Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ Максим Димитриевски вели дека она што го направил во Куманово било пресуден момент за да донесе одлука да влезе во трка за претседател на државата. Тој вели дека неговата изборна програма, наречена „Манифест за Македонија“, е базирана на 5 стратешки начела: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата, вклученост и одговорност. Воедно, програмата предвидува и 5 приоритети во првите 200 дена од преземањето на претседателската функција, кои, меѓу другото, подразбираат специјален експертски ЕУ-тим, кој ќе почне преговарачки процес за адаптација на преговарачката рамка, како и Национална стратегија за борба против корупцијата.
Разговара: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Зошто одлучивте да влезете во трка за претседател на државата додека сте на средина на мандат како градоначалник на Куманово?
ДИМИТРИЕВСКИ: Во животот ретко се јавуваат моменти кога се носат клучни одлуки. Вклучувањето во претседателските избори за мене претставува една од тие одлуки. Јас подолго време се обидувам да придонесам во Македонија да се сменат работите на подобро, не само за мене, туку за сите во државата. Затоа и сум влегол во политиката.
Она што го направивме во Куманово на локалните, кога успеавме да ги обединиме граѓаните, кои ја дадоа својата поддршка за една нова опција, различна од она што им се нуди од двете најголеми партии, кои 30 години се менуваат на политичката сцена, а животот не оди на подобро, туку на полошо, мислам дека беше пресудниот момент да ја донесам таа одлука и да излезам од удобната фотелја на градоначалник.
ФОКУС: На кои постулати се темели Вашата изборна програма и каков претседател ќе бидете доколку ја добиете довербата од граѓаните?
ДИМИТРИЕВСКИ: Изборната програма, која ја нарековме „Манифест за Македонија“, е базирана на пет стратешки начела и на пет приоритети во првите 200 дена од преземањето на претседателската функција. Начелата се: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата, вклученост и одговорност.
Со приоритетите точно се утврдени активностите што треба да се преземат со конкретни рокови. Во приоритетот број еден е предвидено во првите 100 дена, во интерес на побрза европска интеграција, да инсистираме на формирање специјален експертски ЕУ-тим, кој ќе почне преговарачки процес за адаптација на преговарачката рамка во согласност со реалните внатрешни општествени околности, во врска со историските прашања што ги оспорува нашиот источен сосед, а се директно поврзани со генезата на македонскиот национален идентитет.
Вториот приоритет предвидува во првите 100 дена формирање на специјален правен тим, кој ќе се посвети на основните европски модалитети за спроведување на меѓународното право преку имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, кои се однесуваат на неправедните одлуки на властите во Република Бугарија кон македонските организации, а кои се од суштинска важност за одржување добрососедски односи.
Третиот приоритет е во насока на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со соседна Република Бугарија. За таа цел, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат во сила, во истиот момент кога Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија.
Отворањето дијалог за евентуални предлози за уставни измени, кои би се однесувале на бришење на формулацијата „јазикот што го говорат 20 проценти“ и менувањето на сегашниот начин на избор на претседател на Републиката, за мене се неприфатливи бидејќи ги подриваат фундаментите на кои почива Охридскиот рамковен договор, за кој сметам дека е 100 отсто реализиран, и тоа е за мене приоритет број четири.
Како петти приоритет е во првите 100 дена предлог за Национална стратегија за борба против корупцијата. Во таа насока изразувам подготвеност да дискутираме за правните модалитети за промена на Уставот, во насока да се спречи апсолутната застареност на кривични дела сторени од избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт.
Сметам дека е неопходно, заради обезбедување правна сигурност, еднаквост пред законите и неселективна правда, во следниот парламентарен состав да се отвори прашањето за законски промени за изборот на јавен обвинител на Република Македонија. Наместо на предлог на владата, тој да се избира со двотретинско мнозинство на предлог на опозицијата, со мандат од шест години.
ФОКУС: Кој е Вашиот став за Преспанскиот договор и за Договорот за добрососедство со Бугарија? Дали, според Вас, треба да ги почитуваме и да се држиме до нив или треба да ги ревидираме и оспоруваме?
ДИМИТРИЕВСКИ: Преспанскиот договор беше влогот за нашето членство во НАТО. Македонија ги исполни сите обврски што беа наметнати со него.
Во однос на договорите што ги имаме склучено, не може и не смее да се дозволи Македонија да ги исполнува сите наведени обврски во нив, а другата страна да биде амнестирана од нив.
Ние мора нашите односи да ги засноваме на база на реципроцитет и да укажуваме дека секој договор има две страни. Нашата дипломатија, за жал, ги изгуби сите битки на маса.
ФОКУС: Дали сметате дека членството на Македонија во НАТО носи повеќе позитивни или негативни ефекти за државата?
ДИМИТРИЕВСКИ: Ние сме членка на НАТО и ја имаме сигурноста и заштитата од Алијансата како такви. Потребно е да се работи да се валоризира нашето членство во НАТО и да се унапредува нашиот придонес.
