба со среќата на Латас?

ФОКУС: Среќата!? Па слушнавме како се добиваат спорови од бомбите, а тоа не е среќа, туку дебели врски.

АНГЕЛОВ: Мислев на неговата среќа што сигурно ја чувствува кога судот ќе пресуди во негова корист. Среќа од чувството дека е недопирлив. Знае дека е виновен како црн ѓавол, но истовремено знае дека судот секогаш ќе го прогласува за невин додека жртвите на неговата нечовечност секогаш ќе бидат виновни.

ФОКУС: Надлежен за ваше платкање по провладините телевизии и на митинзи беше, како што веќе споменавте, генерал Горан Стојков. Го тужевте и за клевета. Како заврши процесот? Патем, Стојков заврши во затвор во случајот „Шпион“. Како го коментирате ваквиот епилог?

АНГЕЛОВ: Стојков е човек, кој свесно, заради личен профит, изнесе куп лаги за мене и за „Достоинство“. Спорот против него најверојатно ќе го добиев бидејќи во меѓувреме ја загуби милоста на Груевски. Но, откако го затворија, ми падна жал за него и ја повлеков тужбата. Стојков ни оддалеку не е дораснат на игрите и интригите во кои се вплетка.

Затоа, и покрај штетата што ѝ ја направи на државата, на „Достоинство“ и на мене лично, сепак ми е жал за него и сметам дека треба да биде помилуван и пуштен на слобода.

 

НЕ МЕ ИЗНЕНАДИ НИВНАТА ЗЛОБА

 

ФОКУС: Покренавте тужба и против Гордана Јанкулоска затоа што тврдеше, а вие велите излажа, дека има правосилна пресуда против вас. Беше вклучен и одделот за организиран криминал против вас за наводни лажни боледувања, за што се заканува казна затвор над 5 години, што, пак, значи дека може да користат посебни истражни мерки. Бевте ли и Вие, како и Љубе, следени и слушани? Не ве слушнавме во бомбите на Заев?

АНГЕЛОВ: Јанкулоска излезе видовита, апелациониот суд неколку месеци подоцна ја потврди пресудата против мене и уште десетина лица од кои речиси сите поранешни старешини во МВР. Мене до ден денес не ми е јасно за кое дело сме осудени со 6-месечна казна условен затвор. Слично беше и со обидот за мое затворање за наводни лажни боледувања. И уште неколку случаи за кои јавноста не знае. За тоа дали сум слушан и следен, најдобро е да прашате кај тие што знаат. Јас сум повеќе од сигурен дека против мене се преземани и сѐ уште се преземаат сите можни законски и незаконски мерки и дејствија.

ФОКУС: Спектакуларното апсење на Бошкоски го искоментиравте за „Фокус“, „Начинот на кој го уапсија Љубе, буткањето на земја, влечкањето, цело време го потпираа на подвижниот тоалет, а тоа не верувам дека е случајно, бидејќи е направено така за да ги исплашат останатите што гледаат, а Љубе да ги исмеат и да го понижат“. Е сега, зошто некои политичари и јавни личности требаше да го слушнат Сашо Мијалков во бомбите за да прогледаат? Ве изненади ли злобата?

АНГЕЛОВ: Да бидам искрен, не. Не ме изненади нивната злоба. Злобата кај нив ја видов првите месеци кога дојдоа на власт, но за тоа подетално во некоја друга пригода.

ФОКУС: Зошто не сега?

АНГЕЛОВ: Бидејки ќе ми требаат неколку страници од вашиот неделник, но, еве, ќе кажам само еден пример. Во 2006 година, во една акција беа уапсени неколку полицајци што работеа на граничните премини. Бев на работа втора смена во ПС Карпош. Пристигнаа возила на „Тигрите“. Од едно возило излезе полицаец во сина полициска униформа со раце врзани со лисици. Го препознав. Му бев старешина претходно во „Тигрите“. Позади него одеше друг припадник на „Тигрите“ во маскирна униформа, на кого исто му претходно му бев старешина, со пушка вперена во грбот на неговиот колега со кого во текот на обуката најверојатно спиеле во иста соба, јаделе во иста менза, се веселеле на иста маса… До пред еден месец заедно оделе на работа, а тој ден едниот имаше вперено оружје во другиот. И сето тоа за дваесетина евра, бидејќи уапсениот полицаец едвај да беше еден месец на граничен премин. Тогаш бев во одлични релации со неколку лица од врвот на МВР. Се сретнав со еден од најблиските соработници на тогашниот директор на БЈБ, Љупчо Тодоровски – Радникот и му укажав дека таквата практика потсетува на времето на СДСМ кога директор во МВР беше исфрустрираниот Бранко Бојчевски, дека не е добро и дека внесува зла крв меѓу полицајците. Му укажав дека е доволно да му се јават по телефон и полицаецот сам ќе дотрча каде и да го повикаат бидејки со две мали деца и невработена сопруга нема каде да бега. Подоцна овој полицаец беше ослободен од обвинение, но траумата што ќе ја преживее тој и неговото семејство ќе остане засекогаш.

