Иницијативата на Левица ќе стигне до Џафери до крајот на оваа или почетокот на идната недела

by fokus

Левица минатата среда го поднесе предлогот за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на задолжителен дополнителен референдум.

Прашањето по кое Левица бара да се распише референдум гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.

Пратеникот Борислав Крмов за „Фокус“ вели дека утре истекуваат петте работни дена за собирање на 100-те потписи потребни за иницијативата и иако потписите се веќе собрани, ќе почекаат да измине рокот.

Отворени се 30-тина локални канцеларии на ДИК по општините за собирањето на потписите за иницијативата како еден вид генерална проба пред собирањето на задолжителните 150.000 потписи за референдум. Дали се работи за почетните 100 потписи за поднесување на иницијативата или финалните 150.000 за референдум, процедурата е иста. 5-те работни дена во кои се собираат потписите завршуваат утре. Потребните минимум 100 потписи беа веднаш собрани, вели Крмов за „Фокус“.

Иницијативата потоа ќе биде поднесена во Собранието до крајот на неделата или почетокот на наредната. Тогаш, повторно одлуката ќе биде во рацете на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Крмов вели дека според Член 191 став 1, од Деловникот, Џафери ништо не цени, туку веднаш ја доставува иницијативата до Законодавно-правната комисија и до матичната комисија, во случајов, Комисијата за политички систем.

Комисиите даваат мислење дали иницијативата е уредна и потоа оди на собраниска седница и последниот збор го има Пленумот.

Но, при иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери не постапи така, туку сам ја оцени како неуставна и тука процесот беше запрен. За ова Левица му поднесе кривична пријава за спречување на гласање и избори.

Претседателот Џафери силеџиски од една обична техничка процедура прави политички преседан. Преседан, кој многу ќе ја чини сегашната власт кога ќе премине во опозиција, најавува Крмов.

Тој додава дека доколку и во овој случај Џафери паушално ја отфрли иницијативата кршејќи го Уставот и Деловникот, Левица почнува со целосна блокада на Собранието.

На прашањето со кои мерки и чекори, ќе го блокираат Парламентот, Крмов вели дека прво и основно е блокирање на собраниските комисии, со поднесување илјадници амандмани и бескрајни говори.

Ја оставаат отворена и опцијата за блокирање на комисиите на кои дебатата е ограничена и технички не може да се блокираат.

Тоа се Комисијата за европски прашања, Комисијата за финансирање и буџет и Комисијата за економски пршања. Неодамна бевме сведоци на насилничко однесување на Претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми и тргнувајќи од тоа сега и блокирањето на тие комисии е отворено прашање и опција. Со други зборови, отворени се сите опции за целосна парализа на Собранието, заклучува Крмов.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости