Дали промената на власта во Грција ќе влијае врз спорот за името?

by Фокус 13:30
13:30

Македонската влада будно го следи развојот на внатрешнополитичката ситуација во Грција, бидејќи очекуваната промена на власта на предвремените парламентарни избори на почетокот на следната 2015 година може да се одрази во македонско-грчките односи и во спорот за името меѓу двете земји.

Висок владин функционер вели дека додека десницата предводена од Андонис Самарас ја води државата, немаат ниту најмали илузии дека може да се направи макар и минимален исчекор во односите и спорот што го имаат двете држави.

Фокус, повикувајќи на партиски извори, веќе објави дека и ДУИ чека да види дали политичката криза во Атина ќе резултира со предвремени парламентарни избори, на кои речиси сигурно победата ќе ја однесе левицата предводена од Алексис Ципрас, пред да го закаже тематскиот партиски конгрес.

- Advertising -

– Не значи дека ако Ципрас дојде на власт тоа автоматски ќе значи и подобрување на односите, или, пак, решавање на спорот за името, но со Самарас нема ниту теорија да дојде до тоа. За овој период додека тој е премиер, преговорите за името се одвиваат само проформа. Не само што Грција нема интерес да се реши спорот како држава, туку и Самарас никогаш во ниту една ситуација не би договорил компромис – вели владиниот функционер.

Политичките аналитичари имаат поделени мислења дали промената на власта може да донесе нов импулс во односите со Грција и евентуално да го придвижи спорот за името од мртва точка.

Универзитетскиот професор и поранешен македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин, смета дека промената на власта позитивно ќе се одрази со релациите меѓу двата соседа, бидејќи левицата отсекогаш имала попозитивен став кон Македонците.

– За време на кампањата можеби Ципрас ќе настапи потврдо за да го придобие и тој дел од гласачкото тело, но извесен период после изборите може да се очекува барем интензивирање на дијалогот меѓу Скопје и Атина, ако не повеќе. Особено што извесен притисок ќе дојде од надвор, иако тој најавува и преориентирање на грчката политика, од чисто прозападна, до добри односи со Западот, но и подобрување на односите со Русија, Кина – вели Ружин.

Наспроти него, ексамбасадорот во Русија Ристо Никовски истакнува дека во Грција постои политички консензус на негација на македонската држава и народ, македонскиот јазик и култура, кон кој, според него, ќе се придржува и новата влада на Ципрас, доколку не сака да го снема од политичката сцена.

– Ципрас на почетокот имаше афирмативен став кон Македонците, но подоцна се фати на орото и го смени па сега негира постоење на Македонци во Грција. Плус, неговата влада што ќе ја состави ќе биде коалициска и лабава и ќе се соочи со многу притисоци откако ќе стане јасно дека нема да може да ги реализира големите ветувања. Да нема економска криза во Грција, меѓународната заедница ќе ги притиска за решение, но вака не го прави тоа бидејќи евентуалното излегување на Грција од еврозоната значи и пад на еврото – посочува Никовски.

И двајцата се согласуваат дека порелаксирани односи меѓу Македонија и Грција имало кога во Атина на власт била левицата. Во таа насока, за време на владата на ПАСОК на Јоргос Папандреу, тој и македонскиот премиер Никола Груевски остварија десетина средби и двете страни беа многу поблизу до решение отколку сега. Но, тие истовремено додаваат левицата не успеала ваквиот став кон Македонија и Македонците да го преточи во официјална политика и конечно да го затвори спорот за името.

Инаку, до предвремени парламентарни избори следниот месец дојде откако кандидатот за претседател на Грција на влајдечаките Нова Демократија и ПАСОК, Ставрис Димас, не ги доби потребните гласови и на двете гласања во грчкиот парламент, бидејќи опозициската СИРИЗА, заедно со политичките сојузници, го блокираа изборот за претседател за да ја постигнат целта да предизвикаат предвремени парламент.

Поврзани новости