Пишува: Драган Алчинов
Денес Европската Унија го слави својот 60ти роденден. Не знаеме дали ќе го дочека 70тиот. Но, можеме само да се надеваме дека денес европските лидери и граѓани ќе се потсетат на тесната поврзаност меѓу европската интеграција и европскиот мир.
На денешен ден 1957 година беа потпишани Договорите од Рим односно Договорот за создавање на Европската Економска Заедница и Договорот за создавање на Европската заедница за атомска енергија, а стапија во сила после нивната ратификација во земји-членки на 1 јануари 1958 година. Овие Договори се сметаат за зачеток на Европскиот проект, па затоа денешниот ден се слави како 60ти роденден на Унијата.
Целта на Договорот за создавање на Европската Економска Заедница беше да се пристапи кон политичка унификација, обезбедување просперитет и стабилност преку промоција и овозможување поефективна економска соработка. Економската интеграција на европските земји е чекор во насока на создавање политичка унија. Договорот за ЕЕЗ (која подоцна ќе се транформира во Европска Унија) гo етаблира Заедничкиот пазар базиран на Четирите слободи (слободното движење на добра, капитал, услуги и луѓе). Со него беа воспоставени и институциите на Европската Заедница: Европскиот Парламент, Советот на министри, Европската Комисија и Европскиот суд на правдата.
По својата суштина Договорот од Рим, како и целиот процес на создавање на Европската Унија е мировен проект. Целта Европската Унија е да води кон политичко обединување на континентот и на тој начин да се воспостави траен мир. Идеолошките творци на Унијата поучени од искуството на светските војни работеа на европска соработка, обединување и создавање нов, европски, наднационален идентитет со надеж дека на тој начин ќе превенираат ново пролевање крв на територијата на Европа. И ете- Европа живее во мир речиси 70 години, токму благодарејќи на процесите на интеграција.
После завршетокот на Студената војна и падот на Железната завеса Европскиот проект започна да се шири кон земјите од Централна и Источна Европа, кои до тогаш припаѓаа на сосема поинаков општествено-политички систем. Но, проширувањето на Унијата не беше само геополитичко поместување кон земјите од Варшавскиот пакт и реваншизам кон Русија (како што некои тоа сакаат да го претстават). Напротив, проширувањето на Унијата се базираше врз усвојувањето на европските вредности од страна на земјите заинтересирани да станат членки. Европа бараше длабоки и суштински реформи во насока на воспоставување на стабилни институции кои ќе гарантираат демократски политички систем, владеење на правото, гаранции за човековите права и правата на малцинствата, пазарна економија и хармонизација на законодавството со европските нормативи. Економскиот и политичкиот прогрес беше неопходен услов за прием во европското семејство на слободни, демократски и просперитетни нации. Усвојувањето на овие вредности беше гаранција за мир и напредок. За поранешните комунистички земји ова значеше нов почеток, но и отпочнување на процесот на долги и тешки реформи. Регионот на Западниот Балкан заостануваше во процесот на европски интеграции поради крвавите настани од деведесеттите, но во 2003 година на Самитот во Солун се отвори европската перспектива и за овој регион- и токму европската перспектива стана главен иницијатор на реформи во овие земји.
Денес, 60 години од потпишувањето на Договорите од Рим, се чини дека европскиот проект иако се’ уште еднакво брилијантен како и во 1957 полека се претвора во неостварлив сон. Некои веќе од поодамна го предвидуваат крајот на Европската Унија; други- не само што го предвидуваат туку токму тоа и го посакуваат! Економската стагнација изминативе десетина година создаде сомнеж кај некои во успешноста на економскиот модел на Унијата. Зајакнувањето на илибералната демократија во некои земји-членки доведе до сомнеж во успешноста на Копенхашките критериуми. Брегзит беше силен удар за евро-оптимистите и некои сметаат дека со тоа отпочна процесот на дезинтеграција на Унијата. Бегалската криза создаде внатрешна криза не само меѓу земјите-членки туку и во општествата. Терористичките напади ширум Европа влеваат страв во коските на Европјаните. Рускиот експанзионизам, граѓанската војна во Сирија и европската инертност во справувањето со надворешните предизвици создаде дополнителни поделби. Слабата економија, бегалската криза, тероризмот, моќниот сосед на Истокот… создадоа клима поволна за национализам и популизам- кои пак несомнено водат кон создавање центрифугални сили и конечна дезинтеграција на Унијата (или барем целосно замрзнување на интегративните процеси).
Сево ова има влијание врз карактерот на Унијата. За ЕУ некогаш се предвидуваше дека ќе биде главниот опонент на САД; дека ќе биде суперсила со хуман лик; дека ќе биде предводник во создавањето на новиот светски поредок базиран токму на оние вредности на кои се основа и самата Унија. Но, ЕУ не само што не е суперсила туку не е ни хумана. Не само што не може да извезува стабилност и демократија туку ни самата не е стабилна и се’ повеќе станува недемократска.
Европа која е внатрешно раскарана и поделена, која е зафатена со своите домашни проблеми и која го губи интересот на подлабока интеграција и проширување е Европа која е премногу слаба и неефективна. Таква Европа не ја остварува целта за која всушност и беше создадена. Дополнително- слабата и неефективна Европа не може да го стабилизира Балканот кој во недостаток на други достигнувања лесно се врти кон отровот на национализмот. Затоа на Европа неопходно и’ се потребни реформи и враќање на патот на продлабочување на интеграцијата. Европа треба што поскоро да започне да зборува со еден глас и повторно да ја отвори можноста за брза интеграција преку засилување на реформските процеси на земјите од Западниот Балкан кои инаку оставени сами на себе ќе се вратат во деведесеттите.
Денес Европската Унија го слави својот 60ти роденден. Не знаеме дали ќе го дочека 70тиот. Но, можеме само да се надеваме дека денес европските лидери и граѓани ќе се потсетат на тесната поврзаност меѓу европската интеграција и европскиот мир. Уште повеќе можеме да се надеваме и дека нашите балкански политичари ќе ја сфатат оваа важна лекција од историјата на Европа и ќе ја применат во регионот, па ќе започнат да создаваат мир и просперитет не преку националистички флоскули туку преку конкретни реформи и блиска соработка. Затоа што ако мирот и просперитетот се тесно поврзани со интеграцијата, тогаш дезинтеграцијата неопходно води кон она спротивното од мирот и просперитетот.