И ВО ШЕСТИОТ МЕСЕЦ ОД БРЕМЕНОСТА ОЛИВЕРА НИШАНИ ОДЛИЧНО

by fokus

Пишува: Вики Клинчарова

Оливера Наковска Бикова, параолимписката победничка во Лондон во дисциплината стрелаштво со воздушенн пиштол во 2012 година, вчера на Параолимписките игри во Рио да Жанеиро го освои седмото место во дисциплина десет метри воздушен пиштол. Во шестиот месец од бременоста, талентираната битолчанка имаше резултат од 92,8 поени, а нејзиниот сопруг Златко и ќеркичката Викторија се пресреќни и велат дека со нетрпение го чекаат нејзиното враќање дома, на дваесетти септември.

,,Многу сме горди на нашата Оливера! Секако дека ќе и приредиме свечен дочек, веќе се организираме со нашите блиски роднини и пријатели. Иако успехот од Лондон не се повтори, сепак за нас и седмото место е голема причина за среќа. Тоа што Оливера се натпреваруваше во шестиот месец од бременоста е само уште еден показател за нејзината цврстина и генијалност. Дури мислам дека освен што одлично ја поднесува бременоста, во овој период е и многу помотивирана и сконцентрирана, како да добива повеќе елан и енергија од мајчинството. Навистина сум среќен што токму таа е мојата сопруга, мојата гордост и идеален животен сопатник,, – ни раскажа нејзиниот сопруг, кавадарчанецот Златко со кого што се заедно уште од 2002 година, кога им се случила љубов на прв поглед во Охрид, за време на државно првенство на СТИЛМ.
olivera2
Инаку, Оливера била родена без лева рака, а пак Златко исто така е телесен инвалид, со слаба церебрална парализа, поради која што накривнува на едната нога, но физичкиот хендикеп никогаш не претставувал никаква пречка во нивните животи.
,,Со Оливера се венчавме по неколкумесечно забавување, бидејќи уште од првиот момент кога ја сретнав, знаев дека таа е вистинската. Јас од Кавадарци се преселив во Битола, и имаме убав живот исполнет со слога и разбирање. Немаме никакви комплекси поради нашите хендикепи, функционираме нормално, се дружиме со нашите многубројни пријатели, и посветуваме многу време на нашата деветипол годишна ќеркичка Викторија, а сега со нетрпение и радост го чекаме доаѓањето на свет и на нашето второ дете. Сеуште не го знаеме полот на бебето, сакаме да биде изненадување, но тоа и не е важно, само да биде живо и здраво,, – вели сопругот на параолимпијката.
olivera3
Тој додава дека таа и во Рио заминала со омилениот пиштол од марката ,,Морини,, кој што го добила на подарок од претставници од стрелашко друштво од Швајцарија.
,,Со пиштолот ,,Морини,, Оливера го освои златото во Лондон, и не се дели од него. Дома имаме многу пиштоли, но овој го доби во 2005 година во Падова, Италија, кога го израмни светскиот рекорд,но бидејќи стануваше збор за отворено првенство, резултатот не и беше признат. Тогаш, претставници од стрелачко друштво од Швајцарија воодушевени од нејзиниот талент решија да и го подарат ,,Морини,, кој што и до ден денешен и е омилен,, – раскажува гордиот сопруг.
Оливера започнала да вежба стрелање уште во 1997 година. По секојдневните тренинзи кои што траеле и по четири часа дневно, таа започнала да ги покажува резултатите и во 2001 година стана Европски шампион во Холандија.
Утре, таа ќе учествува во квалификациите во стрелање со спортски пиштол од 25 метри мешано.

Поврзани новости