И во социјализмот се правеа „спектакуларни апсења“ по партиска директива

by Фокус 12:24
12:24

Текстот е објавен на 15-ти август 2008-ма во неделникот „Фокус“ во бројот 685

Пишувал
Стојан АНДОВ

- Advertising -

При крајот на септември 1982 г. националните медиуми (тогаш една телевизија и радио, и двата весника на македонски јазик) бомбастично објавија дека ЦК на СКМ заседавал и усвоил заклучоци за интензивирање на борбата против неоснованото богатење, митото, корупцијата и другите девијации со кои се попречува развојот на социјалистичкото самоуправно општество и се поткопуваат темелите на уставниот поредок. Како главен носител на тие опасни појави беше посочен „техноменаџерскиот слој“, чии припадници, често, спротивно на интересите на работниците – самоуправувачи, се стремеле кон остварување на своите приватни, егоистични цели.

Заклучоците, исто така, како главни носители на борбата против таа опасна појава ги означија комунистите што работат во Министерството за внатрешни работи, во Обвинителството и во судството. Наскоро почнаа да се насетуваат вистинските резултати од дејството на тие заклучоци. Медиумите почнаа речиси секој ден да објавуваат дека некој раководител од некое претпријатие што особено добро стои и работи – е притворен. И со секој нов притвор првите десетина – петнаесет дена објаснуваа дека, ете, уште еден или двајца им се придружиле на порано притворените за исти гревови двајца раководители од „Македонија Вино“.

Притворените беа генерални директори, технички, комерцијални, финансиски директори или шефови на служби. За секого од притворените беа „исткаени“ вистински крими-приказни, кои понатаму беа повторувани и дополнително „накитени“ во локалните радио-станици, во фабричките весници и по партиските и синдикалните состаноци.

МЕ ОБВИНИЈА ЗА СПЛЕТКАРЕЊЕ

Пролетта 1983 г., кога стана јасно дека оваа појава на притворање голем број луѓе, на кои во јавноста им се пресудува пред да им биде судено во институциите, зазема силен замав, побарав од претседателот на Извршниот совет, тогашната Влада, Драгољуб Ставрев, да закаже посебна седница на која ќе поразговараме за овие состојби и последиците од нив. Две недели немав одговор од него. Тогаш, на еден мој службен пат во Белград побарав разговор со потпретседателот на тогашната југословенска влада, Јанез Земљариќ.

Тој пред да дојде на работа во федерацијата, беше претседател на словенечката влада. Му објаснив што се случува и изнесов мислење дека тоа може да биде опасно, пред сѐ за стопанството во Македонија. Тој веднаш искажа изненадување, па на шега рече: „Ако за тоа се притвора и се гони, ние во Словенија треба сите стопански раководители да ги испозатвориме. Тоа е бесмислица“. Ја поддржа иницијативата што сум ја дал и рече дека и самиот ќе му се јави на Ставрев.

Дали му се јавил или не – не знам, но по враќањето од Белград му пишав писмо на Ставрев во кое барав одржување на седница. Ставрев се двоумеше уште неколку дена, па потоа ја закажа седницата. На неа присуствуваа сите членови на владата. На почетокот на седницата дадов кусо образложение на моето барање. Реков дека веќе има триесетина притворени раководители и тие се по правило од поуспешните фирми. Истакнав дека тие во јавноста веќе се означени како виновни и цели кругови од нивните соработници веќе се повикувани во полицијата на сослушување. Го изнесов мојот впечаток дека целата оваа активност е изнасилена и дека прераснува во вистинска кампања.

Бидејќи бев потпретседател за економски развој во владата, реков дека ако таа активност продолжи, на стопанството ќе му се нанесе голема штета, а владата ни од далеку нема да ги оствари своите основни програмски цели. Исто така, реков дека во оваа акција масовно се кршат човековите права, за кои инаку, потпишувајќи ги Хелсиншките документи, сме се обврзале да ги штитиме. Овие наши оценки владата треба да ги усвои, а потоа да види што треба да преземе.

