Условите во женскиот затвор во Идризово се нехумани, таму куче не може да преживее, велат тие што минале низ овој пекол. Медицинската заштита е катастрофа. Лекар имаат само до 16 часот
Пишува: Тијана МАРКОВСКА
Условите во женскиот затвор во Идризово се нехумани, таму куче не може да преживее, тврдат затворенички што поминале или сѐ уште се зад решетките на оваа казнено-поправна установа. Медицинската заштита ја опишуваат како катастрофална. Лекар имаат само до 16 часот.
Состојбите се регистрирани и од Народниот правобранител. Се повторуваат со години, ама немаат ефект. Од 2011 година, пак, без објаснување, Управата за извршување санкции не им дозволува влез во затворот на претставниците на Хелсиншкиот комитет, без објаснување зошто.
Нашиот обид да ги провериме овие наводи, но и да разјасниме зошто условите веќе со години не се подобруваат, остана без одговор. Надлежните да сторат нешто, Министерството за правда и Управата за извршување санкции го одбија моето барање да го посетам затворот. Дури по 28 дена добивме повратен одговор дека, иако имаме право за посета, барањето се смета за неосновано и е одбиено!
КОМАНДИРКАТА КАКО ЛЕКАР
Иако условите во женскиот дел од Идризово се навидум подобри од машкиот оддел, сепак генерално ги имаат истите проблеми. Затвореничките се жалат дека просториите не се дезинфицираат доволно често, има инсекти, а храната е на незадоволително ниво.
,,Таму куче не може да преживее, а не човек. Има страшна влага. Им даваат пари за реновирање и ќе направат некаква шминка, но тоа за два месеца сѐ се упропастува. Бетон од сите страни, бетонски под, на кој има ставено мушама. Нехигиена, а за храната да не зборувам, нема животно да јаде, а не човек“, раскажува Весна Николиќ, осудена за случајот „Фиком“.
Николиќ одлежа 10 години во Идризово, а во два наврати беше оперирана од канцер додека ја издржуваше казната. Токму здравствената заштита ја опишува како хорор.
„Има само еден лекар до 16 часот, а потоа сме оставени сами на себе. Од лекарства има само „енап“, „дијазепам“, „кетонал“, „спазмекс“ и „ланзул“. Ако кажеш дека те боли глава, ти мерат притисок и командирка автоматски ти дава „енап“. Значи не те гледа лекар, а за да те прегледа треба да реши главниот командир“, објаснува Весна, која неодамна излезе од Идризово, помилувана од претседателот Иванов.
Оние, пак, кои сѐ уште ја издржуваат казната, а телефонски ги контактиравме, инсистираа на анонимност. Слични забелешки за недостиг од 24-часовна медицинска заштита искажуваат и од Хелсиншкиот комитет, кои своите заклучоци, поради забраната за посети на затворот, исто така ги темелат на телефонските разговори со осуденичките. Посочуваат дека уште поголем проблем е ако некоја затвореничка треба да се лекува надвор од затворот.
„Затвореникот треба да дојде во многу лоша и критична состојба за да можат да го однесат на преглед. Има и ситуации каде што во амбулантата во Идризово не може да им се пружи помош, но, и покрај тоа, не дозволуваат тие да се лекуваат надвор од установата. Не се гледа индивидуално кое лице во какви услови е, туку ги гледаат повеќе политичките интереси“, изјави Воислав Стојановски.
ГО ЗАКОПАВМЕ СИСТЕМОТ
Искуството на Весна Николиќ ги потврдува овие констатации.
„Јас кога се разболев од карцином, сама ја открив грутката и отидов кај докторката. Иако бев итен случај, операцијата ми ја закажаа за два месеца. Откако повторно, со плачење, отидов кај докторката, таа ме избрка бидејќи сум и досаѓала“, вели Николиќ објаснувајќи дека дури кога се пожалила кај народниот правобранител, по неколку дена ја однеле на операција.
Весна Николиќ има добиено прекин на казната во траење од шест месеци за лекување. Потоа, ако ѝ биде подобрена здравствената состојба, ќе треба да се врати во Идризово на до издржување на остатокот од казната.
Народниот правобранител ни опиша што се случува доколку некоја затвореничка се пожали на тегоби по 16 часот, кога нема лекар во затворот. Тогаш некој од персоналот, курир или, пак, некој стражар ќе им измери притисок, односно добиваат непрофесионална помош.
