Груевски може да ме убие, но не може да ме скрши!

by Фокус

Текстов е објавен на трети декември 2010-та година во бројот 805 на неделникот „Фокус“

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Вешто игравте на политичко-медиумската сцена во изминативе години,  бевте број 1. Ова што сега Ви се случува, на накој начин покажува дека можеби се преигравте. Создадовте премногу непријатели од медимскиот бизнис. Со МПМ изданијата влеговте во војна. Со Ѕинго и Стојменов, кои се коалициски партнери на Груевски, исто така. Со печатницата на Бојо Андрески дури постојат и судски постапки за долговите на Време и Шпиц. Отворивте фронт и со случајот со весникот Коха, а да не заборавиме дека и Фрешпед беше солидно третиран во Вашите медиуми. И, сега, кога сте во жесток и отворен судир со моќниот премиер Груевски, безмалку ја изгубивте медиумската поддршка, дури и како колегијална солидарност за полициската блокада на А1? 

РАМКОВСКИ Може и така да се гледа, но, мислам дека е погрешен таквиот пристап. Јас само си ја работам својата работа. А што е мојата работа? Тоа е да има што повеќе гледаност телевизијата А1. Со тоа автоматски, но и логично е дека ги загрозувам бизнисите на другите медиум, и од бизнис и од политички аспект. Пресилна е А1 во однос на сите останати. Имаше одредени истражувања за гледаноста на телевизиите, каде што А1 има рејтинг од 45 отсто, некаде 7 отсто беше Сител, 4 отсто МТВ. Самите бројки доволно говорат. Ваквата доверба на гледачите го прават развојот на телевизијата, тоа е едниот аспект. Вториот аспект е политичкото пакување на одредени медиуми. Ако имате во предвид дека, еве, газдите на Сител и Канал 5 се во Владата, автоматски веќе овие медиум добиваат уште и политички аспект.

ФОКУС Добро, па и Вие бевте ептен близок со Груевски?

РАМКОВСКИ Кога ќе речете близок, тоа е преопшто. Во што бев близок јас со власта? Едноставно. работевме заедно само за земјоделието!

ЅИНГО И СТОЈМЕНОВ СЕ МАЛИ ПАРТНЕРЧИЊА НА ГРУЕВСКИ

ФОКУС Да, но уредувачка политика на А1 во тие први две години на Груевски, исто така зрачеше со национален патос? Значи, сте биле на ,линија,?

РАМКОВСКИ Можам да кажам дека соработувавме силно. Во 2006 година јас ги застапував правата на тутунарите и лозарите, како Партија за економска обнова (ПЕО). Имав поминато околу 50 илјади километри за средби со земјоделците. После изборите со Груевски се договоривме да ја затворам Партијата за Економска Обнова (ПЕО), а Владата да ја прифати нашата програма за развој на земјоделието.

ФОКУС Зошто да ја затворите ПЕО? Та, Груевски собра 30 партии кај него, во коалиција? Зошто и Вие не влеговте во таков дил?

РАМКОВСКИ Јас како Велија се чувствувам поинаку! Таман работа да бидам едно делче во оној негов мозаик, во таа негова свита. Имав проект и близината со Груевски дојде заради проектот. Тогаш за прв пат се појави Велија на сцената. Порано не беше Велија тема во политиката и во медиумите. До 2006 година моето име не беше толку актуелно, освен можеби кога ќе се скарав со некој уредник. Кога станав актуелен во политиката? Кога во 2006 година ја формирав ПЕО и се ангажирав максимално за земјоделците. А, кога дојде до разделување со Груевски, иако терминот разделување не е адекватен? Јас не се спојував и не се разделував, туку едноставно се договоривме за земјоделието. Е, во 2008 година, мислам дека два фактори беа причина што Груевски почна поинаку да ме гледа мене, а не јас него. Иако мене и како граѓанин сосема ме збуни, дури и ме исплаши со нападното враќање во антиката и пуштањето на оние спотови  за Александар Македонски. Но, се чини дека најмногу се подгрејаа работите кога некаде во септември и октомври 2008 година констатиравме дека не беа исплатени голем дел од субвенциите за земјоделците и почнавме силно да го пристискаме министерот за земјоделие Спасеноски. Предметот на мојата работа беа тутунарите, лозарите и млекарите. Па, ако сакате наречето го и разделување, но, поводот за тоа беше проектот кој го имав договорено со Груевски дека владата ќе го реализира!

