На Македонија и треба сплотена и обединета ВМРО-ДПМНЕ. Без сплотена и обединета ВМРО-ДПМНЕ, власта ќе продолжи да се чувствува комотно, а нејзината неодговорност ќе оди на штета на сите граѓани и државата.
ВМРО-ДПМНЕ треба да биде пример како се работи отчетно и одговорно. Тој пример треба да го покаже се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски со појавување пред делегатите на вонредниот конгрес закажан за 28 март во Скопје, стои во најновото соопштение од Иницијативата за конгрес во ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, неговото одбивање да се соочи со сопартијците кои му ја дадоа довербата на вонредниот конгрес во Валандово, може да биде оправдување за секое идно неодговорно однесување на власта.
-ВМРО-ДПМНЕ мора да постави нови стандарди во политиката доколку сака да се наметне во јавноста како сериозна алтернатива на власта. ВМРО-ДПМНЕ треба да ги подигне критериумите кои го доведоа народот во апатија. ВМРО-ДПМНЕ има обврска пред членството и симпатизерите да ги врати 150 000 гласови кои беа загубени од изборите во 2016 година до изборите во 2020 година. Најодговорен за тоа е Христијан Мицкоски кој има обврска да објасни првo пред своите сопартијци се што сработел овие три години и дали ефектот од тоа што го сработел ги задоволува неговите очекувања и претходно поставени цели, велат од Иницијативата.
Од таму прашуваат дали се точни партиските информации кои се лиферуваат по медиумите дека Мицкоски обезбедил мнозинство и доколку се точни, зошто тогаш и се остава еден ден повеќе на власта доколку тоа е на штета на Македонија?
Инцијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во сабота во 12 часот пред Музејот на ВМРО ќе го промовира слоганот под кој ќе биде организиран конгресот, а и ќе ја објави точната локација, која ќе биде во Скопје.
Ивица Коневски од Иницијативниот одбор за промени, додава дека заканите кон нив доаѓаат од личности кои на тој начин сакаат да му покажат лојалност на својот, како што го нарекува, пастир.
-Мицкоски е деструктивен по карактер и опкружен е со таков профил на луѓе кои охрабрени од него, секојдневно шират омраза по социјалните мрежи. Обично тоа се нереализирани ликови кои се незадоволни од самите себе, свесни за својата неспособност и своите фрустрации ги демонстрираат секојдневно со негативни коментари, постови на ФБ и Твитер, покажувајќи лојалност кон својот пастир, вели Коневски.