Мила е Сиа од Македонија – Ќе имаме ли уште еден голем успех на Евровизија?

by Fokus

На 24-ти ноември во Полска, младата Мила Москов ќе не претстави на манифестацијата Јуниорска Евровизја. Деновиве беше промовирана песната и спотот со која таа ќе настапи, и веќе добива пофалби и позитивни критики на музичкиот канал на Јутјуб. Композицијата насловена ,,Fire” (Оган), е компонирана од Лазар Цветкоски, кој беше дел и од евровизискиот тим на Тамара Тодевска, додека пак текстот е на неговата сестра Магдалена Цветкоска.

Во неа се пее за амбициите и соништата кои горат како оган во душата, и ја носи пораката дека секое дете има соништа, дека сите ние сме почнале од ништо, кое потоа се претворило во нешто. Обожавателите на музичкиот настан од целиот свет, под линкот со песната на Мила изненадија со голем број на комплименти. Ја споредуваат бојата на нејзиниот глас со ѕвездата Сиа, предвидуваат висок пласман и порачуваат дека имаме победнички материјал.

Мила има 14 години и доаѓа од Прилеп. Познато е дека нејзин професор по соло пеење е Денис Димоски, кој и самиот учествуваше на Јуниорската Евровизија во 2005 година со песната „Роденденски бакнеж” и го освои осмото место. Таа беше избрана на шести јули во студиото М-3 на македонското радио, каде се одржа аудицијата за избор на претставник на Јуниорската Евровизија 2019.

Се пријавиле 19, а настапиле 18 кандидати кои отпеале по две песни по свој избор. Комисијата која ја избра Мила беше во следниот состав – Мери Попова, Маја Трпчановска и Розета Арсова.

Според соопштението на МРТ, Мила покажала дека има голем талент и одлични гласовни способности, по што едногласно била избрана. Носител на лиценцата за Јуниорски Евросонг 2019 е МРТ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости