Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ
Веќе нема трошка сомнеж дека власта бара криминал секаде, само не во своите редови. Доказ за тоа се двете афери кои ги полнат дневните весници и телевизиите кои се контролирани од владиниот кабинет. Јасно, зборуваме за случајот Пајажина и за Надеж, сосе двете негови продолженија!
Имено, дека постои селективност тоа им е јасно и на читателите на еден весник каков што е Нова Македонија, за кој никако не можеме да кажеме дека е близок до опозицијата. Па, така, дури 55 отсто од читателите на овој медиум веруваат дека случајот Пајажина е политички мотивиран, што нормално не значи дека на „Перо Наков“ немало никаков криминал. Впрочем, тоа судот треба да го докаже, откако веќе се покренаа обвиненија против Велија Рамковски и против неговите соработници!
На страниците на нашиот весник во последниот месец откривме цела низа фирми, чии врски, барем нам ни личат на она што се случува на „Перо Наков“ и затоа овој случај го нарековме Пајажината на Националната картичка, оти почетоците на овие фирми се поврзани со фамозниот проект на поранешниот министер за финансии, денешниот премиер Никола Груевски!
И ПРЕРОДБЕНИЦИТЕ ИМААТ СВОЈА „НАДЕЖ“!
Како што очекувавме, власта воопшто не се заинтересира за овој случај, а тоа ги подгреа нашите сомнежи дека навистина во оваа пајажина се заплеткани многу актуелни функционери, а додека пајакот можеби, велиме можеби, е еден од најмоќните луѓе во Македонија. Ако сето ова е точно, тогаш не треба да нѐ’ зачудува тоа што власта нѐ игнорира нас и нашите истражувања, оти нормално е дека никој не сака да си ја сече гранката на која седи!
Фактот дека во Антикорупциската комисија нов мандат ќе тера најнеуспешната претседателка на ова тело, Мирјана Димовска, ја покажува намерата на портокаловите, дека тие ќе ги процесуираат само оние случаи кои во дадениот момент ќе ѝ се видат корисни за медиумска пресметка со опозицијата. И во тој дуел нема место за една независна Антикорупциска комисија!
Токму затоа, неодамна на виделина испадна уште еден скандал поврзан со името на Бранко Црвенковски, односно се обелодени аферата популарно наречена „Надеж 2“, а медиумите блиски до власта секојдневно, буквално во секое издание ја обработуваат. Секако, за тоа не може никој да ги обвини, оти доказите што излегоа на површина кај секој разумен човек ќе разбудат сомнеж дека во овој случај можеби имало корупција!
Излезе дека кабинетот на поранешниот претседател на Македонија Црвенковски исплатил повеќе од половина милион евра на фирмата „Пристоп МК“ во која меѓу сопствениците е, никој друг, ами синот на Зоран Иванов, тогашниот шеф на кабинетот на Црвенковски. Парите биле предвидени за организација на охридскиот самит на претседатели во 2008 година. Објаснувањата на Иванов и на неговиот син, популарниот режисер Игор Иванов- Изи, само повеќе го зголемија сомнежот дека навистина нешто смрди во тој случај. Режисерот Изи отворено пред камерите, во емисијата на Миленко Неделковски рече дека него не го интересира (не)моралната страна од оваа приказна, туку само фактот дека сѐ било според законите!
Таткото и синот Иванови се жалат дека колегите од провладините медиуми не ги консултирале како втора страна во случајот, а со оглед на доказите што излегоа на виделина во нивен прилог не би зборувала ни некоја трета страна, па макар тоа бил и самиот Дедо Боже!
Во овој текст ќе стане збор и за еден случај сличен на „Надеж 2“ со таа разлика што главен актер во оваа приказна е никој друг, ами кумот на Груевски – вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски.
Имено, фирмата на братучедот на Ставревски во 2009 година добила тендер од Министерството за информатика заедно со уште три фирми, меѓу кои е и контроверзната „Виста груп“. Зделката е вредна речиси 800.000 евра, а со неа Министерството за информатика би требало да си обезбеди систем за меѓусебна размена на податоци, што и да значи тоа!
ПРВИ БРАТУЧЕДИ
Откако ги објавивме текстовите за ,Виста груп, и за фирмите околу неа, до нашата редакција стигна информација од анонимен читател, кој не упати да ја провериме веродостојноста на неговите податоци.
Имено, ние напишавме дека „Виста груп“ заедно со уште две фирми и компанијата „Интервеј“ склучиле договор со Министерството за информатика во 2009 година, а напишавме и дека газдата на „Интервеј“ Сашо Ефтимоски, е еден од косопствениците на „Ксмет кард“ фирмата која требаше да го воспостави системот за електронско плаќање во автобусите на ЈСП. И во оваа фирма, партнер на Сашо Ефтимоски е „Виста груп“!
Според информациите на анонимниот читател, Ефтимоски е прв братучед на вицепремиерот Зоран Ставревски, односно, таткото на Ефтимоски е брат на мајката на Ставревски. Имено, вујкото на Ставревски е ексдиректорот на „Инвест банка“ и нејзин поранешен акционер Јосиф Ефтимоски, а „Инвест банка“ е името на денешната „Шпаркасе“ која е во целосна сопственост на Австријците!
Информацијата ја проверивме од два меѓусебно независни извори и според она што го дознавме, можеме да кажеме дека станува збор за точни податоци. Во меѓувреме, контактиравме со сопственикот на „Интервеј“ Сашо Ефтимоски, и тој не негираше дека Ставревски му е братучед, туку замоли сите прашања што ги имаме да му ги пратиме по имејл. Тоа и го сторивме, но се уште немаме никаков одговор до затворањето на овој број од весникот.
