ИФИМЕС: Апсењето и казната за Мијалков спречија мини-државен удар

by Фокус

Во Северна Македонија изминатите денови на сцена бил обид за мини државен удар за да се сруши Владата на Зоран Заев“, пишува ИФИМЕС (Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии), во анализата по повод пресудата од 12 години затвор за поранeшниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков во предметот Таргет Тврдина.

„Пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ во последните три години тврди дека Зоран Заев и Сашо Мијалков се едно исто. Брзото апсење по бегството по изречената пресуда и драконската затворска казна за Мијалков ги побија тие тврдења. Треба да се напомене и дека на денот кога се официјализираше бегството на Мијалков, ВМРО-ДПМНЕ веќе имаше список на членови на новата влада и се надеваа на ново парламентарно мнозинство. Експресното апсење на Мијалков и долгогодишната затворска казна го осуетија обидот за мини државен удар и ја продолжија демократската влада на Зоран Заев до редовните парламентарни избори, кои ќе се одржат дури за три и пол години“, се вели во анализата.

Со членството во НАТО, стои во анализата, се заокружи македонската државност, бидејќи НАТО гарантира опстанок и територијален интегритет на модерната македонска држава.

„Со влезот во НАТО никој веќе не може да смета на Северна Македонија за своите големодржавни проекти. Демократските промени и постигнатите резултати во изминатите четири години покажаа дека промените се можни и остварливи и дека Северна Македонија, како и регионот Западен Балкан, имаат потенцијал кој тоа го овозможува. Со тоа е испратена силна порака и поттик до другите држави кои се наоѓаат во чекалната за ЕУ и НАТО“, наведува ИФИМЕС.

Од таму уште пишуваат дека промената на политичките, дипломатските и пошироките општествени парадигми во Северна Македонија започна кога лидерот на СДСМ Зоран Заев покрена низа демократски промени.

„Актуелната македонска владејачка политичка гарнитура успеа да спроведе мирна демократска смена на власта/режимот кој незаконски прислушуваше повеќе од 20 илјади граѓани и од земјата изнесе, според проценките, најмалку 5 милијарди евра. Интеграциската парадигма на Зоран Заев и силниот меѓународен ангажман доведоа до потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија, донесен е закон за унапредување на употребата на јазиците на другите етнички заедници, потпишан е и имплементиран Преспанскиот договор со Грција кој ја овозможи деблокадата на евроатлантските процеси“, се истакнува во анализата на ИФИМЕС.

Поврзани новости