Невладини реагираат: Немаме врска со Сорос, наш основач е Иванов

by Фокус

Невладини организации ги демантираат обвинувањата од движењето „Стоп операција Сорос“ дека земале пари од Сорос за да влијаат на изборите, туку дека си имаат своја автентична мисија и цел.

Европските млади реагираа дека не се точни податоците дека тие се формирале среде криза, туку посочувааат дека се формирани пред 26 години.

„Нашето здружение е формирано уште пред Република Македонија да ја прогласи својата независност од СФРЈ, поточно во пролетта 1991. Нејзини основачи, меѓу другите, биле Димитар Мирчев, Нано Ружин (прв претседател) и претседателот Ѓорѓе Иванов. ЏЕФ Македонија постои речеси 26 години и низ годините (со одредени прекини) ги промовирала европските вредности и идејата Македонија да се интегрира во ЕУ“, велат од ЏЕФ  Македонија.

Невладината „Патокази“, пак, истакнува дека водат борба со институциите поради труењето на гевгеличан со арсен во водата за пиење.

„Здружението на граѓани „ПАТОКАЗИ“ од Гевгелија е граѓанска асоцијација која настана во февруари 2014 година, како правен наследник на Граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ која по двегодишниот молк на институциите по прашањето со забраната за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Гевгелија, заради енормното присуство на отровниот елемент арсен, ја актуелизираше својата борба и со легални правни средства, станувајќи правен субјект според Законот за граѓански организации и фондации. Основната цел на нашето формирање е обезбедувањето на основното човеково право за чиста вода и генерално обезбедувањето на граѓанските и демократски права во локалната заедница“, велат од Патоказ.

Со своја реакција се јави и Проект ЕУ од Кавадарци, на чија адреса стасаа обвинувања дека земала пари за да ги спречи децата да учат математика.

„Гнасна и монструозна лага е дека пред изборите нашето здружение примило три милиони денари за да генерира криза во општеството, како и тоа дека ПРОЕКТ-ЕУ издејствувало децата да не учат математика, што е ординарна лага. Здружението на граѓани ПРОЕКТ-ЕУ од Кавадарци е прилично свесно во каква пропагандна игра е ставено. Нема да дозволиме, мала невладина организација, која работи во град Кавадарци, легално и јавно, да биде параван за поткусурување од некакви матни типови“, велат од Проект ЀУ.

 

Поврзани новости