Цане Суботиќ и тутунскиот картел на синот на Милошевиќ

by Фокус

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“.

Ништо помалку илустративна е и неговата изјава до белградското обвинителство за организираниот криминал од понов датум, кој се однесува на приватизацијата на најтиражниот српски дневен весник „Вечерње Новости“, чиј неуспешен епилог резултираше со најавата на германски ВАЦ за напуштање на српскиот пазар на печатени медиум.

Неодамна, Суботиќ напиша уште една кривична пријава, овој пат за екс-министерот на српската полиција, Душан Михајловиќ.

Моите адвокати на 25-ти мај оваа година Ви ја предадоа мојата изјава во која ги изнесов своите сознанија за работите на организираната криминална група, на чие чело се Милан Беко и Мирослав Мишковиќ.

Во дописот објаснив и ги поткрепив доказите и механизмите со кои овие двајца со помош на власта во Србија, во периодот од 2004-2008 година, незаконски и криминално учествуваа во скоро сите приватизации во Србија.
Ви ги предадов и доказите за местење на тендери, давање мито на министрите и на владините службеници, пред се на членовите на кабинетот и владата на Воислав Коштуница.

Покрај општите механизми, кои Ви ги презентирав, ви предадов и конкретни докази за разните кривични дела во приватизацијата на весникот „Вечерње Новости“. Како посебен додаток е предавањето на  сознанијата и доказите за разните криминални дела на Манојло Вукотиќ.

На крајот од тој допис најавив дека ќе Ви ги испратам и своите сознанија од останатите криминални приватизации во „Лука Београд“ и во  Индустијата за градежен материјал „Трудбеник“, кои оваа група со години ги правеше, бидејќи тие две меѓусебно се поврзани.

Непосредно после мојот допис, во почетокот на јуни, председателот на Советот за борба против корупцијата, Верица Бараќ, токму на Вас ви ја предала кривичната пријава против 17 лица за незаконска приватизација на „Лука Београд“.
Поради тоа сметав дека доставувањето на моите сознанија и докази би било нецелсходно и дека би пречело во истрагата, која според нивната пријава се надевам дека ја водите, па писмено се обратив до Советот и ним им ги понудив своите сознанија и докази, кои имав намера да ви ги доставам Вам.

Доколку  Вие или Вашите соработници, во текот на истрагата сакате да се запознаете со информациите и доказите кои ги поседувам за оваа приватизација, како што веќе Ви напомнав во дописот, подготвен сум  да бидам во директна комуникација со Вашите соработници или со Вас лично и да ви дозволам целосен увид.

Дописот што Ви го доставувам сега, се однесува на моите сознанија за кривичните дела што ги стори членот на оваа организирана група, Душан Михајловиќ, бившиот министер на полицијата во Владата на Србија.

Против споменатиот Михајловиќ, како и кон уште 22 лица, на 19- ти март оваа година, до надлежното обвинителство во Женева, Швајцарија, каде што престојувам, поднесов кривична пријава за вршење на повеќе кривични дела – изнуда, уцена и рекетирање, кои Душан Михајловиќ самиот ги стори, злоупотребувајќи ја својата положба на министер за полиција во владата на Србија.

Обвинителот ја прифати кривичната пријава, таа стапи во правна сила и на неа се работи во голема мера. Меѓутоа, сметав дека е потребно и на Вас да ви ги доставам моите сознанија во форма на изјава, не само од причина што овие дела се гонат по службена должност, туку и како помош во Вашата јавно изречена намера дека обвинителството ќе постапи професионално, без политички влијанија и дека нема да бидат недопирливи, посебно политичарите.

Друга причина за поднесување на ова писмо лежи во фактот дека истите овие членови на организирани криминални групи, како и последиците од криминалните дејства на Душан Михајловиќ кога беше министер, во моментов имаат значително влијае на работата на судските институции, особено на Специјалното обвинителство за организираниот криминал, на чие чело сте Вие.

Пред Специјалниот суд се води постапка по Ваше обвинение К.Т.Ц 11/07, кое е последница на полициската акција Мрежа, која ја создаде и назаконски и тајно ја спроведуваше Душан Мијахловиќ, со намера да рекетира и да ги уценува богатите поединци, меѓу кои бев и јас!

