Текстот е објавен на 28 декември 2012 година.
Пишувал:
Никола МЛАДЕНОВ
Сосема неочекувано, опозицијата покажа исклучителна решеност, да не дозволи газење на процедурите при донесувањето на буџетот. За мене барем, просто неверојатна слика од досегашниот фин, салонски СДСМ, секогаш подготвен на помирливо надгласување од нааканото мнозинство. Повредената Радмила ја влечат по подот, Маринела не и се предава на пратеничка што просто ја дави околу вратот, и машко и женско опозициски расположено завршува вон собраниската сала, но јуначки, со отпор достоен за почит. Македонија да знае и светот да дознае, дека ,розите, се решени и на физичка пресметка како последна одбрана на своите ставови!
Надвор, пак, пред парламентот, уште поневеројатна слика. Бранко на чело на колоната, Заев од неговата десна страна, Стефчо од левата во улога на десно крило… По нив гневниот народ, со кого рушат огради ем полицајци пред себе. Потоа дојдоа ,желките, и се се смири, но, со горчлив вкус кај сите Македонци, оти, за жал, се случи и тоа. Среде Скопје тргна народ против народ. Од едната страна поддржувачи на опозицијата, од другата на власта. Летаат компири ем камења на обете страни, но, неспорно, Груевци имаат повеќе поддржувачи. Што е, впрочем, сосем разбирливо. Провладините медиуми ја ,инспекторираа, само опозициската општина Карпош, ама не појдоа во вмровските општини ем државни и јавни институции, за да видат колкумина нивни чиновници добија наредба да се најдат на готовс против ,туѓиот, народ. Така гледано, во Македонија навистина се случи нов Илинден, т.е. избрзано востание. Меѓутоа, зар можеше да се очекува поинаков исход? Дотолку повеќе што обете страни се задоволни од крајниот резултат!
Бранковци се среќни, затоа што најпосле покажаа заби. Конечно, сите видоа дека во земјава постои опозиција со трпение, кое не е бескрајно. Плус, сета операција ја изведоа за извонредно кусо време. Дополнително, сите видовме дека и оваа власт ги користи методите од дамнешното сдсмовско време, да не пропушта автобуси кон скопскиот плоштад со ,непријателска, иконографија. Најпосле, на дело се покажа бруталноста на власта, која не се стеснува ниту пред пуштање народ контра народ на десеттина метри меѓусебно растојание. За односот, пак, кон опозициските пратеници ем новинари, ич муабет да не правиме. Значи, на дело се покажа, со кого си имаат работа сите оние што не се по ќеифот на Груевци!
Но, навидум парадоксално, тоа е причината и на нивното задоволство. Власта, имено, покажа дека е подготвена на се, доколку и се заниша тлото под нозете, било во Парламентот, било на улиците. Таа е подготвена да дигне рака на пратеници, да разбрка новинари, да удри по опозициски лидери… Кој мисли дека може да куртули од нејзината рака, нека повели ако смее. Автократите немаат против да бидат сакани од својот народ, но секогаш повеќе веруваат во граѓаните што и го имаат стравот. Целта, значи, е постигната. После ова, бездруго е зголемен бројот на луѓето што би ја свиткале главата. Штом можат да дигнат рака на опозициски лидери и пратеници, што остана за ,обичниот, човек. Чуму ризик, веројатно вели нашиот кроток народ, кој тешко дека има некои големи симпатии кон насилниците. Кога би можел да бира, не верувам дека било кога би им дал повеќе од 10 отсто. За жал, така е. Народот би сакал да може слободно да бира, ама претходно некој друг да му се избори за тоа клучно демократско право на слободен избор!
Народот би сакал да може слободно да бира, ама претходно некој друг да му се избори за тоа клучно демократско право на слободен избор!
Овојпат е и уште подобро за власта. На своја страна го има и меѓународниот фактор. Западот не ги поддржува, ама воопшто не ги ни осудува. Напротив. Груевци извадија најмалку нерешено. Американците и Европјаните повикуваат на смирување на страстите кај обете страни. Значи, и кај ,крволочната, Шекеринска, која толку ,неодговорно, го има оштетено собранискиот килим со високата штикла. Се разбира, и тоа Западот не е баш нескршлив, па да држи збор како Груевски, ама, очигледно, овојпат нема нешто особено против неговата акција на брутално патосирање на опозицијата. Затоа, опозицијата нема друг избор. Како што напишав минатата недела, таа мора да оди до крај, без оглед на нејзината подготвеност. Доколку потклекне сега, таа нема што да бара ниту на локалните, ниту на парламентарните избори, кои бездруго би следувале набрзо по нив!
Нема друго, Бранко мора да блокира улици, патишта, да повикува на секаков вид граѓанска непослушност… За да може што побрзо да го разбуди гневот кај мнозинското население, се повеќе сардисано од извршители по сите можни основи. Доколку не успее, веќе е кажано, нема одење на избори. Поточно – има, ама со техничка влада, не со ова што ја предводи Груевски. Ситуацијата ќе се заострува до крајни можни граници, но, за секој случај, отстапката е тука. Падне ли оценка, дека изборите може да се загубат, тие мора да бидат бојкотирани. И, тогаш, нормално, ќе има пукање, што би рекол Заев, кој мошне вешто се извади на интелигентната ,патка, од Нетпрес. Тоа е тоа, опозицијата е доведена до ѕид – или ќе пука, или ќе ја пукаат. Никој воопшто не треба да биде загрижен дека ќе биде обвинета за подготвување крваво сценарио. И ништо да не прави, владината пропаганда ќе најде начин да ја оцрни како црн ѓавол. Така и е пишано – угоре високо, удолу длабоко!
Проблемот е само, како ќе рагира на надворешниот притисок, доколку странците решат да ја вратат водата во коритото, т.е. и опозициските пратеници во Парламентот? Дали СДСМ ќе успее да издејствува извинување од Трајко Вељановски макар со полуотворена уста, па, колку-толку, достоинствено да се врати на местото од кое беше буквално исфрлена на клоци? Тоа ќе биде прашањето над прашањата пред се постудените денови што доаѓаат, не баш соодветни за изразување граѓанско незадоволство под отворено небо. Тешко на опозицијата, ако мора да се врати назад со наведната глава. Каква што бездруго ќе биде, па макар до небо врескала, дека од сега натаму, власта ќе биде одговорна за сето лошо што допрва ќе не снајде. Фала на прашање, таа е таква веќе седма година, без тоа да влијае врз нејзините изборни резултати!
Ете, така, со многу неизвесности влегуваме во годината нова, која, дај Боже, да биде помалку лоша од оваа што изминува. Реално, повеќе не можеме да очекуваме, оти, очигледно, не сме ни заслужиле!