Разводот на бракот не значи престанок на родителството, така што родителите треба одговорно и еднакво да се грижат за детето и по разводот. Потребно е да се смени сегашната неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по развод, а во насока на воведување заедничко родителство, вели Наум Рибарoски од граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод.
Во таа насока, потребни се и измени на Законот за семејството со кој ќе се прецизира можноста за рамноправно остварување на одговорно родителство и по разводот, на кои упатува и практиката на Европскиот суд за човековите права, но и Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа 2079 (2015) во која се нагласуваат еднаквоста и споделената одговорност, тврди Рибаровски.
Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на Република Македонија на 6 ноември ќе одржи втора јавна расправа на тема за заедничко родителство по развод, овој пат со цел да се разгледаат предлог законските промени на оваа граѓанска Иницијатива.
Истата комисија на 14 мај 2018 година веќе одржа расправа за Потребата од заедничко родителство во Република Македонија, после развод и разделба и усвои заклучок дека се потребни измени во Законот за семејство во насока на воведување заедничко родителство по развод. Овој заклучок беше мотив за Иницијативата со сопствени сили да ги изработи предлог законските промени, но и два подзаконски акти (Предлог правилници за определување на видување и за определување на алиментација) коии сега ќе бидат предмет на разгледување во Комисијата.
Предлог законските измени на Иницијативата, се однесуваат на дефинирање на тоа што е заедничко, а што самостојно вршење на родителско право, и тоа во правна и во физичка смисла. Најбитно е што се воведува квантификација на тоа што значи заедничко родителство во физичка смисла – секој од родителите да поминува по 120 до 180 дена годишно со своето дете.
-Можеби најважна одредба е дека заедничкото родителство ќе се однесува на сите случаи, освен исклучоците опфатени во еден член од законот кои се однесуваат на родители кои не сакаат, не можат или не се подобни за заедничко вршење на родителското право (зависници, осудени насилници, душевно болни) итн, објаснува Рибароски.
Кои се промените по предлог на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод
Рибароски вели дека според Иницијативата, наместо сегашниот застарен еднородителски систем со кој државата во голема мерка го исклучува едниот родител од животот на децата по разводот, се залагаат за воведување на заедничко родителство по развод преку дел од овие промени: Воведување одредба дека двајцата родители независно од брачниот статус остануваат еднакво одговорни за своите деца и заедно ги донесуваат главните одлуки кои се од интерес на детето. Регулирање на видувањата на децата со родителот со кој не живеат (бидејќи на децата мора да им се определи една адреса на живеење)во согласност со Правилник за изработка на родителски планови.
Овие одредби треба да бидат почетна основа при донесувањето на одлуки за контакт на детето со родителите.
Иницијативата се залага и за следните измени со кои треба да се обезбеди фунционирање на новите законски одредби за заедничко родителство по развод: Формирање на медијаторски центри (советувалишта) кои ќе бидат задолжителниза сите родители кои се во фаза на развод , со цел барем да се постигне договор за контактите со детето. Трошоците за посетување на овие советувалишта треба да ги сноси државата. Цврста заложба на Иницијативата е заедничкото родителство да важи по сила на закон, односно независно дали родителите можат да постигнат меѓусебен договор (со помош на медијаторските центри или самостојно). Воведување на силни институционални механизми со кои ќе се обезбеди извршување на решенијата за видување. Во оваа насока треба да се формираат семејни извршителски служби кои ќе реагираат при секо прекршување на решенијата или спогодбите за видување. Прогласување на родителското оттуѓување (дефинирано како влијание од страна на едниот родител, детето да го отфрли другиот родител) за форма на детска злоупотреба и соодветно законско третирање на таквата злоупотреба.Докажаните лажни пријави за физичко и други типови на насилство, педофилија или други форми на злоставување да бидат основа за одземање на родителското право.Решавање на издршката во склад со принципите на заедничко родителство и според искуствата на други земји, што подразбира квантифицирање на потребите на децата и подмирување на тие потреби од двата родитела, согласно нивните приходи и времето кое го поминуваат со децата. Со цел да се престане со сѐ почестата пракса едниот родител да го преселува детето во странство без согласност на другиот родител (а со дозвола на Центрите за социјална работа), се предлага да се забрани изнесување на деца до 14 годишна возраст во странство на период подолг од 30 дена, доколку не постои за тоа согласност од двајцата родители, пишува во документот (policybrief) на Иницијативата изработен во рамки на проектот „Зајакнување на граѓанското учество во законодавните процеси“ кој се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ).
