Илјадници Бугари и денеска, 12-ти ден по ред, се собраа на антивладини протести, што се оддржуваат пред Националното собрание во Софија, а на кои се бара оставка од бугарската Влада.
Толпата извикуваше „Оставка“. На споменикот на Царот Ослободител беше кренат транспарент на кој пишуваше „Бојко, оди си“.
Меѓу транспарентите што се носеа можеа да се прочитаат и зборовите на поранешниот премиер Андреј Љапчев: „Со кроткост, со благо и со малку ќотек“.
Антивладини протести има и во други бугарски градови.
Стотици граѓани на Стара Загора уште еден ден се собраа на антивладини протести, а за првпат меѓу демонстрантите беше крената и кукла на премиерот Бојко Борисов. Со неа се предводеше процесијата, која стигна и до канцеларијата на партијата ГЕРБ во градот, каде куклата беше запалена. Барањата на демонстрантите се оставка на целата влада и на главниот обвинител Иван Гешев.
Жителите на Смолен, исто така, побараа оставка од кабинетот на Борисов и на обвинителот Гешев. На 12-тиот ден од антивладините протести, мал број демонстранти се собраа пред градската општина и извикуваа „Оставка“.
Протестите беа мирни низ целата земја, без судири со полицијата. Нови се закажани и за утре претпладне, во 9 часот, пред зградата на Националното собрание во Софија.