Претседателот Ѓорге Иванов вчера му го одликуваше унгарскиот премиер, контроверзниот Виктор Орбан со ореднот „8 Септември“.
Овој потег на шефот на државава наиде на бројни реакции во медиумите и на социјалните медиуими.
„Фокус“ пред две години направи анализа за сличностите на орбанизмот со она што се случува во Македонија последниве седум години. Текстот е објавен на 6 мај 2011 година.
Пишувал:
Владо АПОСТОЛОВ
Отелотворение на апсурдот, вака унгарскиот премиер Виктор Орбан го опиша спорот меѓу Македонија и Грција минатиот месец. Мевлем за ушите е да се чуе вакво нешто од челник на европска држава и тоа во срцето на Унијата, во нејзината престолнина Брисел. За Орбан е апсурдно да внимава како ќе го изговара нашето име во зависност од друштвото во кое се наоѓа.
Оваа изјава на унгарскиот премиер дојде само три дена по неговата средба со претседателот Ѓорге Иванов во Будимпешта, и веројатно муабетот со Орбан, а подоцна и неговата изјава во Брисел го поттикнале шефот на државава да се понадева оти ќе добиеме датум за преговори до јуни, кога и завршува претседателството на Унгарија со ЕУ.
И се ќе беше во ред ако сличностите меѓу нашите две држави почнуваа кај заедничкиот став за името и завршуваа со љубовта кон статуите – лавови поставени на мостовите. На мостот што ги поврзува Будим и Пешта преку реката Дунав има лавови поприлично слични на нашите „ремек дела“, од неколку милиони евра што го чуваат мостот „Гоце Делчев“, кој пак ги спојува двата дела на Скопје, оној македонскиот и оној мешаниот.
Сличностите меѓу актуелната конзервативна власт во Унгарија и нашите демохристијани се повеќе на број, па дури и фрапантни. А сево ова излезе на виделина откако унгарскиот претседател Пал Шмит пред десетина дена го потпиша новиот унгарски Устав.
КОНЗЕРВАТИВИЗАМ СО ТОТАЛИТАРИСТИЧКИ БЕЛЕЗИ
Реакциите за овој основен политички документ на официјална Будимпешта се уште не стивнуваат. Медиумските анализи главно го карактеризираат како крајно конзервативен документ, а некои анализи одат дотаму што го опишуваат како и протототалистички (прото-тоталитаризам, политичка состојба пред тоталитаризам).
Во морето од критики кои доаѓаат од сите страни на интернетот, во врска со новиот Устав на Унгарија се појави една многу интересна вест. Драфт-верзијата на Уставот, онаа верзија која предизвика најмногу контроверзии, напишана е на Ајпад. Тоа е оној нов вид компјутери без тастатура, популарно наречени таблети, кои ги произведува фабриката што го прави и Ајфонот. И на нив како и на Ајфонот се работи врз екранот, кој е осетлив на допир.
Фактот дека е користена најмодерна технологија да се напише документ, кој според многумина ја враќа Унгарија во темниот среден век, нѐ потсети на една дефиниција или подобро речено на еден обид за дефинирање на фашизмот. Кевин Пасмор, англиски историчар кој предава на Универзитетот во Кардиф, во својата книга „Фашизам“, даде многу интересен опис на оваа идеологија. Тој во книгата, која може да се најде и во скопските продавници (додуша во босанско издание), пишува дека фашизмот многу тешко се дефинира.
„Како да ја разбереме идеологијата која се обраќа и на уличните багабонти и на интелектуалците, идеологија која е отворено мачоистичка, а која привлекува многу жени?“, пишува Пасмор.
Но, она што е интересно за овој текст е дополнувањето на овој опис:
„Како да ја разбереме идеологијата која повикува на враќање кон традицијата, а која е фасцинирана од новата технологија?“, поентира британскиот научник.
Токму на такви, традиционални вредности се повикуваат новиот Устав на Унгарија, а сите тие конзервативни политики се ставени на купче со помош на компјутерот, кој е последен крик на технологијата.
Не знаеме што Пасмор би искоментирал на ова, но затоа знаеме колку нашите власти се фасцинирани од новата технологија.