 

ВИСТИНАТА ЗА ПОЛИЦИСКАТА АКЦИЈА МРЕЖА

За појасно сфаќање на суштината во покренувањето на акцијата  Мрежа, како и вистинските мотиви на актерите, неопходно е да се вратиме хронолошки до средината на деведесетите години и почетокот на распаѓањето на еден диктаторски режим, претворен во терор од фамилијата и од институциите на Слободан Милошевиќ.

Србија, Белград, Уб, јули 1997 година
После повеќе од десет години поминати во Франција, каде што живеев и работев, со значително заштеден капитал, се вратив во Србија и парите ги инвестирав во производство на текстил, бидејќи тоа беше мојата струка. Тоа беше на крајот од осумдесетите и почетокот на деведесетите години, во времето на Анте Марковиќ, кога на сите ни се чинеше дека Југославија ја чекаат успешни времиња.
Мојот бизнис тргна многу добро и целиот профит го вложував во зголемување на призводството и во  ширење на продажната мрежа.

Меѓутоа, со почеткот на воените операции во земјата, успесите и оптимизмот набрзо ги заменија стравот и безнадежта. Работата започна да поприма нови форми и правила, се одзема банкарскиот начин на работење и плаќање, ризикот во бизнисот ја преминуваше секоја позната граница.

Во немоќта да ја наплатиме продадената стока извезена за Македонија, прифатив шлепер со цигари од „Тутунски комбинат Скопје“, на име на противвредност на долгот. Поради тоа што немав искуство ниту со продажбата, ниту со трговијата на цигари, сите цигари ги ставивме во продажба во еден од нашите објекти и сосема случајно откривме дека тоа е многу исплатлива работа.

Не само што го продадовме целиот шлепер за едно послепладне, туку заработивме многу повеќе од вредноста на долгот. Бизнис инстиктот не натера сите нас во фирмата да побараме уште стока и на тој начин влегов во бизнис светот со трговија на цигари.

Користејќи го долгогодишното искуство од западна Европа и бројните контакти, стапив во контакт со самите производители на цигари и набрзо ги потпишав првите договори за застапување и дистрибуција за поголем дел од Југоисточна Европа. До средината на деведесетите години бев еден од најголемите официјални застапници  и дистрибутери скоро на сите производители на цигари за балканскиот регион.

Во тоа време во Србија, истрошена од војните и санкциите, владееше сиромаштија и беда. Најголем број од луѓето беа осиромашени. Криминалот, кој беше поврзан со државните структури, имаше апсолутна моќ. Работејќи ја оваа работа, по сила на приликите, морав да се запознаам  со бројните тогашни моќници, без чија добра волја не се  добиваше ниту една потврда неопходна за легално вршење на работите.

Така ги запознав шефот на тајната полиција Јовица Станишиќ, шефот на јавната безбедност Радован Стојчиќ, шефот на парламентарната група на тогашната владечка партија СПС, Милорад Вучелиќ, и многу други моќници.

Одговарав на сите нивни барања, со своите пари помагав во разно-разни акции и проекти за кои бараа мој придонес, верувајќи дека на тој начин му помагам на својот народ и на својата држава.
Верував дека нашиот меѓусебен однос е искрен и пријателски!

 

МАРКО МИЛОШЕВИЌ СТАНА НАЈГОЛЕМ ДИЛЕР НА ЦИГАРИ!

Во тие години, во бизнисот со трговија на цигари влезе и синот на председателот на Србија, Марко Милошевиќ, па набрзо овој бизнис почна на поприма друг облик. Бидејќи синот на председателот беше склон кон арогантно однесување и постојано се движеше во круг на криминалци, на нивен предлог, со помош на својата мајка Мирјана Марковиќ, која во тоа време беше најмоќниот човек во државата, Марко стана најголемиот дилер на цигари во Србија, но, со една цел, сакаше да биде единствен во таа работа!

Киндапирањата, тепачките и убиствата станаа составен дел од животот во Србија. За полицијата тоа беа нерешени случаеви, а за сите останати тоа беа јасни пораки од Марко, неговиот клан и од полицијата, која беше во цврстите раце на татините и мамините следбеници.

Во почетокот, мојата фирма и јас немавме проблеми, бидејќи бевме официјални дистрибутери и не се занимававме со улична продажба. Поради тоа не претставувавме конкуренција на апетитите на Марко.
Но, Марко набрзо најде извор за фалсификување цигари, на оние марки за кои јас бев легален застапник, па нашето присуство почна да му смета.

