Од здружението Има иднина, предводено од Владимир Лазаревиќ, Јове Кекеновски и други кои бараат промени во ВМРО-ДПМНЕ и во Македонија, ги повикуваат сите граѓани да учествуваат на опозицискиот протест во недела на 17 мај во Скопје.
„Изминатите четири месеци сме сведоци на една неверојатна реалност во која живеат граѓаните. Една реалност на поделби, на уцени, присилби, на целосно погрешна претстава за тоа што е нормално, а што не е нормално. Сведоци сме на целосно уназадување на демократските процеси. Целосно блокирање на медиумите и тенденциозно известување со цел да се манипулира јавноста. Сведоци сме на целосно блокирање на европерспективата на Македонија. Сведоци сме на тоа како неуспесите и загубата на човечки животи се продава како победа. Како лажните и искривоколчени вредности се наметнуваат како државно наметнат став за тоа како треба да мислиме и во што да веруваме. Сведоци сме дека една мала група луѓе ги има окупирано јавни институции со години и со нив располага како што не се располага ниту со приватна сопственост. Со секој изминат час се ближи крајот на таквото владеење. Се ближи крајот на системот кој го наметна стравот да ни биде водечка општествена вредност“, стои во повикот.