 

ИМАВ НАЧИН КАКО ДА ГО СОБОРИМЕ РЕЖИМОТ

 

ФОКУС: Што најмногу ве згрози од бомбите?

АНГЕЛОВ: Во емитуваните „бомби“ речиси и да нема разговор од кој не сум згрозен. Но, посебно ме згрози нивниот однос по емитувањето на бомбите. Да слушаш како некој за тебе зборува сѐ најлошо, дека си копиле, ненормален, болен, глуп, да те пцуе, да сака да те тресне со телефон по глава и што ли уште не, и ти следниот ден да застанеш до истиот тој човек, да му се смешкаш, да се прегрнуваш со него, да се правиш како да не било ништо… Е тоа не можам да го сварам.

ФОКУС: Неколку недели ги предводевте протестите пред МРТВ, барајќи да се пуштат снимките од бомбите. Зошто не успеавме да промениме нешто во јавниот сервис? Каде е „фалинката“?

АНГЕЛОВ: Во граѓаните. Но, и во водачите. Граѓаните се пасивни. Некои се исплашени, некои купени, некои, пак, се купени без да се свесни за тоа, некои немаат верба дека во ваков контролиран режим може да дојде до промена. Некои не веруваат воопшто или не веруваат доволно на водачите и на потенцијалните водачи на опозицијата. Да се собереа 10.000 граѓани пред МРТВ ќе беше друга приказна. Верувам дека го имав начинот како да го собориме режимот. Целата опозиција заедно. Ние дозволивме криминалци, крадци, измамници, насилници, исфрустрирани и неизживеани лица да останат на власт, и покрај тоа што со наши уши од нивна уста слушавме за нивниот криминал.

ФОКУС: Велите дека верувате дека сте го знаеле начинот како да го собориме режимот! Кој е тој начин?

АНГЕЛОВ: Сега е доцна да се зборува на таа тема. Освен што е доцна, секој мој збор може да биде злоупотребен од спин-мајсторите на режимот.

ФОКУС: Верувате ли дека Катица Јанева со тимот може да процесуира успешно барем дел од криминалните баханалии на власта? Ќе се охрабрат ли сведоците, ако треба и заштитени или загрозени, да прозборат надминувајќи го стравот?

АНГЕЛОВ: Не сум најсигурен, но верувам. Доколку се воспостави солидна соработка меѓу МВР и СЈО и доколку се тргне офанзивно, и тоа веднаш, без непотребно тактизирање и губење време, можно е. Во разговорите се изнаслушавме за еден куп ликови вплеткани во тежок изборен и организиран криминал. Доволно е да се „отвори“ само еден, кој било лик за клопчето да почне да се одмотува. А постојат многубројни методи за „отворање“. Кога еднаш ќе почне процесот на признанија и сведочење на ликовите од бомбите, макар и споредните, ќе биде невозможно да се сопре.

 

СПЕЦИЈАЛЦИТЕ СЕ ИСПРАТЕНИ КАКО ЈАГНИЊА НА КЛАЊЕ

 

ФОКУС: Навестувавте дека власта плаќа одредени структури да предизвикаат меѓуетнички тензии. Полициската акција во кумановското Диво насеље беше трагична, но власта се обиде да ја прикаже како успешна. Имате ли сега повеќе сознанија зошто и како загинаа толку полицајци?

АНГЕЛОВ: За разјаснување на сите детали потребен ми е цел еден број на „Фокус“. Ќе направам само скица. На 26 март, „Нетпрес“ излезе со обвинување дека „Заев, радикални исламисти од Беса и Стојанче Ангелов подготвуваат сценарио за крвава граѓанска војна во Македонија“. Оваа вест веднаш ми стана сомнителна бидејќи тактиката на ДПМНЕ е лесно предвидлива. Обвини го противникот дека го прави она што ти го правиш или она што ти планираш да го направиш. Веднаш потегнав некои мои контакти и релевантен извор ми даде информација дека од страна на човек близок до власта се дадени 2 милиона евра на група Албанци составена од платеници и криминалци и по некој борец доведен во заблуда, кои во име на албанската кауза треба да извршат напади врз македонската полиција или армија. Оваа информација ми беше потврдена од уште еден извор. Сфаќајќи ја сериозноста на ова сознание, на протестот пред МРТВ на 4 април ја предупредив македонската јавност.

ФОКУС: Дали тоа промени нешто?