Се започна со „добронамерни“ пораки- да не се замераме со Марко и со Мира, дека подобро ќе биде се да им оставиме на нив. Пораките во прво време беа од луѓето кои беа вклучени во бизнисот, но, подоцна и од луѓето од  власта!

После убиството на Владе Ковачевиќ – Треф, бизнис партнерот на Марко и човекот кој ја работеше таа работа за него, но, и убиството на Радован Стојачиќ – Баџа, шефот на јавната полиција, тие закани и предупредувања станаа секојдневни!

На заканите им беа додавани и предупредувања дека владетелите на Србија дополнително ги лутам и со своите блиски врски со Мило Ѓукановиќ, кој претставуваше голем трн во очите на брачниот пар Милошевиќ-Марковиќ!

Од причина што не послушав ниту еден од овие ,совети, набрзо уследи реакција од страна на државата. Во текот на моето семејно летување во Грција, во јули 1997 година, во моите стамбени и деловни објекти во Србија, без налог од судот или од обвинителството, упаднаа припадниците на полицијата, кои беа предводени од Миодраг Вуковиќ, десната рака на тогашниот шеф на криминалистичката полиција, Драган Илиќ.

Истиот тој Вуковиќ, сега преоблечен во демократско руво и под заштита на Душан Михајловиќ,  во 2003 година ја започна тајната акција Мрежа, исполнувајќи ги налозите кои уште од 1997 година ги добиваше од страна на Мира Марковиќ.

Во текот на упадот во моите објекти, освен што се беше фотографирано, вклучувајќи ја и детската гардероба, беше запленета документација, меморандуми, печати, деловни книги, околку десетина илјади германски марки и разни други предмети.

Без одлука на судот и на обвинителството, без знаење на истражниот судија, приватната гарда на Мира Марковиќ, со помош на шефот на криминалистичката полиција Драган Илиќ и неговиот извршител Миодраг Вуковиќ, ми испрати јасна порака.

Од контактите со тогашните пријатели, не успеав да дознаам која е причината за ваквата постапка на полицијата и по чиј налог тие работат. Добив само порака дека позади тоа стојат Мира и Марко и дека ќе биде подобро да не се враќам во државата.

После 6 месеци од ваквиот вандалски упад, МУП поднесе 2 кривични пријави против мене како сопственик на компанијата и против моите тогашни директори. Првата беше за прекршување на законот за девизно работење, а втората за злоупотреба на овластувањата во приватна фирма (!), истото дело кои десет години подоцна истиот тој Вуковиќ ќе го стави во обвинението пред Специјалното обвинителство, на чие чело сте Вие сега.

Иако двете пријави од МУП имаа судски епилог и со пресудата на Врховниот суд бев првостепено ослободен уште во 1999 година, МУП никогаш до денес не ми ја врати запленетата документација и печатите на фирмата „Миа“ од Уб, бројните други предмети, како и украдените пари. ИВ-тиот Општински суд во Белград во 2000 година мораше да донесе решение за принудно извршување!

 

ПОРАЧАА ДЕКА ЌЕ МЕ НАЈДАТ ПЛАТЕНИТЕ УБИЈЦИ НА МАРКО

По налог на Мира Марковиќ лично, без судска одлука, МУП распиша потера по мене, поради сомневање дека сум извршил даночно затајување, во која се наведуваше дека сум опасно лице, вооружено, полицијата да биде претпазлива во текот на приведувањето, иако во својот живот не сум поседувал никакво оружје!

Во тие години, тоа беше јасна порака до сите во полицијата и во подземниот свет, дека тоа лице се наоѓа на списокот за убивање. На време дознав за тој факт и не се вратив повеќе во земјата, туку со моето семејство се одселив во Швајцарија, каде што и до ден-денешен живеам.

Во тој период на егзил добивав пораки да прекинам со работата во Црна Гора, да престанам да продавам цигари на поедини купувачи, дека платените убијци на Марко ќе ме најдат и слично. Не сакав да се согласам со заканите и уцените, туку продолжив официјално да ја обавувам таа работа од Женева.