За тоа не треба многу да зборуваме, ами само да потсетиме на проектот „Компјутер за секој ученик“, интернет-пунктовите во најзапуштените села, како и проектите за здравствена електронска картичка и сличната технологија која ќе се воведува во автобусите.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во својата Доктрина, книжулето кое може да се најде на нивната веб-страница, отворено се повикува на конзерватизмот како своја идеологија, но потенцира дека конзерватизмот не е кочничар на позитивните процеси, туку иницијатор на зачувување на традиционалните морални вредности и доблести.
АБОРТУСОТ И ПРАВАТА НА ХОМОСЕКСУАЛЦИТЕ
Но, што всушност е тоа што Унгарците го напишале во новиот Устав, а што ги вознемири либералните струи во Европа? Или, пак, кои се сличностите што ги увидовме меѓу двете политики, онаа на Орбан имплементирана во Уставот и онаа на Груевски промовирана веќе петта година по ред. Уште се свежи сеќавањата на нашата јавност за таканаречената пролајф-кампања. Ако пред неколку години ВМРО-ДПМНЕ скришно ја поддржуваше анонимната антиабортус кампања, со текот на времето преку јавните настапи и колумни на истакнатите вмровци стана јасно дека власта ја поддржува иницијативата.
Познатите организации за човекови права, како „Амнести интернешнел“, и „Хјуман рајтс воч“, во новиот Устав на Унгарија видоа основа врз која во иднина во Унгарија може да се забрани абортусот.
Тие се осврнуваат на делот од документот во кој се вели дека Унгарија ќе се залага за заштита на правата на фетусот уште од моментот кога тој е зачнат.
„Хјуман рајтс воч“, смета дека не само што абортусот може да стане нелегален, туку со овој дел од Уставот може да се забранат дури и некои видови контрацепција.
И кога сме кај зачнувањето на фетусот, односно кај сексот, тогаш треба да спомнеме дека новиот Устав на Унгарија не ги гарантира правата на хомосексуалците, бисексуалците и на целата ЛГБТ популација на сличен начин на кој тоа не го прави и нашиот Закон против дискриминација, кој беше донесен лани и кој предизвика многу полемики во јавноста.
Во членот 14 од највисокиот правен акт на Унгарија се вели дека се забранува дискриминација по основа на раса, боја на кожа, пол, инвалидитет, јазик, религија, политички или некаков друг став, по богатство и по други основи. Проблемот за „Хјуман рајтс воч“, е во фактот дека сексуалната ориентација не е спомената и дека дискриминацијата по овој основ не е загарантирана со фразата „и по други основи“. Ако добро се сеќавате, идентични забелешки имаше и за нашиот Закон кој од петни жили го бранеше министерот за надворешни работи, Антонио Милошески.
„Хјуман рајтс воч“ потсетува дека со документите на ЕУ се пропишува дека дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација мора да биде експлицитно наведена. Оваа организација алармира дека дискриминацијата по сексуална ориентација се зголемува со членот кој го дефинира бракот како заедница меѓу мажот и жената и остава можност само овој вид семејни заедници да бидат заштитени од државата.
Наше е да потсетиме дека спроти Нова година МПЦ и ИВЗ побараа бракот да биде дефиниран како заедница меѓу маж и жена уште во Уставот, а деца да можат да посвојуваат само луѓе кои се во законски брак, со други зборови не и хомосексуалците.
Нам, пак, кристално ни е јасно дека овој став на МПЦ е само пробен балон кој црквата го пушти за власта да го испита теренот и да пресмета дали може и овој „орбанизам“ да го имплементира во највисокиот државен документ.
ИДЕНТИЧНА ПОЛИТИЧКА (НЕ)КУЛТУРА
Она што е новина за нас, а богами и за груевци е фрапантната одредба од драфт-верзијата на унгарскиот устав, која, за среќа, отпадна во финалната верзија. Сепак, одредбата е податлива за коментирање и самата покажува до каде оди овој нов европски конзервативизам при еродирањето на демократските придобивки.
Верувале или не, во драфт-верзијата постоело решение со која се овозможувало подоцна на жените да им се додели дополнителен глас на изборите. Поточно, секоја мајка би имала дополнителен глас кој би го искористила во името на своите деца, иако во кратката дебата што се отвори не беше прецизирано дали мајките ќе добијат еден глас повеќе или ќе добијат право да гласаат за секое дете поединечно.