ФОКУС И тогаш ја почнавте таа медиумска војна околу аграрот…

РАМКОВСКИ Зошто медиумска војна?

ФОКУС Кога два медиуми секојдневно си вадат валканици, а тоа трае како шпанскиве или турскиве серии, тогаш како да го наречете?

РАМКОВСКИ Ви признавам дека тоа навистина беше глупост. Сето тоа што го пласираше Силекс, Кратово, тоа беа глупости, па би рекол и моето. Кога самиот видов дека е толку глупаво, тој пинг-понг веднаш го прекинав!

ФОКУС Груевски интервенираше да престанете?

РАМКОВСКИ Не, нему му беше непријатно. А, како може мене некој да ми интервенира?! Релациите Груевски- Ѕинго и Груевски-Стојменов се сосема поинаква приказна…

ФОКУС Во што е поинаков односот на Груевски кон нив?

РАМКОВСКИ Тие му се мали партнерчиња. Тие ги користат телевизиите за да бидат во парламентот, односно во власта. Мене не ми служи телевизијата за тоа. Јас сум партнер во одреден проект, кога престана тој проект да функционира, си ја терам работата како што сметам дека треба да се тера!


ЗАРЕМ СЛУЧАЈОТ ЗЛЕТОВИЦА Е ЧИСТ?!

ФОКУС Дали сметате дека тие две телевизии се најагилни во креирањето на  сликата за Велија Рамковски како криминалец?

РАМКОВСКИ Факт е дека дојдовме до таа поларизација. Но, ако ги земете бројките што тие ги пласираат, можам да кажам само дека се катастрофа. Ќе видите дека, кога ќе се извршат контролите, кога ќе помине таа законска процедура, тогаш ќе се уверите дека тоа било само нивна кампања. За еден до два месеци, целата ова надуена кампања ќе падне на законска основа, ако го почитуваат законот. Но, тие упорно повторуваат дека Велија е криминалец. Во што сум јас криминалец? Нашата работа, трговијата и производството, се сиромашна работа. Медиумите исто така се присутни, но колку се богати е посебна тема.

ФОКУС Е, што е користа од власта за овие, како што ги нарекувате партнерчиња на Груевски? Владините реклами, бизнисот..?

РАМКОВСКИ Користа од нивното учество во власта е исклучиво бизнисот. Зар случајот ,Злетовица, е чист? За Злетовица се земени од надвор кредити од околу 70 милиони, а негова фирма, на Ѕинго, изведува дел од  работите. Сепак, тука се милиони во прашање. Замислете, се обидуваат и Сведмилк мене да ми го натоварат за наводни 32 или 35 милиони. Таму пред повеќе од една година влегоа инспекции, но, нема никаков наод. Кај мене влегоа инспекции и уште истиот ден има наод!? Како може тоа, човече?

ФОКУС Имате ли објаснување, зошто и после толку време нема наод од работата на инспекцијата во Сведмилк?

РАМКОВСКИ Објаснувањето е кусо: Тоа е организиран тотален криминал!

ФОКУС Власта е алка на тој криминален синџир?

РАМКОВСКИ Па, ако не беше, до сега ќе имаше поинаков расплет, некаков расплет. Пропадна цела фирма, долгови од 35 милиони од фабрика која чини 15-16 милиони, а млекарите и банките останаа без пари!

ФОКУС Колку му должите на Сведмилк?