Се обидував по официјален пат, преку адвокатите и судот, да ја докажам својата невиност и со пресудите од 1999 и 2000 година во тоа успеав. Меѓутоа, Мирјана Марковиќ не се помируваше со тој факт, па со помош на своите луѓе, кои во меѓувреме ги постави како во јавната и  тајната полиција, така и во судовите, во медиумите започнаа да пуштаат измислени приказни за моето прогонство, која беше последица на мојата наводна вмешаност во убиството на Радован Стојчиќ.

Пред сето тоа за прв пат да се појави во јавноста, еден од пријателите што беа високо рангирани во тогашниот систем ми рече дека таа приказна ја пуштиле од ЈУЛ и дека во јавноста ќе ја соопшти председателот на радикалите, Воислав Шешељ.

Налогот за таа работа ќе му го даде тогашниот помошник и шеф на КОС или на ДБ, кои го „држат“ Шешељ само поради такви акции. Набрзо и тоа се случи, и од тогаш до ден-денешен кога на некој ќе му затреба преку медиумите да ме дискредитира, ги користи лагите и измислиците пласирани од страна на ЈУЛ!

Обидувајќи се на сите начини да ги дознаам вистинските причини и инспиратирите на хајката која се водеше над мене, успеав да заклучам дека покрај ароганцијата на Марко, постои уште една, не помалку важна причина, а тоа беше моето богатство, подобро кажано количината на пари која што успеав да ја заработам, работејќи ја таа работа.

Пред се, една група на луѓе од врвот на режимот, недостигот на пари во буџетот се обиде да го надомести, сервирајќи му приказна на Слободан Милошевиќ и на неговата сопруга, дека поединци како мене, кои се збогатиле во текот на деведесетите години, треба дел од своето богатство да го подарат на државата!

Имаше тука лични одмазди, љубомора, демагогии и лицемерства, и тоа стана главна тема во разговорите кога стануваше збор за финансиите. Втората група на припадниците на тој режим сметаше дека тоа е безсмислено, дека на тој начин се прикриваат лудите проекти на ЈУЛ и на нивното среброљубие, но, сепак сметаа дека дел од нашите пари треба да припаднат на ,државата, а тие да одлучат што ќе биде – држава!?

Покрај Марко и неговите апетити, се најдов помеѓу две гладни групи, припадниците на режимот кој си заминуваше, на кои единствен интерес им беа моите пари, кои набрзо почнаа да ги сметаат за свои.

За жал, и покрај промените на режимот, и во наредните десет години останав главен мотив на хајката против мене и моето семејство!

 

ЃИНЃИЌ МЕ ПОВИКА ДА ИНВЕСТИРАМ

Србија, 5-ти октомври, 2000 година
Рушењето на тој режим, секако, го дочекав со нескриено воодушевување и бев подготвен на новите претставници од власта, од кои некој веќе ги познавав, да им помогнам на било кој начин.

После неколку години азил, во Белград дојдов во јануари 2001 година, непосредно пред формирањето на новата влада. Во таа прилика дознав дека полициската потерница што ја распишаа послушинците на ЈУЛ, се уште е на сила, бидејќи на граничниот премин, службеникот  едвај ме пушти да влезам во земјата и покрај тоа што на аеродромот ме чекаа претставниците од новата влада.

Во текот на таа посета, се видов со Зоран Ѓинѓиќ, кој за неколку дена стана премиер на Србија. Му ги соопштив моите долгогодишни проблеми со претставниците на ЈУЛ и со радикалите во полицијата.
Направивме договор дека тој ќе го побара официјалниот извештај од полицијата, во моментот кога на нејзино чело ќе дојде новиот министер, Душан Михајловиќ.

По овој повод, започна мојот непосреден контакт со Душан Михајловиќ. После убиството на Зоран Ѓинѓиќ, контактот се претвори во личен, а заврши со рекетирање и уценување од страна на Михајловиќ.
Како последица на тоа, исконструирано е обвинение, за да ми се суди,  потпишано од Вашиот претходник на местото специјален обвинител, како резултат на политичките притисоци од страна на соработниците на Воислав Коштуница!

Неколку недели по формирањето на новата влада, добив порака од Зоран Ѓинѓиќ,  дека проверил со Душан Михајловиќ и од него добил одговор дека со мене е ,се во ред, дека нема никаква истрага или постапка, дека единствено таа истрага е водена во 1997 година, што судот ја отфрлил во 1998 година.
Ѓинѓиќ ме повика да дојдам, да инвестирам во Србија и јас ја прифатив понудата.