На шега или не, некои унгарски аналитичари потсетија дека самиот Орбан има пет деца, едно повеќе од бројката кон која цели Влатко Ѓорчев и која му ја ветил на Бучковски при една дебата. Други, пак, сметаат дека во случај да поминеше одредбата, мајките ќе добиеја право на еден глас без разлика колку деца имаат, односно со оваа одредба Унгарците би се заштитиле да не бидат надгласани од Ромите, кои имаат многу бројни семејства.
Сопартијците на Орбан не исклучуваат понатаму оваа можност да се уреди со закон. Да потсетиме дека токму овој член, кој би ја вратил Унгарија векови назад, бил напишан на ултрамодерниот компјутер Ајпад.
И дека тука не завршуваат сличностите меѓу орбановци и груевци покажува и целиот процес низ кој драфт-верзијата стана нов Устав на официјална Будимпешта. Владејачката коалиција што ја води Виктор Орбан е составена од неговата партија Фидез, која важи за десноцентристичка и Христијанско-демократската партија.
Тие вкупно имаат 262 пратеника од Собранието, кое брои 386 народни избраници, односно имаат двотретинско мнозинство со кое може да го менуваат Уставот. Слично е како во македонската владејачка коалиција, во која, за среќа или за несреќа, помалиот партнер е албанска партија, а не христијанско-демократска опција.
Окуражен од силата што ја има во законодавниот дом, Орбан реши Уставот да го донесе во најкус можен рок и го игнорираше бојкотот од опозицијата, која главно се состои од социјалистите, либералите и од крајната десница – Движење за подобра Унгарија.
Навистина дури и македонскиот парламент на чело со Трајко Вељаноски може да ѝ позавиди на унгарската власт на брзината со којашто таа го промовираш и го донесе новиот Устав. Три недели пред Велигден беше објавена драфт-верзијата, во следната седмица беше изгласан Уставот во Собранието и токму на ден Велигден унгарскиот претседател го потпиша новиот Устав, иако имаше право да го врати на понатамошна разработка и да даде свое мислење за новините.
Уставот беше донесен иако процесот го бојкотираше опозицијата на чело со социјалистите, а медиумите во Будимпешта се сетија на една изјава на Орбан кога тој за првпат беше премиер на Унгарија. Во една пригода, кога тогашната опозиција го бојкотирала Собранието, тој изјавил:
„Парламентот добро работи и без опозицијата…“
А ние не треба да ве потсетуваме како добро и со која брзина работеше нашиот парламент за време на двата бојкоти од страна на опозицијата, на стартот од овој собраниски мандат како и сега на неговиот крај.
И кои беа коментарите на Груевски во врска со бојкотот од опозицијата.
Интересни се и изјавите на претставниците на Фидез, кои објаснуваат зошто новиот Устав не го дале на референдум.
Тие сметаат дека големата победа на изборите во 2010 година им го дала тоа право и наместо со опозицијата за новиот највисок државен акт тие комуницираа директно со народот.
И ОРБАН И ГРУЕВСКИ ,РАСЧИСТУВААТ, СО МИНАТОТО
Слично како и нашата портокалова влада, така и унгарската власт едно говори дома, а сосема друго надвор од границите на својата земја. Ова може да се види во дел од дискусијата која се одвива на еден од блоговите на познатиот портал „ЕурАктив“, кој се занимава со темите од Европската унија. Еден Унгарец, кој ги споредил англиската и унгарската верзија на Уставот, вели дека некои делови од текстот во англиската верзија намерно се погрешно напишани, а некои дури и ги нема, додека трети одредби намерно се нејасно преведени на англиски или се „зашеќерени“.
Тоа го забележале и уредниците на „ЕурАктив“, а она што е интересно е дека првиот дел од уставот е напишан на архаичен унгарски јазик, кој ретко кој го разбира и можеби тоа е причината за грешките.
Орбан со новиот Устав планира, како што самиот вели да расчисти со комунистичкото минато на Унгарија, а многумина под оваа парола гледаат само параван под кој Фидез ќе ја партизира секоја политичка пора во унгарското општество, а сето ова го постигнува само со еден документ – со новиот устав. Навистина ова звучи познато и за обичниот македонски гледач на вести.
