„Дали позади сцената има политички договор за амнестија на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев или на фамилијата Заеви“ – ова прашање до актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го упати политичкиот аналитичар Сефер Селими, кој притоа го потсети премиерот дека како опозиционер го обвинувал Вице Заев за вмешаност во криминал во РЕК Битола, а неодамнешната постапка допрела само до ексдиректорот на ЕСМ Васко Ковачевски.
–Кога бевте во опозиција, во случајот РЕК Битола вашата партија и вие сами цело време обвинувавте дека во таа криминална акција или корупција е вмешан Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев. Зошто акцијата или обвинението престана до Ковачевски како директор на ЕСМ, кој исто така е надвор и е на пат да стане нов Драган Даравелски? Дали има политички договор позади сцена за амнестија на Заев или фамилијата Заеви? – праша Селими за време на дебатата на ТВ 21.
Во однос на тоа, Мицкоски одговори: „Не, ние не предупредувавме дека само Вице Заев дека е замешан, туку исто така предупредувавме, говоревме и имавме прес-конференции за многу инстант компании формирани во Тетово или во други градови во близина на седиштето на една политичка партија, кои што инстант се формираа и наеднаш станаа добитници на милионски бизниси во делот на увоз на јаглег…“.
Сепак, Селими му посочи на Мицкоски дека своевремено на брифинг со новинари кажал дека „Вице Заев е вмешан во криминал и корупција во РЕК Битола“. Притоа, премиерот посочи дека и претходно и потоа го кажал тоа и стои позади тој став, исто како што стои и позади други работи што ги говори. Потоа, продолжи за говори за последната акција, односно истрага во чии рамки осомничени се 23 лица за спорна набавка на адитив за котлите во РЕК Битола:
„Ние направивме една акција за која стојат основани сомненија за сторен криминал и 23 лица, минус еден, Ковачевски, кој не е достапен на органите на прогонот, веќе се покренати одредени истражни дејства, дел се во притвор, куќен или ефективен, дел се обезбедени на поинаков начин, и тоа претставува широка акција за која постојат основани сомненија дека се случил криминал. Ќе видиме понатаму во судските процеси дали ќе се прошири истрагата врз други лица, дали постојат докази и за други лица итн.
Но, ова не е единствениот случај кој се обработува, има и други случаи. Овој е поврзан со препарати кои се користат во производниот процес и капацитети на АД ЕСМ. Таму има и други случаи, како увозот на јаглен, ископот, како што се ремонтите. Затоа велам десетици случаи се во процес на развивање на органите на прогонот. Многу внимателно пристапуваме, гледате не упаѓаат специјалци во домовите на луѓето, ниту имаме маскирани специјалци кои пред очите на децата приведуваат луѓе кои потоа се констатира дека нема докази за кривично дело.
Внимателно завршуваат сите процеси надвор од очите на јавноста преку соопштение, бидејќи не сакаме да влијаеме врз пресумпцијата не невиност, достинството на луѓето, колку и да постојат основани сомненија дека тие сториле криминал. Така што никој нема да биде поштеден, ве разбирам зошто гледате со скепса на ова, но дозволете процесот да се развива… Сите кои добро ме познаваат знаат дека кога станува збор за правда јас сум бескомпромисен, и дека кога ќе тргнам одам до крај. Јас не се повлекувам…“.
Инаку, темата дека постои одредено зближување или соработка меѓу Заев и Мицкоски се развива уште откако Заев како премиер предложи концепт на заедничко владеење меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, така што двете најголеми партии би ја делеле власта според бројот на освоени гласови и пратеници на изборите. Подоцна, излегоа информации дека истата идеја Заев ја бранел и по повлекувањето од лидерската и премиерската позиција, пред претставници на новото раководство на СДСМ на чело со Димитар Ковачевски.
Всушност, тоа се случуваше во период на затегнати односи меѓу Заев и неговиот наследник Ковачевски. Тогаш, „Фокус“ пишуваше за причините за одалечување меѓу некогашните соработници, а меѓу нив беа изборот на Заре Милошевски за прв човек на АНБ, како и изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за организиран криминал. Исто така, објавивме дека Заев му нудел на Мицкоски поддршка од пратеници со цел предизвикување на предвремени парламентарни избори, додека истовремено, случајно или не, Мицкоски најавуваше предвремени избори.