Поголем дел од членовите на владата беа изненадени и збунети. Впрочем, само претседателот на Владата и министерот за внатрешни работи беа членови на ЦК-СКМ. По моето излагање кусо зборуваше министерот за правда, Вера Терзиева – Тројачанец. Таа ја поздрави мојата иницијатива изразувајќи сомневање, барем за дел од случаите, дека се засновани на факти и на закон. Слично настапија и сега покојните Доне Мојсов, Сретен Акимовски и Киро Поповски.

Но убедливо мнозинство членови на владата зазедоа негативен став по мојата иницијатива, а една група повлијателни членови, изразија длабоко сомневање во моите мотиви за покренување на иницијативата. Речиси сите тие ме обвинија дека со оваа иницијатива имам намера да предизвикам притисок од владата врз органите на прогонот и правосудните органи кои независно си ја вршат работата (!). Но, добар дел од овие членови отворено ме обвинија за сплеткарење со цел владата да ја доведам во судир со ЦК-СКМ и на тој начин да ја оспорам улогата на ЦК како раководно тело на водечката политичка сила во земјата.

АПСЕЊАТА ПРОДОЛЖИЈА

Седницата не заврши со заклучок. Едноставно, во еден момент претседателот ја прекина и кажа дека е доволно и секој да си извлече заклучок за себе. Апсењата продолжија, а пропагандната кампања стана уште пожестока. Од претпријатијата беа отстранувани обично оние раководители што покажале иницијатива и самостојност потребни успешно да ги водат фирмите. Тие беа заменувани со нивните најжестоки критичари во тие колективи или однадвор, често некадарни за функциите што ги заземаа.

Дури и оние од новопоставените што беа способни нешто да сработат, се плашеа да не ја доживеат судбината на нивните претходници, се пасивизираа и настапуваа како послушници на политичките функционери. Во целата таа акција државните органи за прогон беа злоупотребувани за остварување политички цели. Главен инструмент на тие политички пресметки беше мерката притвор.

Многу луѓе беа апсени и лично понижувани, како и членовите на нивните семејства. Споменатите двајца раководители на „Македонија Вино“ беа држени во притвор повеќе од дваесет месеци, а на крајот од судот беа ослободени од вина. Еден мој пријател од Штип беше држен цели 87 дена во притвор, а потоа не беше покренато обвинение и беше пуштен од притворот. Но откако излезе на слобода, иако ослободен од секакво сомневање, тој со години не можеше спокојно да излезе на улица, ниту да најде вработување.

А некои поминаа многу полошо. Генералниот директор на „Астибо“ соочен со можен притвор врз основа на исконструирани докази, а длабоко трауматизиран уште во своите младешки години од голготите и понижувањата на нашите гулази, не ја поднесе заканата и сам си го одзеде животот. Таков бран од апсења и дискредитирања на стопанственици во тогашните ју-републики немаше. Но, македонскиот ЦК, токму во слојот од такви раководители, откри свои политички противници и ги осомничи како непријатели на народот и државата.

Стек на околности го предизвикаа таквиот развој на настаните. Економската криза што ја зафати цела тогашна Југославија, особено беше остра во Македонија. Секојдневна појава стана недостигот од масло за јадење, млеко, шеќер, прашок за перење и други стоки за широка потрошувачка. Недостигот од моторен бензин предизвика воведување на системот пар – непар. За усложнување на условите, зимата 1982-83 беше многу остра, а поради недостиг од електрична енергија беа воведувани рестрикции во домаќинствата најмалку по осум часа дневно.

Од друга страна, надојдените нови генерации образовани луѓе без можност да најдат вработување соодветно на своите квалификации, ја зголемуваа напнатоста. Соочени со огромните проблеми, а неможејќи да ги видат нивните вистински причини, членовите на ЦК-СКМ виновници за таа тешка ситуација препознаа во тој слој стопански раководители што тогаш ги нарекоа техно-менаџери.