„Кога еден затвореник се пожалил, му бил измерен притисок и за тоа добил една таблета аспирин. Но, болките не му се смириле, а минало доста време додека го однеле во болница. На пат кон болницата човекот починал. Ова претставува голем аларм за здравствениот дел да биде разрешен што побргу“, вели Мемети третирајќи го овој проблем како заеднички и за машкиот и за женскиот оддел од Идризово.
Осуденичката за случајот „Фиком“ раскажува дека кога ракот ѝ се повторил, прво ја лечеле од настинка, за на крај да ја однесат на Клиника, каде што потврдиле дека е повторно болна.
Причините зошто здравствената заштита во затворите не функционира, Иџет Мемети ги лоцира и во законските измени.
„Пред три години, здравствените услуги ги даваа вработени или, пак, со договор за дела – лекари и медицински сестри или друг персонал вработен во Управата за извршување санкции. И тогаш се упатуваа критики за недоволниот кадар. Со измените на законот за извршување санкции во делот на здравствениот систем, го закопавме тој систем! Ние воопшто и немаме здравствен систем. А со тоа и се зголемува ризикот затворениците сѐ повеќе да починуваат“, вели Мемети и нагласува дека во 2016 година постојат два смртни случаи, кои сѐ уште не се расчистени до крај.
ГАВРИЛОВСКА ОДЛУЧУВА
Народниот правобранител смета дека условите во затворот се на загрижувачко ниво, почнувајќи од кадровскиот персонал, па до лекарските услови. Смртните случаи во такви услови се неизбежни. А тоа и го потврдуваат веќе неколку починати лица поради лекарската негрижа.
„Со ова доаѓаме до констатација дека моите извештаи воопшто не ги читаат властите. И тие критики не се упатени само од мене, туку и од Европската комисија. Тоа може секој да го погледне“, вели Народниот правобранител.
И доаѓаме до дилемата: зошто беше одбиено нашето барање за посета на женскиот оддел од затворот Идризово? И зошто од 2011 година и Хелсиншкиот комитет е непожелен таму? Според Воислав Стојановски, рампата што и кон нив е спуштена е најверојатно поради влошените услови во затворот.
– Хелсиншки комитет од 2000 до 2010 година има влегувано во затворите да ги проверува условите, какви се, да разговара со затворениците и потоа тоа влегува во извештајот за условите. Но, од 2011 година нешто се менува. Не се знае зошто точно одбиваат, а не е само Хелсиншки, се одбиваат сите невладини организации и има забрана за сите медиуми. Кој ќе влезе во затворот, зависи од директорката за извршување санкции Лидија Гавриловска – ни изјави Воислав Стојановски, доктор по правни науки и правен советник во Хелсиншкиот комитет.
Од 2011 до 2013 година, на претставници на Хелсиншкиот комитет им е дозволено да ги посетуваат затвореничките само во соба за посета, а од крајот на 2013-2014, ни тоа не им е дозволено.
РЕГРУТАЦИЈА НА КРИМИНАЛЦИ
Од 2011 година, единствените што добиваат виза од Гавриловска да влезат во затворот се Народниот правобранител и Комитетот за превенција од тортура. Според правобранителот Иџет Мемети, нашиот затворски систем е законски поставен според европски правила, но проблем е како се практикува. Тој ја посочува особено големата пренатрупаност.
„Констатацијата и дека покрај тоа што постоела некаква инвестиција, а се поминати 10 години од тогаш, но сѐ уште не е ништо сменето, го покажува молкот и незаинтересираноста на властите за подобрување на затворскиот систем и за регрутирање совесност со излежување на казната, а не регрутирање криминалци“, заклучува Мемети.
Народниот правобранител посочува на уште еден „феномен“ за селективноста – поделеноста на затворениците според политичката основа. На наши и ваши. Забележува и дека на ресоцијализацијата на осудените воопшто не се работи во затворите.
,,Малкумина од лицата што ја издржале казната затвор успеваат во процесот на ресоцијализација. Затворите во РМ ни се претвораат во пунктови што регрутираат криминалци. Бидејќи, наместо да се ресоцијализираат, ние имаме повратници“, вели Мемети.
Иако извештаите на Народниот правобранител, за условите во Идризово со години констатира низа слабости, а власта упорно ги игнорира, Иџет Мемети најавува дека уште на почетокот на оваа година планираат посебно истражување за затворот Идризово, поконкретно за женското одделение.
Ќе ги мотивираат ли надлежните ваквите извештаи? Ако е според искуствата до сега, останува да бидеме песимисти!
Оваа истражувачка сторија е изработена во рамки на Проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Британската Амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на ЕУ, Британската амбасада и на организациите кои го имплементираат проектот.