АНГЕЛОВ: Тоа најверојатно малку ги забави креаторите на криминалното сценарио, кои морале да почекаат петнаесетина дена. На 21 април беше нападната караулата Гошинце. Оттаму напаѓачите се снабдија со големо количество оружје за кое не постоела никаква потреба, ниту, пак, оправдување да се чува во несоодветен објект обезбеден само со неколку полицајци, каква што беше караулата „Гошинце“. Благодарение на моето претходно предупредување, јавноста не го сфати сериозно овој напад, дури го зеде и на потсмев поради што тој го немаше посакуваниот ефект. Потоа претпоставувам дека работата излегла од контрола бидејќи не сакам да верувам дека се до толку сурови за намерно да пратат полицајци во смрт.

ФОКУС: Каде киксна МВР со акцијата?

АНГЕЛОВ: Точно ги имам лоцирано грешките и пропустите на полицијата, но и за нив во друга пригода. Инаку, доволни се само неколку дена за целосно расветлување на овој случај, барем во оперативниот дел. Ќе ја потсетам јавноста дека токму оваа власт стана позната по давањето звучни имиња на сите полициски акции. „Планинска бура“, „Змиско око“, „Метастаза“, „Шпион“, „Диригент“ итн. Зошто оваа акција немаше оперативно име? Во јавноста остана позната само како „Диво насеље“, име кое на акцијата ѝ го дадоа медиумите. Дали воопшто постоел оперативен план да биде извршена оваа акција? Ако на 27 април се почнати посебни истражни мерки против дел од учесниците во нападот на караулата кои учествуваа и во нападот во Диво Насеље, зошто се чекало до 9 мај? Зошто се чекало толку време за апсење на оваа група? Бидејки во МВР знаеле колкава е јачината на групата, каде се наоѓа, како е вооружена, за каков вид луѓе се работи, се поставува прашањето :зошто акцијата за апсење беше изведена на овој начин? Зошто специјалците се испратени како јагниња на клање кога се знаело што ги чека во овие неколку куќи?

ФОКУС: Многу зошто, ама загинаа многу луѓе!

АНГЕЛОВ: Тоа е една работа од која посебно сум тажен и вознемирен. Јас примив куршум во 2001-та и знам како е. Загинаа 8 лица. Загинаа 8 професионалци. Со неколку од нив бев близок. Војував со нив во 2001-та и навистина беа добри воини. Зад нив останаа еден куп мали деца. Овие деца си ги бараат назад своите татковци. Прашуваат за нив. Мислат на нив. Секој ден. Осум мајки се завиени во црно. Осум татковци венеат по своите чеда. Јас сум револтиран од кратката меморија на дел од македонските граѓани. Посебно на нивните колеги, кои не притиснаа за расветлување на овие крвави убиства. Останаа и неколку тешки, доживотни инвалиди. Затоа очекувам министерот за внатрешни работи да даде приоритет на расчистувањето на овој крвав настан.

 

ГРУЕВСКИ Е СОГОЛЕН ДО ГОЛА КОЖА

 

ФОКУС: Што може Оливер Спасовски да оправи во МВР, кое со години функционираше како МВРО-ВМРО? Како го оценувате Чавков?

АНГЕЛОВ: Пријатно сум изненаден од него бидејќи на самиот старт, веднаш по преземањето на министерската функција почна со формирање советнички тим составен од искусни професионалци со долгогодишен стаж во МВР. Верувам дека правилно ќе го насочуваат и дека барем делумно, но доволно, во клучните сегменти, ќе успеат да го департизираат Министерството за внатрешни работи. За Чавков не би можел да дадам оценка бидејки кратко време беше министер и не направи некакви значителни промени во МВР. Всушност, во негово време МВР остана речиси исто како што го наследи од Јанкулоска.

ФОКУС: Сметате ли дека приоритет е изборите да се одржат на 24 април или, пак, најважно е да се обезбедат условите од договорот од Пржино?

АНГЕЛОВ: Ќе беше најдобро доколку се формираше експертска влада, која ќе функционираше минимум една година и која максимално ќе ги демонтираше механизмите на режимот раширени во сите пори на општеството. Вака како што е сега, режимот ќе има пропагандна предност, без разлика кога ќе се одржат изборите. Но, јас верувам дека граѓаните овојпат ќе го казнат Груевски гласајќи против ВМРО-ДПМНЕ. Се сеќавам дека и во 2002-та, многумина во ВМРО-ДПМНЕ беа убедени во убедлива победа. Токму таа година, на ден Илинден, на Мечкин Камен во Крушево беше одржан можеби најголемиот собир во Република Македонија. Лично бев присутен. Толку луѓе на едно место немам видено никогаш. Само четириесетина дена подоцна, на 15 септември 2002-та, ВМРО-ДПМНЕ претрпе страшен пораз. Дали тогаш граѓаните гласаа за Бранко или гласаа против Љубчо? Мене не ми се верува дека гласаа за Бранко. Но, Бранко победи. Убедливо. Слично е и сега. Можеби мнозинството граѓани нема да гласаат за Заев, но ќе гласаат против Груевски.