(АРХИВА) Зошто Заев се разидува од Ковачевски и се врти кон Мицкоски?
„Булдожерот“ оди кон Бихаќка: Заев го форсира Филипче, Ковачевски не го жртвува Зечевиќ!
Зошто Заев му нудел пратеници на Мицкоски за предвремени парламентарни избори?
Иако идејата на Заев за заедничко владеење меѓу ВМРО и СДСМ не беше реализирана, сепак, многумина веруваат дека тој и Мицкоски имале одредена соработка. А, еден од нив е и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, кој за време на конфликтот на јавна сцена со неговиот наследник Мицкоски, меѓу другото, го обвини дека соработувал со Заев. Што точно кажа Груевски?
Мицкоски и Груевски си разменија тешки обвинувања, но и ниски удари за печатни грешки и лажни солзи!
Нови перспективи за бегството на Груевски: Го пуштила власта, со амин од Западот?!
„Со ниту еден збор или потег не сум направил раздор досега. Ако навистина сум планирал такво нешто, зошто не почекаа, да се види тоа, да направам нешто што ќе им биде поткрепа на тезите, а не од наводни озборувања и гласини да градат политики. Напротив, раздорот го направи тој со моето прогласување за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина. Заев го направи најголем пријател и сојузник, мене кој цел живот го бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот ме прогласи за непријател…“, напиша Груевски на Фејсбук.
Во тој контекст, лидерот на ДУИ Али Ахмети после изборите говореше за „црвени подруми“, алудирајќи на таен договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со цел Европскиот фронт предводен на ДУИ да не биде втора политичка сила. Деновиве, пак, и координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети, во еден телевизиски настап рече дека имаат информации дека „корумпиран дел од СДСМ“ одработил за ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Цел овој наратив за план за соработка меѓу двете македонски партии датира уште пред изборите, кога од Мала Речица обвинија дека „хибриден фронт“ работи на нивна дискредитација.
За тоа последен говореше и потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи, кој во гостувањето на поткастот „Политиканти“ рече дека немало ништо спектакуларно во нивните обиди да дојдат до двотретинско мнозинство за уставни измени, што беше кажано во контекст на нивниот обид за таа цел да го вратат во земјава Груевски. Туку, според него, спектакуларни биле средбите меѓу ВМРО и СДСМ, со посредство на олигарси, каде што, според него, се донела стратегија за оцрнување на ДУИ, бидејќи било оценето дека партијата премногу пенетрирала на политички и на економски план во државата.
– Тука се олигарсите што посредуваат меѓу македонските партии, кога велат дека ние мора да направиме 10-годишен договор во кој нема да дозволиме Албанците да нѐ уценуваат. Тука почнува идејата дајте да го оцрниме ДУИ и Ахмети, бидејќи без Ахмети нема да го срушиме ДУИ, а мора да го срушиме ДУИ за Албанците да го немаат влијанието. И од тука почнува цела кампања ДУИ и Али се коруптивни. Тоа е смислена стратегија, која краткорочно може дава резултати, но среднорочно е спротивна на природните процеси во државата – рече Османи.
Патем, и лидерот на поделената Алијанса за Албанците Зијадин Села, неодамна во интервју за „Фокус“ изјави дека Заев влијаел и придонел Мицкоски да постигне апсолутна победа на изминатите двојни избори. Како што посочи, поддржувачите и членството на СДСМ во овој случај се жртва. Токму по иницијативите за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, додаде тој, бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев бил ставен на „црната листа“ на САД.
–Кога зборувам за овие феномени претпочитам да зборувам за политички збиднувања и јавни изјави во минатото. Дали имаше изјава меѓу Мицкоски и Заев за време на кампањата и дадена рака меѓу нив дека ќе направат коалиција по изборите меѓу ВМРО и СДСМ со исклучување на албанскиот политички фактор? Тоа се случи во студио за време на кампања, 2020 година. Тоа е најава.
