Инсулин има, меѓутоа дилемата е дали тој е соодветен за сите дијабетичари. Ова е заклучокот што може да се извлече од денешната пресконференција на СДСМ и од реакциите на Министерството за здравство.
Претседател на Комисијата за здравство на СДСМ, Гоце Чакаровски обвини дека нема залихи од инсулинот што досега го примале 24.000 пациенти од кои 1.00о деца.
– Нема да има интервентен увоз за овој вид инсулин. Дали нема пари или целите се други, знаат Тодоров и Груевски. На пациентите им се менува инсулинот со друг, заостанат во залихите во земјава. Затоа министерот за здравство, правникот Никола Тодоров тврди дека инсулинска криза нема. Тодоров се оглушува на апелите на дијабетолозите дека ова што го прави не е дозволиво. На секој пациент му е препишан вид на инсулин што одговара на неговата состојба. Кај децата во развој, постои опасност промената на инсулинот да предизвика дисбаланс во организмот. Промените на крвниот шеќер кај возрасните може да доведат до фатални последици – предупреди Чакаровски.
На пресконференцијата веднаш реагираше Министерството за здравство.
– Ниту еден пациент со дијабетес, ниту беше оставен, ниту е оставен, ниту ќе биде оставен без потребната инсулинска терапија. Инсулинска криза нема, немало и нема да има! За сите пациенти со дијабетес мелитус има континуирано снабдување со инсулинска терапија – реагираа од министерството.
Откако СДСМ ги повтори обвинувањата за несоодветен инсулин кабинетот на Никола Тодоров коментираше дека за оваа мерка консултирале врвни и најдобри лекари за дијабетес од Македонија.