РАМКОВСКИ Околу 250 илјади евра, што инаку ги нудев да ги дадам на млекарите. Не сакав да ги дадам на бандата. Тоа е мојот борч. Меѓутоа, јас на нив за околу 700-800 илјади евра им направив реклама на Сведмилк за нивното млеко, без да ми платат. И, ако тргнете од овој податок, тогаш тие мене ми должат. Но, замислете, мене ме обвинуваат за изгубена добивка на Сведмилк за милион и осумсто!? Тоа е лудо, тие направиле криминал од 32 милиони евра, а мене ме тужат за изгубена добивка! Каде им е добивката од тие 32 милиони евра криминал?

ФОКУС Сега откривте дека од владата на Груевски во изминатиов период сте добиле за реклами 4,5 милиони евра? Пред година-две ми одговоривте дека сумата била деловна тајна.

РАМКОВСКИ Сега веќе не е деловна тајна. Кога мене ме прават криминалец, кога сум нападнат така ужасно, тогаш да ги отвориме картите. Од 2006 до денес, Владата има вкупно платено 4,5 милиони евра на А1. Зборувам за вкупно 4 милиони евра, а 225 илјади евра од ВМРО-ДПМНЕ. За се ова што го зборувам, постојат документи. Има мониторинг за вредноста на рекламата, има повеќе институции кои тоа го евидентираат. Има вирмани, тоа е трага – колку платиле владата и ВМРО-ДПМНЕ. Маркетинг службата ќе ги достави сите документи и до европските институции и до Собранието, па нека формираат комисија за да го истражат тоа. Од тие 4,5 милиони евра, милион и двеста евра се платени од владата како за рекламирање на владините проекти, ама ние сметаме дека се од партијата. На пример, во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ одеше со реклами на нашата телевизија, но, подолг период не ни  плаќаше. Баравме да го намират долгот и тогаш рекоа дека можат да ни платат на ваков начин. Тогаш реков, добро – платете!

ФОКУС До каде е стигната инспекциската контрола?

РАМКОВСКИ Не сакам за тоа да зборувам. Никогаш нема да го направам тоа што тие го направија. Си има закони, служби, професионалци во таа работа. Кога ќе го имаме увидот, кога ќе имаме се, за тоа ќе си излезат службите со став. Не сум стручен за таа работа!

И ОВАА КОНТРОЛА ЌЕ ЗАВРШИ КАКО ОНАА ВО 2006-ТА

ФОКУС Зошто постојано одбивате да влезе инспекцијата во Вашите фирми или фирмите лоцирани на Перо Наков б.б., како сакате? Во 2006 година, кога Бучковски испрати инспекција, исто велеа дека 5-6 месеци не можеле да влезат во фирмите. Сега се повторува истата приказна…

РАМКОВСКИ Тоа не е точно, ниту за 2006 година, ниту за сега. Истиот ден имаше инспекторка која скоро два месеци работеше. Знаете како тие постапуваат? Какво им е сценариото? Доаѓат налутени, арогантни и прв сигнал на некоја наша неубава насмевка, тие се повлекуваат и таму веднаш прават решение!

ФОКУС Што содржеше записникот од контролата 2006?

РАМКОВСКИ Ништо, затоа што бевме чисти.

ФОКУС Се нагодивте со Бучковски? Така барем се шпекулира!

РАМКОВСКИ Не е точно! Тогаш дојдоа, си ја завршија контролата и резултатот беше безмалку нула, како што и сега ќе излезе нула!

ФОКУС Зошто сте сега убедени, кога власта искажува сериозни проценки за криминално финансиско работење на неколку фирми регистрирани на адресата на која се наоѓа и А1? Вклучени се многу институции од УЈП, финансова полиција, организиран криминал?

РАМКОВСКИ Кампања, кампања, кампања… Наместо тие да викаат, чекајте луѓе, ќе зборуваме кога ќе имаме податоци од контролата, јас сега викам – чекајте. Сите документи се кај нив, можат да ја извршат контролата.

ФОКУС Но, тие веќе излегоа со конкретни, милионски  суми за кои постои сомнеж дека се одлеале надвор?

РАМКОВСКИ Со упадот на полицијата и таквите изјави покажаа дека тоа е плитко, но сихронизирано. Полицијата зема се што има, ограбуваат и веднаш, уште истата вечер има судски налог. Кое е сценариото?