Потоа проструи, исто така, една информација по медиумите дека треба да се направи коалиција меѓу ВМРО и СДСМ, со исклучување на ДУИ додека станеме рамноправна членка на ЕУ. Но, за таква најава постои ризик. И во време на СФРЈ сме имале претставници во власта, но не го претставувале народот.
Исто е сега со легитимитетот за кој зборуваме. Јас имам право да се сомневам. Да земаш политички губитник кај Албанците како дел од власта, па потоа да создаваш ситуација кога ќе немаш потреба од организирана партија кај Албанците, па ќе земеш индивидуалци Албанци, па на Албанците ќе им кажеш еве имате претставници во власта. Оваа идеја наликува многу на тоа што Заев правеше…
Имаше информација и за средби меѓу Заев и Мицкоски, со олигарси внатре. А дали имаше ставање на „црна листа“ на некои олигарси по овој период? Кочо Анѓушев после овие иницијативи беше ставен на црна листа. Кога веќе јасно се покажа од страна на меѓународниот фактор дека таква идеја е неприфатлива, бидејќи ќе удира врз стабилноста на државата, а за целта зошто тие го правеа тоа немам информации, но претпоставувам дека се работи за бизнис зделки.
Не е во ред во општество како Македонија да се зборува за корупција, корупција, и да се ставаат во заборав некои што биле премиер долги години. Кој е договорот?… Ги паметите и сликите и она кога се појавуваше Сашо Мијалков кога цела држава се прашуваше каде е, а кога тој се појавуваше, имаше новинар што го чекаше да излезе. Сега, да не се правиме наивни.
Кога не може да се постигне такво нешто преку договор меѓу македонските политички партии, бидејќи тоа директно удира врз стабилноста на државата, зашто тоа може да го прави и албанскиот политички фактор како одговор на таква иницијатива, тогаш што правиш? Ги соединуваш гласачите и за тоа никој не може да ти забележи, зашто ќе велиш дека тоа е волја на гласачите – рече Села.
Во изјава за „Фокус“, поранешниот премиер Заев ги отфрли тврдењата на Села дека шурувал со Мицкоски, велејќи:„Ќе искористам една реченица која ја прочитав неодамна – Македонија е остров на рационалност, ама и океан на лудило и забеганост“. Во реакцијата, Заев посочи дека долги години бил дел од СДСМ и ја предводел партијата и затоа, според него, бесмислено е да се упатуваат такви обвинувања на негова адреса.
-Колку треба човек да е желен за власт за да може да каже вакви забегани и налудничави работи. Зарем има нормален човек кој може да поверува дека Зоран Заев може да биде против СДСМ? Повеќе од 9 години сум бил претседател на СДСМ и повеќе од 7 години потпретседател на СДСМ. Со мене на чело два пати ја донесовме СДСМ на власт. Нема потреба да потсетувам што се сум поминал јас и моето семејство, како и многу други истомисленици од „раката“ на ВМРО-ДПМНЕ последните 25 години.
Доволно е 27-ми април 2017-та само да го споменам. Човек што може да истреска такви забегани и налудничави работи во само едно интервју не е достоен ниту да биде тужен од мене. Тој човек другите го знаат веќе каков е, ама добро и сам себе да се погледне и да заклучи дали треба или не треба да се занимава се уште со политика. Ако замина и повторно се врати во политика за да зборува вакви небулози, подобро за него ќе беше да не се враќа никогаш повеќе во политика.
Кога го читав тоа што го изјавил за мене, си помислив дај Боже да не е човекот ваков од пресилните удари од вмровците инструирани и организирани од Груевски на 27-ми април 2017-та година. И после 3 години како сум заминат од политика, моето име и името на моето семејство вмровците го напаѓаат повеќе отколку на двајцата претседатели на СДСМ што се после мене – истакна тој.
Иако Заев беше многу подолго партиски лидер и премиер во споредба со Ковачевски, сепак, после политичките промени Ковачевски прв заработи кривична пријава од МВР на чело со министерот Панче Тошковски. Станува збор за случајот „Лотарија“, во чии рамки Ковачевски доби кривична пријава, бидејќи ставил точка на владина седница, иако тоа, според подносителот, не било законски. Сепак, за него засега не е поведена истрага од страна на Јавното обвинителство.
Влатко СТОЈАНОВСКИ