Деталната проверка на сите проблеми во избирачкиот список е невозможна до 5 јуни се вели во извештајот на набљудувачот на ИФЕС, Џон Арон кој пред шест дена го доставил до ДИК. Во документот стои дека се потребни дополнителни проверки, кои според законските одредби, не можат да се извршат навреме, пренесува Алсат-М.
– Барањата до МВР за проверка на информациите кои веќе ги имаме и кои беа користени при вкрстената проверка, нема да донесат информации и не обезбедија уверување за веродостојноста на податоците кои се проверуваат. Според сознанијата, МВР може детално и конечно да ги провери сите идентификувани проблеми, но на законскиот процес за ова ќе му треба време и тоа не може да се направи до изборите на 5 јуни – пишува во документот.
Во извештајот стои дека од вкупно 87.000 сомнителни имиња кои биле предмет на теренска проверка, потребни се дополнителни контроли за околу 40 илјади случаи, во кои проверуваните лица не биле дома во моментот на контролата и за нив одговорило трето лице.