Белоруската опозиционерка Тихановска осудена на 15 години затвор

by Fokus

Белорускиот суд во отсуство ја осуди лидерката на опозицијата во егзил, Светлана Тихановска на 15 години затвор, објави државната новинска агенција Белта.

На Тихановска од јануари годинава и се судеше во отсуство за предавство, а нејзините поддржувачи ги отфрлија обвиненијата како „бесмислени и фарсични“.

Ројтерс потсетува дека Тихановска побегна од Белорусија откако се кандидираше на претседателските избори во 2020 година, кога беше главен конкурент на Александар Лукашенко.

Тогашните избори беа проследени со масовни протести, откако опозицијата го обвини Лукашенко за изборна измама, што тој го демантираше.

По задушувањето на демонстрациите, Тихановска стана лидер на опозицијата во егзил, а не ги призна изборите на кои Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, доби нов мандат.

Судењето на Тихановска започна во средината на јануари, а оваа белоруска политичарка, која тогаш живееше во главниот град на Литванија, Вилнус, за Ројтерс во Давос изјави дека не очекува дека тоа ќе биде фер.

„Во Белорусија нема фер судење. Кај нас живееме во апсолутно беззаконие, така што утрешното судење ќе биде фарса и шоу, но не и фер“, рече Тихановска во интервјуто на маргините на Светскиот економски форум.

Поврзани новости