Имаме докази дека милиони за улично осветлување се слеваат на сметки на Мерко, тврди АА

by fokus

Трансакции oд милиони евра за улично осветлување на Струга всушност се слеваат на сметки на актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Рамиз Мерко и на Армен Кадриу, обвини на прес-конференција Идри Истрефи од Алијанса за Албанците. За овој, како што го нарекоа корупциски скандал од големи размери партијата ги известила Јавното обвинителство и Финансиската полиција.

-Станува збор за изнуда и кражба на милиони евра од буџетот на граѓаните на Струга од страна на двојката Рамиз Мерко – Армен Кадриу, а тоа трае неколку години преку една сомнителна концесија со многу законски прекршувања. склучена во вториот мандат на Рамиз Мерко помеѓу општина Струга и приватната фирма за јавно осветлување Сити лајт, рече Истрефи.

Досега само се зборуваше за овој скандал, но Алијанса тврди дека сега обезбедиле докази.
-Милионите што општина Струга ѝ ги дава на оваа компанија одат директно во џебовите на Рамиз Мерко и Армен Кадриу а за тоа сведочат десетиците банкарски трансакции кои што ние ги обезбедивме и кои ќе ги предадеме на сите медиуми во државата. Ќе им доставиме податоци за датумите, износот и субјектите на трансакциите, но не и оригиналните записи, бидејќи сакаме да ја осигураме безбедноста на изворот. За сите овие трансакции се известени Јавното обвинителство и Финансиската полиција, а за нивното нереагирање ќе треба сами да одговорат, нагласи Истрефи и повика на итна реакција на институциите.

Истрефи додаде дека станува збор за милионски суми на евра уплатени од Сити лајт „на приватната сметка на Армен Кадриу и неговото семејство и на сметката на приватниот универзитет на Мерко.

-За да биде скандалот уште поголем, Владата во текот на овој мандат исплати 50 отсто од долговите на општините. На општина Струга ѝ беа доделени над 2 милиони евра, додека Рамиз Мерко меѓу десетиците фирми ја избрал токму Сити лајт за одеднаш да и исплати над 1,2 милиони евра од тие средства. Причината се знае, изјави Идри Истрефи.

Мерко инаку во Струга влезе во вториот круг со кандидатот на Алијанса за Албанците.

Поврзани новости