Со новиот Устав унгарската власт му задава силен удар на Уставниот суд и на оние други регулаторни институции кои го овозможуваат демократскиот „чек ен баланс“. Во преамбулата на новиот Устав пишува дека Унгарија не го признава легалитетот на власта од 1944 година, па се до 2 мај 1990, денот на првите повеќепартиски избори во државата.
Многумина оваа реченица ја толкуваат како можност која остава простор Орбан да го прогласи за неважечки овој состав на Уставниот суд, оти тој е поставен според начелата на променетиот устав од 1989 година и на местата од старите судии да постави свои послушници кои ќе бидат на должност дури 12 години.
Сепак, малку подолу во документот станува јасно дека Фидез навистина планира да го партизира овој највисок суд, но на друг начин.
По унгарските медиуми се пишува дека планот на Орбан е да ја намали старосната граница до која може да работат уставните судии и да го зголеми бројот на судиите од 11 на 15. Со овој механизам тој би можел дел од судиите да ги испрати во пензија и да донесе повеќе свои послушници и да добие мнозинство кое ќе му осигури комфорна власт.
Навистина нема потреба да потсетуваме дека груевци токму под флоскулата расчистување со минатото го уништија угледот на првиот уставен судија прогласувајќи го за единствениот кодош во периодот на социјалистичка Македонија. Нема потреба да ги споменеме и „спонтаните“, протести пред Уставниот суд, исто така „најспонтано“, организирани од власта.
Со промените во Унгарија, ниту една владејачка гарнитура нема да може да го смени јавниот обвинител, ниту првиот државен ревизор дури до 2022 година, без разлика дали со Унгарија тогаш би владееле социјалистите или десничарите на Орбан.
А да се смени оваа одредба ќе биде потребно ново двотретинско мнозинство, кое тешко дека некој повторно ќе го има во следниве години.
Минатогодишните избори сопартијците на Орбан ги сметаат како револуцијата која никогаш не се случила и ја нарекуваат револуција во гласачки чизми. Тие сметаат дека последните избори, на кои тие добија две третини од мандатите им дале легитимитет на Фидез да расчистат со комунистичкото минато.
ОПОЗИЦИЈА СО СЛИЧНИ ГРЕВОВИ
Двотретинското мнозинство на Орбан се роди на многу слична политичка почва како во Македонија. Најголемиот ривал на Фидез, Социјалистичката партија ги носи речиси идентичните гревови кои обично ние им ги препишуваме на нашите социјалдемократи.
Социјалистичката партија важи за наследник на Комунистичката и голем дел од првенците во овој политички блок во деведесеттите биле луѓе кои имале функции и за време на комунизмот. Со други зборови, социјалистите го носат ореолот на нашите „комуњари“, а тие за себе велат дека се социјалдемократи.
Социјалистите важат за транзициски политичари во чие време се случила најголемата приватизација на општествениот капитал. Исто така Социјалистите се познати по својот јасен став против национализмот, па така биле многу гласни на референдумот во 2004 година кога требало граѓаните да одлучат дали Унгарците од соседните држави треба да добијат државјанство. Нормално, тие биле против оваа одредба!
Од друга страна политичката кариера на Орбан можеме да ја опишеме како една комбинација од Љубчо Георгиевски и од Никола Груевски.
Орбан на политичката сцена се појавил на само 26 години кога во 1988 година во центарот на Будимпешта одржал храбар говор и го величел делото на Имре Наџи, кој бил значаен дел од Унгарската револуција против Советите во 1956 година.
Од друга страна, првиот мандат на Орбан како премиер, меѓу 1998 и 2002 година е познат по тоа што неговата влада тогаш вовела пониски даноци и помали давачки на фирмите за работниците. Тој вовел и таканаречено супер-министерство за економија, нешто што денеска може да се спореди со вицепремиерската улога на
Владимир Пешевски и на Зоран Ставрески во владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Вториот мандат на Орбан, пак, е познат по контроверзниот закон за медиуми, кој до скоро беше актуелен и закон кој според многумина ќе воведеше медиумска цензура во државата, нешто што Груевски и фамилијата го спроведуваат на малку поинаков начин.
Иако, да потсетиме дека на интернет се појави драфт верзија на сличен македонски закон за медиумите кој беше пресретнат од јавноста и заврши неславно. Барем засега.