ЦЕ-КА СЕ ИСПЛАШИ ОД ТЕХНО-МЕНАЏЕРИТЕ

Инаку, тие луѓе на функции во стопанството дојдоа со одлука или барем без противење на партиските комитети. Но, поспособните од нив наскоро по доаѓањето на функциите, сфатија дека и нивниот опстанок и опстанокот и развојот на фирмите што ги водат, зависат од нивното успешно поврзување со фирми од меѓународен пазар, особено од подрачјето со конвертибилни валути. Од тоа подрачје можеа да добијат технички иновации, современа опрема и, што често се случуваше, кредити за обртни средства од кои недостиг имаа речиси сите претпријатија во Македонија.

Тие потреби ги принудуваа „техноменаџерите“ често да патуваат во странство и да се запознаваат со странци. Тие патувања им носеа дневници во цврста валута, што не беше безначајно за нивната лична и семејна ситуација. Во нивните домови тие гостите ги служеа со скапи странски пијалаци, а можеа да слушаат музика од некои од последните музички новотарии, недостапни за обичните луѓе.

Со еден збор, почнаа постепено статусно да се одвојуваат од средината во која живееја, а таа, воспитана врз идеите на еднаквоста, спонтано реагираше кон нив со завист, сомневање, дури и со омраза. Тие директори, во согласност со успехот на фирмите што ги водеа, по правило имаа повисоки плати дури и од претседателот на ЦК, а камоли од оние на членовите на ЦК.

На партиските раководители во тие услови и самите оптоварени со завист, а засипани со „анонимни писма“ не им беше тешко да препознаат за режимот сомнителни и опасни луѓе. Лично немоќни пред проблемите со кои се среќаваше земјата, тие политичари во техноменаџерите препознаа опасен слој што „неоправдано богатејќи се“, може да прерасне во нивна политичка алтернатива. Тие жестоки прогони доведоа до масовно кршење на човековите права и до натамошно економско заостанување на Република Македонија во однос на другите републики во тогашна Југославија. Негативното искуство со оваа афера имаше важен удел во општата дискредитација на системот што го имавме до 1991 г.

Протагонистите на таа политика набрзо ги снема од политичкиот живот во земјата. Општото негативно дејство на таа афера влијаеше и на расправите водени по повод донесувањето на Уставот од 1991 година. Речиси нема друго конкретно прашање кое беше толку долго и темелно опсервирано во тие расправи како што беше употребата на мерката притвор. За да не се повтори тоа негативно искуство, во Уставот беше вградено ограничување на мерката притвор најмногу до 90 дена. Беа вградени и други решенија за заштита на човековите права од самоволието на политичките центри за злоупотреба на органите за откривање и прогон.

Меѓутоа, решенијата вградени во Уставот постепено беа ревидирани. Нивната ревизија беше објаснувана со потребата за ефикасна борба против општите зла како што се нелегалната трговија со оружје, трговијата со дрога и луѓе, тероризмот, организираниот криминал и корупцијата итн. Истовремено, беше објаснувано дека во новите услови нема опасност од злоупотреба на државните органи за масовно кршење на човековите права.

Се објаснуваше дека во нашите услови нема такви семоќни политички центри како што тоа беше случај во поранешниот систем, дека повеќепартискиот парламент овозможува демократска контрола на функционирањето на органите на прогонот и дека покрај функционирањето на парламентарната демократија, дејствуваат и институциите на граѓанското општество, вклучувајќи ја и слободата на медиумите. Така, се создаде убедување дека злоупотребата на државните органи за политички цели и за кршење на човековите права станува невозможна. Но, изгледа дека некои од споменатите околности не сме ги процениле добро и во оценките добро сме се излажале.

Поврзани новости