Одложено судењето на Зоран Верушевски

by fokus

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, денеска седна на обвинителна клупа под обвинение дека незаконски поседувал пиштол. Првото рочиште веднаш беше одложено, бидејќи во судница не дојдоа двајцата адвокати на Верушевски. Филип Медарски не се појави поради здравствени причини, а Ангеле Илиевски во истиот термин имал закажано друго судење. Судијката наредното рочиште го одложи за 4 јуни.

Адвокатот Ангеле Илиевски претходно пред јавноста образложи дека Верушевски има оправдување за двата пиштоли, а за кои полицијата го товареше за недозволено поседување на оружје. Сега, обвинителството смета дека Верушевски незаконски го поседувал само службениот пиштол.

Едниот го добил во 1983-та додека вршел службена должност и е регистриран во евиденцијата на МВР и за него не треба дозвола. И вториот, вели Илиевски, е регистриран, а Верушевски го добил како награда во 1997-та од тогашниот министер за внатрешни работи Томислав Чокревски.

Останува нејасно како обвинителството ќе го поткрепи обвинението, кога Верушевски немал добиено барање од МВР да го врати пиштолот, а за тоа не е предвиден ниту временски рок. Како и да е, на Верушевски за ова обвиниение му се заканува затворска казна од 3 до 10 години.

Поранешниот шеф на тајната полиција е осомничен и во случајот „Пуч“, заедно со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Наскоро се очекува и овој предмет да влезе во судница.

Поврзани новости