ФОКУС Добро, тоа се државни органи, не може да ограбуваат, веројатно запленуваат. Зошто Вашиот претставник, според официјална изјава, инспекторите го чекале 10-тина часа? Зошто веднаш не дошла?

РАМКОВСКИ Сите си беа тука, зошто да чекаат десетина часа?

ФОКУС Велат дека чекале овластен претставник на фирмите, тие го чекале овластеното лице, а госпоѓата наводно дошла од фризер?

РАМКОВСКИ Ич не сум информиран за тоа. Па тие викаат дека немало ниту полициски упад!?

ФОКУС Дали се изнесувани документи вечерта од Перо Наков б.б.?

РАМКОВСКИ Видовте ли тие што правеа, на што алудираа? Однесоа, избришаа, однесоа се, затворија канцеларии…

ФОКУС Добро, тие имаат налог да земат, да запленат. Дали било изнесувано?

РАМКОВСКИ Не знам. И нашите треба да видат што е изнесено, како е изнесено…

ФОКУС Нивното тврдење е дека таа вечер биле изнесувани документи од страна на возачи, затоа била полицијата дојдена?

РАМКОВСКИ Не знам за тоа.

ФОКУС Значи, чекате резултати од контролата, но, убеден сте дека нема да излезе ништо?

РАМКОВСКИ Апсолутно! Кога стручњаците и правниците ќе треба да се изјаснат, ќе видите дека нема да излезе ништо. А сега политичарите коментираат!

ЗОШТО НЕ ВЛЕГОА ВО А1, ТУКУ ВО ФИРМИ КАДЕ ШТО НЕ СУМ СОПСТВЕНИК?

ФОКУС Мирно спиете, немате страв дека власта може да Ве уапси? Штом веќе Ве тертираат под организиран криминал, тоа е сериозна работа?

РАМКОВСКИ Навикнав на тоа. Чудно, Велија им е мета, Велија е криминалецот, а вршат контрола каде што Велија не е сопственик!? Не Ви е тоа чудно?

ФОКУС А, зошто контролата не влезе во А1?

РАМКОВСКИ Зарем не е чудно? Прашајте ги  нив, зошто не влегоа во А1?

ФОКУС Каде бевте вечерта кога се случуваше тоа? Контактиравте ли со новинарите и уредниците?

РАМКОВСКИ Бев дома и секако дека контактирав . Кога ми се јави Младен, ми кажа дека не го пуштаат да излезе. Му реков, ако не те пуштаат, го имаш екранот!

ФОКУС Да, но потоа се создаде огромна тензија, при што во хаосот се изгубија основните релевантни имформации за тоа што е што, и зошто?

РАМКОВСКИ Мислам дека во таква една атмосфера, под полициска опсада, ништо не можеше да се планира, не можеше да се има смиреност и трезвеност. Новинарите излегуваа, а овие не ги пуштаат, па, поради тоа, новинарите се вратија и го отворија студиото. Кога го отворија студиото, народот почна да доаѓа, па после нив дојдоа специјалците…

ФОКУС Кога се повика од телевизијата да дојде народ, на некој начин, вие самите ја повикавте и специјалната полиција.

РАМКОВСКИ Тој дел не го знам. Во секој случај, кога реално ќе тргнеме како почна, а почна со тоа што новинарите, кои инаку ги знаат по лик, кога бараа да си заминат дома од А1, тоа не им беше дозволено. Младен Чадиковски како главен и одговорен уредник се враќа и си ги отвара студиото и кажа на народот дека вака и вака ни направија. Што требаше друго да направат?

ФОКУС Повикот на народ, автоматски значи да се испрати специјална полиција за да спречи поголем неред, бидејќи внатре беа инспектори.