Меѓутоа сметам дека, без разлика на членството во НАТО, Македонија треба да има добро подготвена и обучена армија, која ќе биде способна да одговори на сите предизвици.
ФОКУС: Многумина заговараат теза дека треба да го раскинеме Договорот за добрососедство со Бугарија, кој беше една фаза до т.н. француски предлог, кој ни донесе преговарачка рамка со која ги отворивме преговорите со ЕУ, но сѐ уште не сме ги отвориле преговарачките поглавја поради неисполнување на обврската за уставни измени. Каков е вашиот став – дали треба да се стремиме да станеме членка на ЕУ и по која цена?
ДИМИТРИЕВСКИ: Процесот на пристап и членство во Европската Унија за нас е од големо значење, тоа е наша стратешка цел. Но, тоа мора да се случи без да го изгубиме достоинството и да ги загрозиме националните интереси.
Што се однесува до уставните измени, мојот став е познат. Може да изгласаме уставни измени со кои ќе ги внесеме Бугарите во преамбулата, но со одложена примена, односно тие да стапат во сила откако ќе станеме полноправна членка на Европската Унија. Ние мора да се заштитиме и да имаме гаранции дека барањата од страна на нашиот источен сосед нема да продолжат во недоглед.
Како што сега стојат работите, ние можеме да бидеме уценувани и запирани на секој чекор. Затоа мора да имаме план, на национално ниво, а и на државно, како чекор по чекор да ги смениме нештата и водата да ја наведеме на нашата воденица. Тука секако ќе биде потребна и поддршката на нашите стратешки партнери за да се оствари целта.
ФОКУС: Во овој предизборен период беше објавено дека сте повикан на распит во врска со кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување. Говорите дека се работи за притисоци кон Вас од страна на режимски систем, па на што поконкретно мислите – каде го лоцирате изворот на овие притисоци?
ДИМИТРИЕВСКИ: Не е првпат да имам вакви ситуации во избори, пред избори, во кампањи и да се соочувам со вакви постапки. Ова е еден во низата обиди на актуелната политичка гарнитура што владее со државата, да изврши притисок и тоа воопшто не ме обесхрабрува.
Јас сум човек што од првиот ден како градоначалник, а така планирам да работам, и доколку бидам избран за претседател на држава, работи исклучиво по закон.
Кога имате постапка каде што како на орган на локална самоуправа ви се обраќаат јавни институции, во овој случај гимназијата „Гоце Делчев“, каде што учат голем број ученици и дополнително школската амбуланта, преку Здравствен дом, и бараат од вас, како орган на локална самоуправа да го штитите јавниот интерес, тогаш нема двоумење. Јас сум должен да постапам и да го заштитам јавниот интерес.
ФОКУС: Во какви односи сте лично и како ЗНАМ со партијата од која потекнувате – СДСМ, како и со партијата со која соработувате на локално ниво – ВМРО-ДПМНЕ? Дали со некоја од нив би коалицирале на централно ниво по парламентарните избори?
ДИМИТРИЕВСКИ: Ова раководство на СДСМ досега безброј пати покажа дека не ја разбира, не ја практикува и не ја спроведува синтагмата „Интерес на државата“. Оттука, исклучувам коалицирање со ова раководство на СДСМ.
Ние на овие избори настапуваме самостојно, единствено во коалиција со граѓаните, со конкретна програма и проекти за кои сметаме дека се реално остварливи, односно настапуваме со реални ветувања.
Исполнувањето на нашите програмски определби и заложби се еден од најзначајните фактори за евентуални владини коалиции. Еден од условите за коалицирање со која било политичка партија, е потпишување на Декларација со која ќе се утврдат националните интереси на македонскиот народ и ќе се испишат црвените линии на Македонците.
Потоа ќе се утврди државна стратегија во која ќе бидат вклучени и сите етнички заедници што живеат на овие простори, во која ќе се зацементира веќе консензуалниот став за нашиот пат кон Европската Унија.
ФОКУС: Со оглед дека претседателските избори се поклопуваат со парламентарните избори, на кои за првпат ќе настапи партијата што ја формиравте ЗНАМ, каков резултат очекувате?
ДИМИТРИЕВСКИ: Очекуваме граѓаните да ја дадат поддршката, а Движењето ЗНАМ – За наша Македонија да стане фактор на стабилноста на политичката сцена во државата. Програмата што ја нудиме, „Проглас за достоинствена Македонија“, визијата и проектите што се содржани во неа, веќе се препознаени од граѓаните.
На кандидатските листи за пратеници за парламентарните избори од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се вклучени голем број интелектуалци, професори и стопанственици, кои со своето досегашно искуство и дејствување во одредени области се гарант за исполнување на сите ветувања од нашата програма.
Очекувам СДСМ да изгуби, а ВМРО-ДПМНЕ да не победи. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе биде политичкиот субјект, кој ќе биде решавачки фактор за формирање на новата влада во Република Македонија.