Бесими бара нова динамика за спорот со Грција, а сите го чекаат Ципрас да дојде на власт!

by Фокус

Додека Бесими зборува за одредени чекори со кои би се олеснило решавањето на проблемот, под маса се чека да се смени власта во Грција.

– Европската интеграција е најдобрата алтернатива што ја има Македонија и регионот. И затоа потребен е поголем ангажман и конкретни резултати во однос на спорот за името со Грција,  чие решение ќе го откочи тој процес  и би можеле официјално да почнеме со преговорите, вели вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими во интрвју за МИА.

Во однос, пак, на форматот, покрај рамката во ОН, под чие покровителство се одвиваат преговорите,  посочува и на други чекори кои би помогнале во овој процес.

– Прво сметам дека треба да има вклученост и на меѓународната заедница, поголем ангажман во делот на олеснување на процесот и тука би ги наброил како ОН, НАТО, ЕУ и земјите членки на овие институции пред се САД, Германија, Франција, Велика Британија и други што може да помогнат, но главно се овие земји. Вториот аспект што се очекува е да се подигне нивото на преговарачи, односно од делегирани амбасадори да има преговори и на ниво на министри или премиери кои би биле на ниво на одлучување во одредени фази од преговорите со тоа што за финалната опција би следел и процес којшто граѓаните ќе го сфатат како транспарентен, за да се дојде до едно решение што е прифатливо за двете страни, вели Бесими.

Трета работа што би помогнала, додава вицепремиерот, е да има временска динамика и агенда на преговорите по однос на содржината со цел да се направи поконкретен напредок во преговорите, како и да има одредена динамика според некој нормален процес.

Инаку, како што Фокус вчера објави висок владин функционер вели дека додека десницата предводена од Андонис Самарас ја води државата, немаат ниту најмали илузии дека може да се направи макар и минимален исчекор во односите и спорот што го имаат двете држави.

Затоа сега сите се во исчекување на политичка разврска во Грција, каде според анкетите победата ќе ја однесе левицата предводена од Алексис Ципрас.

– Не значи дека ако Ципрас дојде на власт тоа автоматски ќе значи и подобрување на односите, или, пак, решавање на спорот за името, но со Самарас нема ниту теорија да дојде до тоа. За овој период додека тој е премиер, преговорите за името се одвиваат само проформа. Не само што Грција нема интерес да се реши спорот како држава, туку и Самарас никогаш во ниту една ситуација не би договорил компромис – вели владиниот функционер.

Поврзани новости