Идеја за риалити шоу на владата на Никола Груевски

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 6-ти јануари 2012-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 862

Пишувала
Мимоза РИСТОВА

Некои очекуваат да седнам и да резимирам за изминатава мачна и тегобна, непарна и чудна 2011 година, ама јас не сакам да го правам тоа. Премногу е болно подвлекувањето црта и ставање на есапот од билансот на хартија. Поарно нека остане да ни одѕвонува возвишениот и аплифтинг говор на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, дека оваа година за нас е многу успешна. Не треба да си аналитичар за да удриш црта и да речеш, ова беше за нашава граѓанска држава тешка катастрофа.

Порано сметав дека аналитичар треба да умее со многу знаење и интуиција да третира еден поширок просторно-временски модул, за да донесува научно базирани заклучоци. Кога подобро размислив, не е сосема точно дека не сум аналитичар. Па јас сум аматер психоаналитичар. Јас цело време анализирам психотични состојби и неуморна сум во правењето демистификации на политичарските умови и на потезите што ги влечат. Им ги анализирам постапките и зборовите на сите релевантни во мојот живот и им ги врзувам во алгоритмот на бехавиоралната шема. И без да консумирам психотропни супстанци и без да запаѓам во психоделични трансови од хипервентилација, како дервишите од Гази Баба, и без да користам услуги на бајачките и бајачи од познатите бајачници од земјава и регионот, јас знам дека годинава не чинеше и дека нема да чини ни наредната.

И јас се самоанализирам, да ви признаам, и си наоѓам доста дефекти од кои најголемите ми се  широчината и длабочината на мислата и „должината на јазикот“. Но, сепак овие во политикава толку се некако пролетно напупени за да ги анализираш, што ретко кој не го прави тоа. Одам по чаршија и сретнувам луѓе, познаници, пријатели, роднини, сватови, шури, шурунајки, балдски и баџанаци (иако, последниве четири квалификации не ги знам како се корелирани) и баш сите истото го говорат за дечурлииве од власта. Та „Вашингтон пост“ не откри нешто ново за неспоивоста на младоста со власта. Ама ние, откако знам за независноста на државава, од млади, луди, недоквакани, недозреани и недораснати, глава не можеме да кренеме цели две децении.

Само еден зрел политичар, еден мудар човек имавме низ историјата на независна Република Македонија. Нека му е вечна славата на овој великан, Киро Глигоров. Мудрец, итрец, вистински манипулатор со глупаци и националисти и монархофашисти. Сите ги држеше во рамнотежа, со помош на невидливи свилени конци. Скромен човек, вистински интелектуалец и комуњара во вистинска смисла на зборот. Киро Глигоров ќе биде нашата државотворна икона во опкружување на толку многу државо-уништувачки, социо-раздорни, ненаситно-крадливи и едипо-психотични хуманоидни ентитети.

Едвај го чекам продолжението на веста што следува: кој корумпирал и кој дрпал од криминалниот Маѓар Телеком.

Интересно е тоа што кај и да мрднеш, сите се грозат и се гнасат да говорат за ликовите од врвот на власта. Зборовите на критизерите за делата на овие, сега ќе добијат на контраст, откако ќе се воздигне иконата на реткиот заминат вистинскиот политичар Глигоров. Но, има и такви што кога се зборува за глупостите и гафовите на власта, тие се прават дека не се од тука, та се плашат, што вели другарка ми Наталија, да те слушаат, а камо ли да изустат нешто критично. Мобилните ги пикаат длабоко во џебовите, за да не им дојде чичко Орвел и да им ги истегне ушите од корен, што стојат во ист простор и што дишат од истиот „инфициран“ воздух со некој од нас, критизерите-интелектуалци.

