Ќе беше смешно да не беше трагично тоа што денес опозицијата ги злоупотребува помалку бројните заедници кои повеќе од една деценија беа заборавени и игнорирани од иста таа структура, рече денеска пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците – ТХП.
-Со нивната разурнувачка политика ги разгорија страстите и ги загрозуваат темелите на меѓусебното разбирање и меѓуетничката толеранција. Помалку бројните етнички заедници ги избришаа од сите сфери во општеството, ги отстранија од сите процеси во градењето и развивањето на квалитетот на живеење на општеството и воопшто на одржувањето на државните интереси кои јасно се наведени во Уставот, рече Ибрахим.
Тој додаде дека припадниците на овие етнички заедници се повеќе од свесни за сите случувања и секако дека нема да дозволат да бидат марионети на актуелната опозиција.