И покрај тоа што во ноември минатата година рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој има и македонско државјанство се најде на „црната листа“ на САД за корупција, изминатите денови интензивно неговата компанија продолжува со градежните работи на објктот на Офицерскиот дом на плоштадот „Македонија“.
Дека изминатиот период продолжила градбата на овие објекти потврдија и од Општина Центар од каде што информираат дека „Сис инвест гроуп“ дооел Скопје го гради овој објект, како и хотелот на Градскиот плоштад.
-Изведувач на градбите се ДГТУ АЛБЕКАТ ГРУП ДООЕЛ СКОПЈЕ и ГТД БЕТОН ШТИП ДОО ШТИП а надзорот на целата градба го изведува МЕГАРОН-ИНЖЕНЕРИНГ ДОО СКОПЈЕ. Сектор за урбанизам на Општина Центар има издадено Решенија за измени во тек на градба за двете градежни парцели на Плоштад Македонија во 2022 година на фирмата „СИС Инвестмент“. Барање за промена на инвеститор до денешниов ден немало.Поконкретно, инвеститорот СИС ИНВЕСТ ГРУП поседува Решение за измени во тек на градба УП бр. 27-477/2021 од 21.11.2022год за блок 1 правосилно на ден 25.10.2022год и Решение за измени во тек на градба УП бр. 27-396/2021 од 07.12.2022год за блок 2, 3, 4 правосилно на ден 07.12.2022год., велат за Градска.мк од општина Центар.
СИС Инвест груп чија управител е Самсоненко е обврзан согласно договор за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавање, склучен во 2011 година, да изгради хотел на Плоштад Македонија, во кој се предвидени и државни институции. Иако беше во стечај сѐ до почетокот на 2021 година, од јануари, 2021 до 10 април 2022 година, на посочениот објект инвеститорот не презел никакви градежни активности кои би значеле завршување на објектот т.н. Офицерски дом. Инвеститорот во 2021 година поднел барање за измени во тек на градба, меѓутоа истото, согласно Законот за градење, од формално-правни причини беше отфрлено, а подоцна се издадени решенија за измени во тек на градба за двете градежни парцели.
Овој објект почна да го гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во 2011 година. Тогашната влада на Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски му го продаде ова атрактивно земјиште со површина од 6.300 квадратни метри по цена од 100 евра по квадрат. Но, откако Кондоминас во 2015 година беше уапсен во Грција поради затајување данок, проектот го презеде Самсоненко кој ја купи фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра.
Инвеститорот на објектите сè уште плаќа пенали согласно договорот за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање и тоа во износ од 3 проценти од вкупно постигнатата продажна цена на земјиштето, кумулативно за двата објекта. Односно, Самсоненко плаќа секој месец пенали на Општина Центар во висина од 10.000 евра. Тоа е поради надминување на роковите за изградба на двата објекти на плоштад „Македонија“.
Зошто се плашеше ВМРО-ДПМНЕ од Законот за рестриктивни мерки?
На „црната листа“ на САД покрај Самсоненко и неговата сопруга има многу политичари и бизнисмени од Македонија, но вистината е дека најмногу се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и екс разузнавачот Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев. Обвинителката Катица Јанева пак беше заеднички кандидат бидејќи беше избрана како прифатлива и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, додека Стевчо Јакимовски до скоро им беше коалициски партнер.
Токму најголем противник за законот за рестиктивни мерки беше ВМРО-ДПМНЕ.
Со законот јасно се кажува дека причина за рестриктивни мерки ќе биде и корупцијата и злоупотребата на службена положба, а тие ќе се применуваат по автоматизам ако некој јавен функционер се најде на црната листа на САД, ЕУ и Обединетото кралство. Тоа значи дека и самото појавување на некое име на овие листи ќе значи замрзнување на имотот и на парите на тој функционер во Македонија и предлог од МНР за започнување на кривична постапка со која ќе се бара и законска одговорност.
Но ваквиот закон не се изгласа, а главната нишка во борбата со корупцијата беше што замрзнувањето на имотот и на парите автоматски ќе стапеше на сила и „црната листа“ ќе беше над одлуките на нашето „сваровски“ судство, кое усоврши илјада начини како да ги игнорира коруптивните дела или да го застари секој процес против центрите на моќ.
Што е „црната листа“ на САД?
„Црната листа“ на САД е неформален правен акт и како таков во други држави не може да произведе правни последици освен во САД. „Црната листа“ произлегува од таканаречениот Закон Магнитски.
Во САД, Законот Магнитски (Magnitsky Act) е усвоен во 2012 година со потпишувањето на овој акт од страна на тогашниот претседател Барак Обама. Актот е збир од закони што предвидуваат владини санкции против странци што извршиле прекршување на човековите права или биле вклучени во значителна корупција. Сергеј Магнитски бил руски сметководител што во 2008 година открил даночна афера на руски службеници, кои според него украле 230 милиони долари. Поради тоа тој бил уапсен и затворен под обвинение за помагање во даночно затајување. Магнитски умрел во притвор во ноември 2009 година. Неговите приврзаници тврдат дека причина за смртта е полициска бруталност, односно дека Магнитски бил претепан до смрт од затворската полиција.
По примерот на Соединетите Американски Држави, вакви и слични закони се донесени меѓу другите и во Обединетото Кралство, Естонија, Латвија, Косово, Гибралтар, Канада, Австралија. Заедничко за сите овие закони е што тие санкционираат странци и странски фирми или, како примерот со Канада, која ги санкционира и Канаѓаните, но само оние што живеат во странство.