СЦЕНАРИО ЗА РЕАЛИТИ ШОУ

Ех, драги читатели, душичкава врапчешка би си ја продала на Мефистофел само за еден ден слава. Како Ариел сирената што си го шитна сонорниот глас на морската вештерка Урсула, само за да добие човечки нозе, за да биде со саканиот принц. Ама каква слава посакувам? Еве каква: само за еден ден (препорачливо тоа да трае 12 часа) на прекрасната ни и насушна наша информативна МТВ да ми се даде простор да направам телевизиско реалити шоу. Еве ви предлог сценарио за шоуто наречено „Пердуви летаат, кокошките се оскубани“ или „Гумите се излижаа, тркалата се на бандаж“, или така некако, нешто во тој стил.

На почеток, може многу ќе ви звучи американски, но не е така. Шоуто е чистокрвна домородна и ендемска македонска продукција. Емисијава не е преземена од други патентирани емисии во живо, туку потребата за неа се роди сосема природно, поради незнаењето на овие дечурлииве за демократија, транспарентност и јавна дебата и владеење без злоупотреба. Најпрво, учесниците ќе потпишат дека ќе си го сносат ризикот да бидат навредени или наклеветени, да навредат или да бидат навредени, но нема ниту да тужат или да бидат тужени. Во емисијата ќе вклучам и група професионални медијатори (адвокати, психолози и психијатри) кои скараните и влезените во конфликти и кавги учесници привремено ќе ги исклучуваат за да ги доведат во ред во бекстејџ и потоа да ги вратат назад, ако издржуваат со нервите.

Значи, 12 часа јавна дебата со сениори модератори. Да се разбереме, тука не смеат да припарат оние исфрустрираните парти-брејкерси од Брисел, кои беа неправедно етикетирани со погрдниот збор „малака“. Значи, на телевизиската дебата учествуваат сите министри седнати на една страна, и десетина интелектуални титани од независната комуњарска сорта со соросоидни примеси, од другата страна. Секако дека јас ќе бидам селектор на „нашата“ репрезентација. Уф, какво шоу ќе испадне. Ќе сакаат да ни го купат Америте, ако навреме го заштитиме.

Во шоуто ќе учествуваат и поротници-интелектуалци, кои ќе ги позајмиме како независни колумнисти интелектуалци од соседните земји или дипломати од регионот. После секој конфликт помеѓу антагонистите, или штом ќе дојде до непремостива кавга, тогаш интервенираат медијаторите и ги изнесуваат закрвените навредени и навредувачите на „терапија“. Потоа стапуваат на сила поротниците. Ќе мора да се изјаснат (да гласаат) кој од скараните е ГИЛТИ, а кој е НОТГИЛТИ, кој говори исправно, а кој користи чуден, непознат и нетолерантен јазик, или говори неаргументирано, не се држи до темата, туку вади минати, небитни и ирелевантни глупости, кои не даваат поткрепувачки одговор на поставените тези или антитези.

Веќе ми мириса на пилешко печено или на изгорена гума. Уште сега во мислите се кинџурам со некоја награда за најдобро телевизиско шоу на годината што започна. И плус, ќе се збогатам од авторскиот хонорар: шоуто ќе продаде рекламен простор на неколку балкански магнати, и ќе се продаде и директен пренос во Србија, Хрватска и Бугарија. Сите ќе сакаат да купат таква смејурија. Гарант.

И еве како ќе се наместиме. Сите министри со пастирот и плус Мијалкови и плус Радникот на десната страна од студиото. И сите ербап интелектуалци, експерти што поседуваат највисоки академски и уметнички титули за да ги покриваат соодветните ресори, природно од левата. Медијаторите од некоја трета страна. Поротниците од четврта. Модераторите во средина.

ПРАВИЛА НА ИГРА

Модераторите имаат спремено теми за „чешлање“ кои се ставени во пластични капсули од киндер јајца, а потоа во еден стаклен аквариум без вода. Тука настапува Игор Џамбас, со некоја од „куклите“ од игрите на среќа, врти и копа со раката низ жолтите капсули и извлекува и отвора тема. Темата ја отвора разголената лепотица, и му ја дава на модераторот што ќе се јави прв. Модераторот што ја познава, на пример, проблематиката од ресорот на образованието и науката, поставува некаква теза или покренува некакво прашање. Тогаш прво добива збор оној опонентот од левата страна. Му се дава доволно простор за да критизира и да дополни со круциелни потпрашања. Потоа, модераторот му дава време за изјаснување по прашањето на министерот за образование. Кога овој ќе заврши, тогаш опонентот добива право на соочување и му поставува директно провокативни потпрашања на министерот, на кои тој е должен да одговори.

