Николовски: Парите за чистење на каналите завршиле кај фирми блиски до власта

by fokus 12:46
12:46

Криминалот на власта има огромни последици по безбедноста и сигурноста на граѓаните. Со поплавите на површина испливаа целото неодговорно и криминално работење, за кое со документи алармиравме уште во јануари оваа година, рече на денешната пресконференција Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

-Само во 2014 година, преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, исплатени се повеќе од 2,5 милиони евра за одржување на каналска мрежа за одводнување и наводнување на земјоделско земјиште и инвестиции наменети за водостопанство. Повторно, овие пари легнуваат на сметките на фирмите блиски до владејачката партија. Се работи за следните: Стентон градба – близу 400 илјади евра, Силекс Неметали – близу половина милион евра, Трансмет – близу 700 илјади евра и Жикол – над 800 илјади евра. Исто така, во конечниот извештај за финаниското работење за 2014 година на оваа иста агенција позади нас, Државниот ревизор констатирa дека близу 3 милиини евра (или точно 177.183.000 ден.) се исплатени токму преку оваа мерка без при тоа да биде спроведена контрола на лице место и за тоа официјалните контролори на оваа агенција да достават записници – рече Николовски.

 

Од парите за чистење на канали близу 700.000 евра, завршиле во фирмата „Трансмет“.

– Нејзиниот сопственик Сеад Кочан, на почетокот на оваа година ја отвори и ТВ Нова, уште една телевизија на која можат да се слушнат многу пофални зборови за власта. Се работи за „оној што има Сеат Ибица“, како што би рекол Никола Груевски, а слушнавме во „Вистината за Македонија“. Близу половина милион евра завршиле кај Силекс Неметали, фирма во сопственост на Силекс АД Кратово, која пак е во сопственост на коалициониот партнер на Груевски, Љубислав Иванов – Ѕинго, чиј син е пак сопственик и на Сител телевизија – рече Николовски.

Во време на склучување на договорот со Силекс Неметали и исплата на парите, додаде тој, министерот за земјоделство Михаил Цветков, е член на Управниот одбор на Силекс АД Кратово.

– Тоа е класичен судир на интереси, за кој веќе поднесовме кривична пријава и очекуваме разврска. Еве го и договорот кој Министерот го склучил со фирмата која е во сопственост на друга фирма каде тој бил член на Управниот одбор. Токму врз основа на овој договор, тежок половина милион евра, кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година, требало да се чистат каналите во Скопско поле. За ова и за сите други злоупотреби направени на сметка на безбедноста и животите на граѓаните, виновниците ќе одговараат. По 11 декември доаѓа нова влада на која приоритет ќе и бидат граѓаните, а не полнење на приватни џебови – порача Николовски.

 

Поврзани новости