РАМКОВСКИ Тој не повика, туку, со самото кажување што се случува, дека има полиција и дека не ги пушта новинарите да си одат дома, народот почна да доаѓа. Немаше повик од типот, доаѓајте народе да не браните. За се има видео материјал, каде што се кажуваше состојбата каква што е, за тоа не требаше да се молчи и да се скриеме под маса. Тој е новинар, ја има моќта, ја има камерата…

ФОКУС Ве викнаа ли Вас да дојдете?

РАМКОВСКИ Не, ниту во еден момент. А зошто не дојдов? Јас со сила треба да се туркам?!

ФОКУС Но, ги туркавте инспекторите во 2006 година?

РАМКОВСКИ Помина тоа време, во меѓувреме научив некои работи. Еве, некои велеа дека немало полиција пред А1, а после пак тврдеа дека гинеа новинарите. А зошто гинеа моите новинари? Се бореа лавовски.. Да го бранат Велија? Да се бранат себеси? Да ја бранат телевизијата? Тука има од се по нешто. Тоа што не дојдов, што значеше? Тоа беше прекрасен тест, извонреден, затоа што ако бев таму, тогаш јас ќе бев во центарот на вниманието.

МОЈАТА ФОТЕЛЈА Е ПОСИЛНА ОД ПРЕМИЕРСКАТА

ФОКУС Кога на А1 рековте: Знаев дека новинарите ќе си ја одработат работата, тоа беше разбрано како дека тие ја одработуваат Вашата работа…

РАМКОВСКИ Ниту новинарите не очекуваа толкава реакција ни од полицијата, ниту од народот. Од друга страна, при таква ситуација, А1 ги повикаа телефонски или било како, да се јават министерката на полицијата, претседателот на државата или премиерот. Ги прашуваа што прават, а тие тотално синхронизирано ги пуштија Горан Трајковски и Иво Котевски да си шетаат низ сите нивни телевизии. Да ве потсетам дека Груевски на митинзите мене ме прогласи за непријател и им порача на граѓаните да не веруваат на А1. Ова што сега се случува е продолжение на таа порака!

ФОКУС Но, барем според гледаноста, го победивте, условно речено, Груевски.  Доколку се точни податоците што ги објави А1, разговорот на Чомовски со Вас бил многу повеќе гледан од она што го муабетеа Груевски и Миленко на Канал 5?

РАМКОВСКИ Што е Нилсен? Го користат фирми како Кока-Кола. Дури 70 отсто од буџетот за рекламирање во светот се формира врз база на податоците и истражувањата на Нилсен. Е, според нивните податоци, односот на гледаноста беше 20 за мене, а 5 за Груевски. Бидејќи го репризиравме разговорот следниот ден, сакав да го догледаат луѓето!

ФОКУС Да, ама претеравте со репризите, напамет го научивме…

РАМКОВСКИ Сакав да ме сфатат луѓето. Медиумската битка не се води тој ден, таа недела, битката се води за гледачот, ние 18 години ја водиме таа битка.

ФОКУС Да, неспорно дека А1 е број 1 во Македонија. Но, зошто сега дозволувате да паднат некои стандарди? На пример, извештаите од оние митинзи  низ држававата за поддршка на А1, ми личеа на извештаите што ги даваше РТС за поддршка на ,курсот на 8-та седница, на Милошевиќ. Звучеа премногу соцреалистички…

РАМКОВСКИ Лелеее, сличноста со Милошевиќ можете да ја најдете на друга страна. Ако се случи народ, ако се случи полиција, ако се нападне медиум, ако се случи ,дечкичот, (Груевски, н.з.), кој што е ужасно силен пред Американците, тогаш јасно е дека А1 нема сличности со методите на Милошевиќ. Груевски се спротивстави на Америкаците, на Европејците, па сега се сврти нас да не среди! Тој се чувствува силен и затоа велам дека човекот има изгубено осет, дека неговата лична силина не е еднаква на силата на државата!

ФОКУС Во 2006 година, Вие изјавивте на А1 дека сте посилен фактор и од премиерите, затоа што тие се менливи.

РАМКОВСКИ Мојата фотелја е посигурна и посилна.

ФОКУС Дали и сега е сигурна? Посилен ли сте и од Груевски? Сепак, тој ги има сите алатки.