Поддршка од Народниот правобранител и „Меѓаши“
Оваа Иницијатива има силна поддршка од Народниот правобранител, и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ како и поддршка на Националниот демократски институт (НДИ).
-Споделената родителска одговорност значи дека родителите имаат права, обврски и одговорности во однос на своите деца. Инволвирањето на двајцата родители во одгледување на нивното дете е благопријатно за развојот на тоа дете. Разделбата на родителот од детето има непоправливи последици врз нивната врска. Една таква разделба треба да се наложи од страна на суд и тоа само во исклучителни околности кои предвидуваат тешки ризици за интересот на детето. Во својата Резолуција, Советот на Европа ги повикува државите членки да го почитуваат правото на татковците на споделена одговорност, овозможувајќи го тоа преку Законот за семејство кој ќе предвидува дека во случај на разделба или развод, можноста за заедничко/споделено родителство над децата е во нивен најдобар интерес, а врз основа на заемен договор меѓу родителите , се вели во Резолуцијата на Советот на Европа во која се нагласува и улогата на татковците во однос на нивните деца.
Заменик народниот правобранител и раководител на одделот за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби, Васка Бајрамовска – Мустафа, нагласува дека детето има право да биде чувано и воспитувано од двајцата родители, бидејќи, како што подвлече Бајрамовска, разводот на родителите не значи и престанок на родителската одговорност, што не е во интерес на детето.
Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада „Меѓаши“, истакна дека потребата за воведување на заедничко родителство и по разводот треба да е насочена кон она што е најважно – најдобриот интерес на детето. Според него детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители. Од особена важност за детето се поддршката и љубовта од двајцата родители. Тоа не треба да се отуѓува од родителот. Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството.
Дел од предизборната кампања на СДСМ
Иницијативата за заедничко и одговорно родителство и по развод започна пред пет години кога група родители побараа измени на Законот за семејство, со што би се остварила праведна положба на родителите во однос на остварувањето на родителските права по развод. По одржаните бројни јавни расправи, дискусии и обезбедувањето на поддршка од релевантни институции, а особено откако со сопствени сили и средства изработија предлог законски промени и предлог подзаконски акти, од Иницијативата се надеваат дека е дојдено времето конечно да се изгласаат овие законски промени.
Нашата Иницијатива ги задоволува сите заложби за кои редовно слушаме од Владата, особено од Министерката Царовска – еднаквост и едно општество за сите, родова рамноправност, инклузивност, секое дете е важно итн. Во услови кога сами ги спремивме сите потребни документи, очекуваме од владејачката партија да го исполни ова свое многу битно изборно ветување – вели Горан Димовски, уште еден член на Иницијативата.
И навистина, ова беше дел од предизборната кампања на Владејачката СДСМ, План за живот во Македонија, каде на стр. 53 децидно е нагласена поддршка на заедничко родителство.
„Двајцата родители имаат еднакви права и обврски спрема децата по разводот. Целта треба да биде по разводот децата половина од времето да го користат со едниот родител, а половина со другиот родител. Со ова ќе се овозможи здрав развој на децата и можност за позитивно влијание врз децата од двајцата родители. При реализација на оваа мерка ќе се земат предвид родовите аспекти и системите за заштита од насилство врз жените. n Воедно, државата ќе реагира ако едниот родител не ги исполнува своите законски обврски. Ќе креираме Државен фонд за исплата на законска издршка на деца. Во случај родителот да не ја исплаќа издршката навреме, Фондот ќе ги исплати средствата кои потоа ќе ги наплати од неплаќачот. Со ова гарантираме навремена исплата на сите законски издршки од страна на родителите кон децата, стои во програмата.
Редакцијата на „Фокус“ испрати прашања до Министерството за труд и социјала, но до објавувањето на статијата не добивме одговор.
Соња Танеска