Доспеани, а неплатени сметки за струја, вода, греење, купен а неплатен инвентар и материјали, завршени, а неплатени договорни услуги – по овие основи државните институции, општините, агенциите, министерствата, училиштата, болниците должат најмногу, анализира порталот Порталб.
„Порталб“ веќе објави дека на пресекот од првата половина од оваа година околу 900 институции на државно и на локално ниво, агенции, министерства, регулаторни тела, образование, здравство, пријавиле доспеани, а неплатени обврски во износ од 304 000 000 евра. Од вкупниот долг, речиси половина е кон приватниот сектор, граѓански и невладини организации, а во „должничкиот круг“ е и самиот јавен сектор со меѓусебни долгови.
По кој основ – колку се должи
Фрапантни 55 % од долговите што ги имаат институциите што се под „државна капа“ и на централно и на локално ниво отпаѓаат само по три основи, за неплатени сметки за струја, греење, комуналии, за материјали и ситен инвентар и по основ на договорни услуги. Една од најголемите ставки за доспеани, а непатени обврски е ставката „други тековни услуги“ во кои спаѓаат стари долгови на Македонски железници кон југословенската Железница.
Структура на долг според вид на расход:
Други тековни услуги 72,5 милиони евра
Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт 43,0 милиони евра
Материјали и ситен инвентар 40,2 милиони евра
Договорни услуги 39,0 милиони евра
Други градежни објекти 21,6 милиони евра
Привремени вработувања 306 389 евра
Во милиони евра се бројат досепаните, а неплатени обврски и кон градежниот сектор, па така за извршени „други градежни објекти“ долговите изнесуваат скоро 22 милиони евра, за купени, а неплатени возила долгот на крајот од вториот квартал изнесувал 605 000 евра, за купени машини и опрема доспеаниот, а неплатен долг е 4,3 милиони евра, а дополнително за градежни објекти изнесува 2,1 милион евра. Само по основ на камтни плаќања кон домашни кредитори кои доспеале а не се платиле долгот изнесува 10,2 милиони евра а по истиот сонов но кон странски кредитори долгот е 1,1 милион евра. Доспеаните, а неплатени обврски за основни плати на крајот од првото економско полугодие изнесувале 2,3 милиони евра, а за придонесите од плата и за социјално осигурување биле на ниво од 3,4 милиони евра.
Долговите кон приватниот сектор на ниво од 147 милиони евра
Анализирано по сектори, според висината на доспеаните а неподмирени обврски највисоко котираат јавните претпријатија со пријавен долг од 114 милиони евра, зад нив се локалните претријатија основани од општините со 55,2 милиони евра, на трето место, како што веќе објави „Порталб“ се јавните здравствени установи кои пријавиле долгови од речиси 51 милионн евра.
Речиси половина од долгот што доспеал, а не бил платен од “државна сметка“ е кон приватниот сектор, односно вкупните пријавени доспеани обврски кои не биле подмирени во рок кон приватниот сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации на крајот од јуни изнесувал речиси 147 милиони евра.
Пријавени обврски според видови комитенти:
Обврски кон приватен сектор, здр.на граѓани и организации 146,8 милиони евра
Обврски кон јавен сектор 130,7 милиони евра
Обврски кон странство 24,3 милиони евра
Обврски кон физички лица 2,1 милион евра
Доспеани, а неплатени обврски пријавиле речиси сите ресори.
Така, Министерството за здравство должи 2,5 милиони евра, Министерството за внатрешни работи 2,3 милиони евра, Министерството за правда 1,2 милиони евра, Министерството за култура 863 000 евра, Министерството за економија 348 000 евра, Министерството за животна средина 314 000 евра а долгови пријавиле и министерствата за земјоделство, за одбрана, за информатичко општество, за надворешни работи, за транспорт и врски, за локална самоуправа, за финансии.
Општините Охрид, Тетово и Карпош според висината на доспаените, а неподмирени обврски се во првата „десетка“ (со тенденција на намалување на долгот по државната финансиска инјекција), но и други општини високо котираат според обврските, па така во првите педесет се и општините: Струга, Делчево, Кичево, Дебар, Ресен, Куманово, Гостивар и Гевгелија. Доспеани а неплатени обврски пријавиле речиси сите локалани власти.
Во образованието – освен средни и основни училишта, доспеани а неподмирени обврски имаат и високообразовните институции. Така на 109 то место според висината на долгот е Медиционскиот факултет – Скопје со долг од 385 000 евра, скопски ФЕИТ пријавил обврски од 145 000 евра, УКИМ – ФИНКИ 83 000 евра, Технолошко металуршки факултет – Скопје има доспеани, а неплатени обврски во износ од 60 000 евра а Правен факултет “Јустинијан први“ пријавил обврски од 53 000 евра. Неплатени обврски пријавиле и Факултетот за туризам – Охрид, Фармацевтскиот факултет – Скопје, Природно-математичкиот факултет – Скопје, Факултетот за безбедност, Факултетот за информатички технологии – Битола, Филолошки факултет – Скопје, Земјоделски факултет – Скопје, Педагошки факултет – Скопје, Факултетот за драмски уметности – Скопје, Шумарски факултет – Скопје и други.
Споредбената анализа за висината на долгот во вториот квартал во однос на првиот покажува дека во второто тромесечје намалување на долгот има кај општините и кај буџетските корисници додека доспеаните, а неподмирени обврски се зголемени кај јавните претпријатија, јавните здравствени установи, локалните претпријатија формирани од општините.
Анализата на податоци исто така покажува дека, покрај доспеаните, а неплатени обврски, годинава недоспеаниот долг изнесува речиси 100 милиони евра а догодина тој треба да се намали на 74 милиони евра.