РАМКОВСКИ Е, се покажа дека ги нема!

ФОКУС Ама, еве, ги има инспекциите, полицијата, судот..?

РАМКОВСКИ Тој може да тргне со булдожер на А1, може да крши закон, може и да ме убие, но јас не се плашам од смртта. Груевски може да ме убие, но не може да ме скрши!

ФОКУС Имате ли обезбедување?

РАМКОВСКИ Нееее, какво обезбедување… Па јас три месеци возам мотор и така доаѓам на работа. Стравот се создава ако на некој му забивам нож во грб, ако му подметнувам, се разбира дека правејќи му лошо, почнувам да се копам себеси!

ФОКУС Сепак, сега Вас ве ,копаат,. Другите медиумски газди не се спорни за власта, а Вие сте прогласен за криминалец!

РАМКОВСКИ Јас не сум акционер, немам земено ниту една цигла од државата. Како можеш да направиш криминал, ако не тргуваш со дрога, ако немаш шверц низ царина.?! Овие Мијалкови имаат контрола врз шверцот…

ФОКУС: Како Мијалкови имаат контрола?

РАМКОВСКИ Па, ако едниот брат е во Безбедност, а другиот е во Царина, Горан Трајковски, пак, е по документите… што е сето тоа? Како може со прехрамбени артикли, со трговија, со колонијални продавници да се направи криминал?!

ФОКУС Сакате да кажете дека браќата Мијалкови, кои ја држат царината и полицијава, би знаеле претходно?

РАМКОВСКИ Па, тие ја имаат власта, имаат се. Не шверцувам дрога, ниту цигари, немам добиено ниту еден тендер, немам земено ниту една цигла општествена, па како тогаш јас сум криминалец!?

НЕМА ШАНСИ ДА ЈА УНИШТАТ А1

ФОКУС Добро, ама Ви реагираа новинарите од Време, заради неплатени придонеси. Не сакавте да си го платите долгот кон печатницата на Бојо Андревски…

РАМКОВСКИ Тоа е обичен бизнис пакет, колку што знам. Бидејќи, повторно да кажам, дека тоа не се мои фирми.

ФОКУС Ама долг постоел?

РАМКОВСКИ Долгот не беше постар од 45 дена. А, замислете дека обично просекот на плаќање е накаде околку 90 дена.

ФОКУС Новинарите што заминаа од Време во Нова Македонија, реагираа дека не сте им исплаќале придонеси.

РАМКОВСКИ Сега да ги прашате истите новинари што од Време заминаа тогаш во Нова Македонија, тие најдобро ќе ви одговорат на тоа прашање. Еве, Мери Јордановска дојде сега во А1 и таа е една од најдобрите новинари, а слушам дека шушкаат и дека уште многу други бараат ново работно место.

ФОКУС ,Бегалците, сакаат да си заминат од Нова Македонија?

РАМКОВСКИ Доволно е да кажам дека Време има тираж меѓу 20-30 илјади, а Нова Македонија има само 2 илјади. Ова е јасна и симптоматична причина зошто Минчо Јорданов ја зеде Нова Македонија!

ФОКУС Зошто Минчо Јорданов влезе во медиумските бизнис води?

РАМКОВСКИ Од истите причини како и Стојменов, Ѕинго, така и Минчо. Ним им треба медиумот како средство во пазарење со власта. Мене медиумот ми е бизнис и тука нема пазарење. Затоа е и судирот меѓу мене како газда на А1 со нив!

ФОКУС Се пазарите ли со Црвенковски за премиерска функција?

РАМКОВСКИ Оној момент кога ќе дозволам Црвенковски да ме стави за премиер, тоа ќе значи дека може и да ме симне. Зошто би го правел тоа?

ФОКУС А1 си тече. Ќе опстои ли телевизијата?

РАМКОВСКИ Апсолутно! Во државава наизменично се менуваат две партии на власт, а А1 е постојано во добра позиција , да може да влијае при негативното работење на секоја влада и многу силно тоа да го прикаже кај народот. Таа позиција е силна. Тоа се докажа до сега!