Сега им се остава доволно време за одвивање дијалог-кавга помеѓу министерот и опонентот. Ако опонентот не е задоволен и тврди дека овој не одговара точно или дека лаже, тогаш бара да се прашува премиерот Грујо да одговори на прашањето. Ако и овој не даде одговор со кој опонентот ќе биде задоволен, тогаш се бара интерактивно да гласа публиката (гледачите од соседните држави со помош на СМС), дали мислат дека овој говори глупости, или лаже, или е на темата и добро одговара. Ако мнозинството изгласа дека овој не го бидува да одговори, тогаш се бара од поротниците (оние независните интелектуалци од странство и дипломатите од регионот) да пресечат, овој го бива или не го бива, лаже или говори вистина.

И поротниците имаат право да издебатираат на истата тема со министерот и опонентот за да го искристализираат својот став и да креираат мислење. Ако поротниците се едногласни во мислењето, дека министерот не го бидува, крие, мами и со еден збор, дека лаже, тогаш министерот излегува со потпишување оставка. Режија бара гро-план на потпишувањето. Публиката аплаудира (од режија пуштаат вештачки аплауз). Потоа, излегува продуцентот на шоуто и му удира една клоца на министерот во оставка, па му подарува еден голем чек од 30.000 евра испишани со фломастер, за да ја компензира меницата, нотарски оверена.

Битно е тоа што опонентот има право да користи и мобилен телефон, за да може да повика пријател и да се консултира. Опонентот ќе има право да прима гости што во шоуто ќе можат да донесат каков било писмен доказ за да се докаже евентуална лага изречена од министерот. Затоа е потребно цели 12 часа реалити шоу, за да можат доказите да стигнат од целиот регион. Особено треба да им се даде шанса во шоуто да стасаат оние докази со кои ни го зашеметува умот новинарот од порталот Буре Весник, кумановецот Зоран Божиновски од Белград. Сигурно има уште такви колекционери на вистината во регионов, за кои не знаеме.

И така, драги гледачи, јас мислам дека ако емисијава доволно долго потрае, како што пропишувам јас, цели 12 часа, и ако доволно долго министрите се подложени на тортурата на стручноста, знаењето и стресот на вистината, на доказите на разголувачките ефекти од дебатата, на симнувањето на туѓите пердуви и скубењето на сопствените, ако се стават на овие натприродни за нив услови за да ја осетат доволно силната болка при соочувањето со својата немоќ, тие во еден момент ќе попуштат. Посебно ќе им падне тешка немоќта за брлавење на народ на балканско ниво. Така, оставките ќе им дојдат како спас на душата и тие неминовно ќе потпишат. Ќе останат само еден или двајца, можеби!? Или најдобрите, или оние кои мува не ги лази и крокодилска кожа не им се одерува од човечкото месо.

Секако, не треба да потсетувам дека емисијата ќе има најпрофесионален симултан превод на неколку јазици, кој од менито дигитално ќе се избира по желба. Ќе има и опција за избор на „спикер“ за глувонемите во десниот агол на екранот. Како и да е, ова нема да биде евтино шоу со меѓународна порота. Сигурно ќе фати еден милион, или повеќе, но ефектите ќе бидат немерливо и несразмерно повредни.

Како и да е, јас, додека го творев ова научно-фантастично реалити шоу наречено „Пердуви летаат, кокошката е голокожа“, да ви кажам право, уживав. Целата се внесов. Мислам дека многу ќе му се исплати и на продуцентот. И министрите ќе се офајдат, ќе заминат во историјата со помалку гнасотија зад себе. А најмногу ќе профитираат граѓаните на РМ.

Поврзани новости