Нѐ интересираше и за што точно „Интервеј“ склучиле договор со Министерството за информатика и колку пари од тие 800.000, колку што вредел тендерот, се слеале на сметката на „Интервеј“. Понатаму, го прашавме Ефтимоски, дали смета дека има судир на интереси во овој случај, со оглед на фактот дека тој склучил договор со министерство кое е дел од владата во која неговиот братучед е вицепремиер?
Одговор не добивме, а истото прашање го проследивме и до министерот Ставревски – и повторно одговорот се уште го чекаме. Токму затоа се прашуваме, дали Ставревски и неговиот братучед до крај го почитуваат груевистичкиот принцип – Молчењето е одобрување?
Инаку, на сајтот на Бирото за јавни набавки, Е-набавки, се гледа дека во јануари 2009 година Министерството за информатика склучило договор со конзорциум од четири фирми вреден речиси 49 милиони денари или околу 800.000 евра. На тендерот се јавиле девет фирми, а највисоката понуда изнесувала 1,6 милиони евра, додека најниската понуда била 570.000 евра. Победници сепак биле четирите компании собрани во еден конзорциум, во кој покрај „Интервеј“ и „Виста груп“ се и „Дуна компјутери“ и „Микрософт“.
Од податоците што ги добивме од Централниот регистар, јасно се гледа дека единствен сопственик и управител на „Интервеј“ е токму Сашо Ефтимоски!
Повеќе информации за оваа фирма може да се добијат на нивниот сајт, каде што се вели дека „Интервеј“ ги обновува банкарските трансакции во реално време, односно клиентите на фирмата може да се информираат за секоја финансиска трансакција на нивната банкарска сметка во истиот момент кога трансакцијата се случува. Наводно, со услугите на оваа фирма нејзините клиенти може да заштедат и време и пари!
Со оглед дека на интернет-страницата на „Интервеј“ има соопштение од ,Шпаркасе банката, можеме да заклучиме дека тие имаат некаква соработка, а ние само ќе повториме дека поранешен директор на оваа банка е Јосиф Ефтимоски, таткото на газдата на „Интервеј“!
ГОЛЕМОТО ДРУШТВО СЕ ЗБРАЛО
Веќе спомнавме дека Сашо Ефтимоски се јавува како сосопственик на „Ксмет кард“ фирмата во која за првпат на исто место официјално се појавуваат Стефан Пулејковски- Штеф и фирмата „Виста груп“, иако веќе објавивме дел од текстови на други медиуми во кои тој се претставува како прв човек на „Виста групацијата“.
Понатаму, еден од косопствениците на „Ксмет кард“ ,кои во оваа фирма вложиле по 750 евра, е и Владими Коневски, познат во скопската чаршија како брат на починатата министерка Габриела Коневска-Трајковска, која беше задолжена за евроинтеграциите во првата влада на Никола Груевски.
Покрај фактот дека Ефтимоски му е братучед на Ставревски, и покрај тоа што неговата фирма соработува со власта и со „Виста груп“ има уште еден момент кој го поврзува со премиерот Никола Груевски.
Имено, според податоците на Централниот регистар, домашната адреса на Ефтимоски се наоѓа на улица „Бихачка“ односно на истата улица каде што два, три или четири стана (кој да знае?!) има мајката на премиерот Никола Груевски!
Некој ќе рече дека Македонија е мала земја и дека во тој случај можно е фирмите на роднините на нашите функционери понекогаш и да добијат по некој ангажман и од власта, додека во неа седат нивните братучеди!
Никој не вели дека и тоа не е можно, но интересно е дали портокаловите борци за чесност, отчетност и за транспарентност, ќе излеат на прес-конференција и да кажат дека овој случај е крајно сомнителен?
Исто како што сторија и со случајот „Надеж 2“.
Еве, однапред ќе ви кажеме дека тоа нема да се случи, оти како што рековме на почетокот од текстот веќе никој, ама апсолутно никој не се сомнева во селективноста на власта кога е во прашање борбата против криминалот. А, ако и се верува на анкетата на „Нова Македонија“ тогаш повеќе е јасно дека во тоа не веруваат ниту поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ!
Молчи, молчи, кумчето наше
СТАВРЕВСКИ ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“
Вицепремиерот Зоран Ставревски едноставно ги игнорира прашањата поставени од нашата редакција. Веќе за ова пишувавме, но повторуваме дека минатото лето го прашавме, зошто пратил финансиска инспекција во фирмите на сдсмовскиот пратеник Томе Чинговски една недела откако овој го критикуваше министерот во Собранието? Одговор не добивме!
На почетокот од годинава го прашавме министерот за финансии, како владата ги дели парите наменети за партиите и нѐ интересираше зошто и лани и преклани е поделена иста сума меѓу партите, кога се знае дека буџетите се различни во двете години, а според законот парите што се делат изнесуваат 0,06 отсто од буџетот? Одговор повторно не добивме!
Како што веројатно претпоставувате, и овој пат немаше никаков одговор на нашето прашање:
Дали вицепремиерот Ставревски гледа конфликт на интереси во фактот дека фирмата на неговиот братучед склучила договор со Министерството за информатичко општество, односно, со дел од владата во која Ставревски е вицепремиер?
Можеби и ние како и А1, едноставно не го разбираме министерот, па тој нема други зборови, освен молчењето (кое, нели, значи одобрување), со кои може да ни ги објасни нештата!