ФОКУС Од медиумите на ,партнерчињата, на Груевски беше пуштена неофицијална информација дека полицијата работи на заштитени сведоци за да дојдат до Вас. Со тоа кажаа дека целта сте сепак Вие, а не ,Перо Наков,?

РАМКОВСКИ Мене ми е смачено од начинот на кој Груевски функционира. Село гори, баба се чешла! Буквално, тој пак се прави фин, а тргнал против А1, Шпиц и Време!? Таков карактер е и во политиката. Вели, многу се трудам да го решам проблемот со името, ептен многу… Е, па, нека се породи веќе, ако толку се труди!

ФОКУС Значи, нема да ја реши А1, во тоа сте убеден?

РАМКОВСКИ Нема шанси!

ФОКУС Ќе падне ли Владава на демократски начин.?

РАМКОВСКИ Оваа Влада ќе падне затоа што го изгуби народот. Не сум политичар за да кажам по која тактика и техника ќе падне, но, мислам дека клучен и многу значаен датум беше четвртокот, со настаните со А1. И клучна ситуација, моја претпоставка е, дека ќе биде маршот на опозицијата.

ФОКУС Ќе одите на маршот?

РАМКОВСКИ Не, јас својата работа ја вршам на поинаков начин!

ЈА ПОВЛЕКУВАМ ИЗЈАВАТА ЗА КЕШОТ ОД ВМРО-ДПМНЕ

ФОКУС Рековте дека со пари од буџетот Груевски платил партиски долгови кон телевизијата. Како оди таа шема?

РАМКОВСКИ Ако одат три спота, ние пуштаме шест, што значи дека телевизијата ги пушта дупло. За сето тоа имаме договори со владата за сите медиа планови.

ФОКУС Значи, пуштавте повеќе пати владини реклами? Објаснете поконкретно?

РАМКОВСКИ На пример, ако 100 илјади евра чини кампањата, тие велат: Ќе ви дадеме 150 илјади евра, ама овие 50 илјади евра да ги сметате дека се за партијата. Поточно, за долгот на партијата кон А1. А, за тие 50 илјади евра, ние исто така им пуштавме реклама за партијата.

ФОКУС Како одеа оние плаќања во кеш?

РАМКОВСКИ Не, немало плаќања во кеш. Јас барем не знам.

ФОКУС Па, рековте дека оние пари кои се најдени кај една од вработените од фирмите на Перо Наков б.б. биле кешот од Груевски?

РАМКОВСКИ Ја повлекувам таа изјава. Тоа беше кажано во афект!

ЧЕСТО СЕ ГЛЕДАМ СО ЦРВЕНКОВСКИ

ФОКУС На 25-ти ноември бевте на ручек со Бранко Црвенковски?

РАМКОВСКИ Бог да чува – не!

ФОКУС Се зборува дека сте го договориле сценариото?

РАМКОВСКИ Не, како може тоа!?

ФОКУС Се гледате со Црвенковски?

РАМКОВСКИ Да, и тоа често. Но, што со специјалците? Зарем јас или Црвенковски можеме да дадеме наредба на специјалците да дојдат пред А1?! Јас разбирам да се собере народ, па да дојде полиција… Но, овде се случи обратното!

НЕ СУМ СОПСТВЕНИК, НО, БЛИЗОК СУМ ДО ВРЕМЕ И ШПИЦ

ФОКУС Дали сте сопственик на Време, Шпиц и Коха е ре?

РАМКОВСКИ Јас не сум сопственик, само сум близок до овие весници. При оваа поларизација во медиумскиот простор, добро е да бидете блиски со одредени весници.

ФОКУС Капиталот не е Ваш?

РАМКОВСКИ Ниту едно денарче!

ФОКУС Во што е тогаш блискоста? Сакате да кажете дека формално- правно не може да се докаже Вашиот сопственички дел во овие весници?

РАМКОВСКИ Па, не само формално-правно, туку и реално!

Поврзани новости