Идната недела преговори на СОНК и Владата

by Fokus

СОНК и Министерството за образование од понеделник со серија средби ќе се обидат да го избегнат генералниот штрајк. Откако синдикалците ги одбија понудените 10 проценти зголемување на платите за наставниот кадар, тече рокот од 15 дена во кој постои можност да се усогласат двете страни и да се спречи прекин на наставата.

Ресорниот министер не открива како ќе ги разубеди просветарите, верувајќи во конструктивен дијалог кој ќе донесе позитивен резултат.

-Следната недела ќе имаат покана од наша страна да седнеме заедно. Имајќи ги предвид сите параметри и други реформски процеси, верувам дека заедно ќе најдеме начин и решение за следното покачување на платите, вели тој.

Потсетувајќи дека досега на два пати се зголеменувани платите во секторот, Адеми посочува дека понудата на Министерството ќе зависи од финансиските можности со кои располага државата.

-Ние сме покажале дека сме на страната на вработените во дејноста образование. Не се гледаме како непријатели. Мислам дека заслужуваат повеќе и ние правиме повеќе, објаснува Адеми.

Апел за разумност во преговорите претходно упати и премиерот Заев. Тој изјави дека како власт се свесни оти платите на просветните работници се ниски, но тоа е поради капацитетите на државата.

СОНК бара покачувањето на платите да стартува од јануари идната година. Дополнително, се бара процентот да биде предмет на договарање, а не 10 отсто, колку што им е понудено. Во спротивно, подготвени се за масовен прекин на наставата почнувајќи од 11 ноември.

 

Освен повисоки примања, се бара и воведување на регрес за годишен одмор, почитување на колективните договори, изработка и потпишување на колективен договор во високото образование, надоместоци за превози на вработените и за прекувремените часови.

Поврзани новости