ФОКУС: Груевски ветува дека ќе ја напушти премиерската функција, ама, согласно договорот, сто дена пред датумот за избори. Верувате дека тоа ќе го обесхрабри режимот (груевизам, нели, го нарековме) да не ги спроведува сите оние стари изборни шашми и дубари?

АНГЕЛОВ: Со проектот „Вистината за Македонија“, Груевски е соголен до гола кожа. Слушнавме на кој начин ВМРО-ДПМНЕ ги добива изборите. Колку и да се добри, колку и да се уиграни во изборниот криминал и манипулации, невозможно е да ги искористат сите методи што ги користеа претходно. Ниту по број, ниту по обем. Најголема опасност за нас претставува стравот и клиентелизмот кај гласачите. Имаше еден многу пластичен пример објавен пред неколку дена. На прашањето до еден постар човек, дали знае од каде се парите за пензии, тој едноставно одговорил дека „ич не ми е гајле, од кај сака нека бидат, важно е да има пензија“. Исто е и со субвенциите, платата во администрацијата, социјалната помош.

ФОКУС: Што очекувате во 2016 година: промени или зацврстување на режимот со уште покреативни одмазднички акции?

АНГЕЛОВ: Режимот е готов. Овојпат Груевски нема шанса. Ќе биде тешко, можеби ќе биде изедначено, ќе има игра на нерви до последен момент, но верувам во изборна реприза на 2002-та и победа на опозицијата. Можеби со помала разлика, но, сепак, победа.

 

ТРГНИ СЕ, ДА НЕ ТЕ ТРГАМЕ НИЕ!

 

ФОКУС: Како гледате на средбата Груевски – Бајден во Вашингтон, каде што разговарале за „добрите работи и за предизвиците“, како што објасни Груевски? Кои се „предизвиците“ од средбата?

АНГЕЛОВ: Избегнувањето на зборот „проблем“ има патолошка димензија и веќе не минува кај граѓаните. Пред да се вратам во Ирак, налетав на екипа на „Водовод и канализација“, која имаше предизвик со една затната канализациска цевка.

Мислам дека на сите им е јасна пораката што ја доби Груевски. Тргни сѐ, да не те тргаме ние. Како? Едноставно. Доволно е само да не му го дадат следниот кредит или да му наредат на Али. Но, јас не би спиел на ова уво бидејки Груевски докажа дека е способен да презема чекори што се косат со здравиот разум. Затоа, ниту странците, ниту Американците! За некои работи мора да се избориме сами!

 

СЕ ФРАПИРАВ ОД РАЗГОВОРОТ НА МИЛЕ И КИРИЛ

 

ФОКУС: Што најмногу ве изненади или ве шокираше од бомбите, сеедно?

АНГЕЛОВ:Јас сум фрапиран од разговорот меѓу Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, во кој се договараат за два чартер-лета од западноевропски земји, кои чинат 105.000 евра за пренос на 350 гласачи и уште еден чартер-лет од Швајцарија, кој чини 90.000 евра. Замислете, потрошиле, ни повеќе, ни помалку, туку 195.000 евра за помалку од 500 гласови. А ние од „Достоинство“ им се спротивставуваме со буџет од неколку илјади евра. Е па, не бива.

НАЈЗЛОБНАТА ЛИЧНОСТ Е ГРУЕВСКИ

ФОКУС: Која личност ја доживеавте како најзлобна од бомбите?

АНГЕЛОВ: Дефинитивно, најзлобна личност од сите е Груевски. Не можев да верувам колку тој човек е полн со злоба и колку ужива во нанесувањето зло на други луѓе. Внимавајте, тој за рушењето на Космос бара да биде известуван за секоја промена, се јавува на Миле на секои десетина минути и лично дава согласност за рушење на зградата со динамит. Понатаму, дава наредба за рушење на други објекти во Гостивар за да се маскираат политичките мотиви за рушењето на објектот на Фиат Цаноски, притоа наредувајќи да се руши директно со експлозив. За нападот врз Жерновски дава прецизни инструкции, кажувајќи дури и колку шамари да му удрат. Скандал од невидени размери. Се исмејува со именувањето на Талат Џафери, споредувајќи го во разговор со Али Ахмети со личности од Илинденското востание, се исмејува и си поигрува и со законот за бранители од кој зависи судбината на луѓето кои ја бранеа државата, судбината на воени инвалиди, семејства на загинатите бранители…

 

 

Поврзани новости