Екс фудбалерот на белградски Партизан и на Реал Мадрид, Предраг Спасиќ, бил принуден да моли за помош, открива во интервју за шпанските медиуми.
Здружението на ветерани на фудбалскиот клуб Реал Мадрид го контактирало Предраг Спасиќ по неговите молби за помош.
Поранешниот југословенски репрезентативец во својата кариера настапуваше за Раднички од Крагуевац, Партизан, Реал Мадрид, Осасуна, Атлетико Марбела и Раднички од Белград, а моментно е во тешка ситуација.
Минатата година во интервју за шпански „Релево“ зборуваше за тешката финансиска состојба во која западнал.
„Ми треба помош во економска смисла. Живеам од ден на ден, во тешка ситуација сум. Треба да си силен за да надминеш се“ – рече Спасиќ.
Тој помина една сезона на Бернабеу во која одигра 22 натпревари, а западна во финансиски проблеми откако вложи пари во проект кој пропадна. Неговиот автогол на натпреварите меѓу Барселона и Реал Мадрид е еден од најчудните во историјата на Класико.
„Кога ја завршив кариерата се вратив во Србија во 1996 година и тогаш почнаа моите проблеми. Компанијата во која инвестирав пропадна и после тоа бев во тешка ситуација. Морав да барам друга работа за да можам да живеам нормален живот. Некоја работа што не можев ни да замислам дека ќе ја работам – како магационер во фирма. Живеам од работа за која ме плаќаат 400 евра месечно. Имаше и депресија, но кога се вратив во Србија имав пријатели кои дојдоа да ме сретнат и со помош на луѓе од медицината успеав да се извлечам“ вели тој.
Спасиќ е роден во Крагуевац, играше како централен дефанзивец, а за репрезентацијата на Југославија настапи 31 пат.