Има доктори кои не ги пријавуваат заболените и не веруваат дека короната постои, велат од Лекарската Комора

by Fokus

Во македонското здравство постојат доктори кои не ги пријавуваат заболените за тестирање на ковид-19 и кои не веруваат дека новиот коронавирус постои, истакна за „Фокус“ претседателката на Лекарската Комора, Калина Гривчева-Старделова.

„Загрижувачки е фактот што еден дел од колегите сè уште своите лични убедувања ги ставаат пред сознанијата и насоките препорачани од Светската здравствена организација и државните здравствени авторитети и власти, при што се однесуваат спротивно на официјалните протоколи, медицината базирана на докази и кодексот на медицинската деонтологија. Овие колеги не ги пријавуваат заболените за тестирање и ги лекуваат во домашни услови, а некои дури сметаат и дека вирусот не постои или се работи за заговори, со што се зголемува ризикот од ширење на инфекцијата“, – тврди Старделова.

Вашите колеги од Инфективна, од болницата „8 Септември“, од Итната помош, од Куманово, Дебар и многу други, им порачуваат од Комората, ги споделија своите искуства во јавноста и имавте можност сето тоа да го прочитате и видите.

„Вирусот е тука и за жал носи жртви! Како ќе им објасните на семејствата на починатите дека вирусот е нешто што треба да се занемари? Бараме да ги почитувате сите протоколи препорачани од Светската здравствена организација и од Министерството за здравство за заштита од Ковид-19! Бараме да се однесувате одговорно како на вашето, така и надвор од вашето работно место! Бараме од сите вас да си ја исполните својата обврска кон пациентите со доследно придржување кон протоколите и начелата на медицината базирана на докази, добрата клиничка пракса и кодексот на медицинската етика и деонтологија!“, – додаваат од Лекарската комора.

 

Поврзани новости