ТИТО ПРВ ГО НАМИРИСА ОРБАН
Во Македонија прв кој го спореди Груевски со Орбан беше пратеникот Тито Петковски и затоа тој доби многу критики од домашната јавност, а за оваа изјава во медиумите го искара и неговиот поранешен партиски соборец, а денес негов коалициски партнер Бранко Црвенковски.
Петковски споредбата ја направи мотивиран од новиот закон за медиуми во Унгарија, но ова не е единствениот проблем на десничарската влада во Будимпешта. На неа како грев ѝ се зема и лошиот однос кон емигрантите од Унгарија и фактот дека државата речиси и да не реагираше во случајот кога одредени групи напаѓаа Роми и дури протестираа против ова малцинство.
Ако е за некаква утеха нашиот Тито не е единствениот кој е загрижен за состојбите во Унгарија.
Она што се случува во оваа држава го осуди и германскиот заменик министер за надворешни работи Вернер Хојер, кој рече дека неговата земја е загрижена за состојбите во Унгарија.
„Стравот кој го имавме поради законот за медиумите не исчезна, тој само се зголеми откако се промовираше новиот устав“, кратко изјави Хојер.
Неговите стравови очигледно не допреа до унгарскиот претседател Пал Шмит и тој на самиот ден Велигден го потпиша новиот устав, а ние веруваме дека денот не бил случајно одбран.
Скандалозна преамбула: НАМЕСТО РЕПУБЛИКА УНГАРИЈА, СЕГА Е САМО УНГАРИЈА
Првото нешто што паѓа во очи кога се чита новиот устав на Унгарија е должината на преамбулата, коментираат аналитичарите. И навистина македонската преамбула содржи нешто повеќе од 1.300 знаци, додека унгарската има околу 4.100. Но, тоа и оддалеку не е скандалозниот момент во овој највисок државен акт на Унгарија.
Преамбулата почнува со стих од националната химна на Унгарија во кој се бара Господ да го благослови унгарскиот народ. Понатаму, самата преамбула е наречена Национално признание на верата и целата оваа религиозност не е случајна.
Уставот го зема христијанството како основа за постоењето на унгарската нација и овој документ се повикува на Светата круна од средниот век, кога кралството Австро-Унгарија владеело со голем дел од територијата на денешните соседи на оваа европска членка. Овој дел од уставот вознемири многу од соседните држави.
Токму во преамбулата Унгарија се обидува да раскрсти со комунистичкото минато, но она што е најинтересно е дека името на државата е сменето. Ако досега официјалниот назив на оваа држава бил Република Унгарија, од 1 јануари 2012 – кога ќе стапи на сила новиот устав името на државата ќе биде само Унгарија.
Звучи познато: ОРБАН ЌЕ СЕ СКОНЦЕНТРИРАЛ САМО НА ЕКОНОМИЈАТА
Некогаш (или секогаш) историјата едноставно се повторува. Унгарскиот премиер Виктор Орбан кога неговата влада го презема раководењето на Европската унија потенцираше дека тие во нивното водење ќе се концентрираат исклучиво на економијата. Нивниот мандат важи до средината на оваа година, период кој беше одбележан со контроверзните реформи внатре во унгарската држава.
Не беше многу одамна кога Груевски, откако победи на изборите во 2006 побара мораториум на етничките прашања и ги замоли граѓаните да ја оценуваат неговата работа само врз основа на економските резултати на Преродбата. Не мора посебно да се коментира кои се главните теми што денеска ги диктира истата Преродба.
Неверојатно: ОРБАН СЕ УШТЕ Е РЕГИСТРИРАН ФУДБАЛЕР
Како секој вистински десничар така и Виктор Орбан е познат како поранешен спортист. Унгарскиот премиер професионално играл фудбал за еден третолигаш, но она што е интересно е дека тој се уште важи за регистриран фудбалер и уште повеќе го финансира овој нисколигаш.
Дека Орбан навистина играл фудбал покажува и компјутерската игра „Фудбал менаџер“ од 2006 година во која го има неговото име.
Всушност, секој што ќе ја инсталира оваа игра на својот компјутер ќе може да го управува фудбалерот Виктор Орбан, но за жал неговите спортски способности не можат да се мерат со професионалните фудбалери од другите светски клубови, така што најверојатно ако го управувате него и неговиот тим ќе треба да се навикнете на порази.
Нешто што Орбан го компензира во политиката.