После неколку недели дојдов во Белград со голема делагација на странски инвеститори од Европа на закажани состаноци со претставниците на владата на Србија. Повторно го доживеав истото малтретирање и тоа пред моите деловни соработници.

Малтретирањето скоро секогаш изгледаше исто:
Во моментот на предавање на пасошот кај полицаецот, секогаш ме извдојуваа на страна, повикуваа некој на телефон или на моторола, чекаа да одговорат, а мене ме испрашуваа – Каде, зошто, кај кого, на колку дена одам, и после 10 или 20 минути ме пуштаа да влезам во земјата!

Истото се повторуваше секој пат кога влегував во земјата, а степенот на малтретирање и шиканирање зависеше од поединците кои тој ден работеа на шалтер. Кон мене се однесуваа како кон сомнително лице  кое е опасно и проблематично.

Поединци дури ми се закануваа и ми зборуваа дека јас ниту сум, ниту пак некогаш ќе бидам слободен човек. Пред останатите патници, со моторолата на глас коментира за мене дека јас сум тоа лице од потерницата, но секогаш после периодот поминат во чекање на страна, ме пуштаа да влезам во земјата, без никакво објаснување зошто бев задржан!

На овој начин бев оневозможен да ја вршам мојата работа, бидејќи секој пат морав да им објаснувам на деловните партнери зошто ме задржуваат и проверуваат. Од Зоран Ѓинѓиќ барав полицијата да ме повика и од мене да земе изјава, ако нешто ги интересира, ако ме процесуираат, ако нешто постои, да му дадат на правосудтвото факти кои ги имаат собрано, само да ми го решат проблемот што го имав на границата или пак да ми кажат за што се работи!

 

ИВО ПУКАНИЌ ГИ ИЗВРШУВАШЕ НАЛОЗИТЕ НА ХРВАТСКОТО ПОДЗЕМЈЕ

Тогашниот премиер го побара министерот Душан Михајловиќ и во мое присуство му пренесе се за мене, барајќи од него да му даде се што имаат за мене, бидејќи тој сакаше да знае дали постои нешто проблематично во мојата биографија.

Од причина што сакаше со мене деловна соработка, мораше да ги знае сите релевантни факти за мене. Михајловиќ му одговори дека ќе бара од полицијата детална проверка за се, но, колку што тој знае, не постои кај него ништо спорно и дека не знае зошто некој ме задржува на граница.

Премиерот Ѓинѓиќ, за да биде сигурен дека сето тоа ќе се разреши, го повика својот најблизок соработник и близок пријател, Владимир Поповиќ, и го замоли тој да го надгледува овој процес, за сето тоа ефикасно да се доведе до крај. Фактот што го познавав Поповиќ од порано, само ја олеснуваше мојата моменталната ситуација.

Набрзо дојде одговор од Михајловиќ, во кој јасно стоеше дека не постои ниту една единствена причина поради која мене некој би ме задржувал на граница, дека тоа е последица од старата полициска истрага, која е укината и повлечена, дека можеби некаде тоа не е заведено и дека можеби поради тоа се случува целава работа. Михајловиќ тврдеше дека сеуште има кадри на ЈУЛ во полицијата и дека тие работат самоиницијативно во свој стил, но, дека јас сум чист и слободен граѓанин и дека тоа повеќе нема да ми се случува!

Во тоа време во Хрватска, една група на криминалци, со поддршка на структурите на Милошевиќ, инсталирани во кабинетот на председателот Воислав Коштуница, започнаа план за рушење на легално избраната власт во Србија и Црна Гора. За изведувач на таа акција ангажираа член на криминалната организација, Иво Пуканиќ, самопрогласен новинар, кој во суштина претставуваше медиумски рекетар и извршител на налозите добивани од страна на шефовите од хрватското подземје во медиумите што тој ги уредуваше.

На тој начин започна „Тутунската афера“ во хрватски „Национал“, која ја прифатија нивните соработници во Србија и Црна Гора, пред се во медимумите и во политичките партии. Моето име и мојата слика станаа синоним за сите зла од режимот на Милошевиќ во годините во кои цветаше криминалот.

Иако целиот текст во „Национал“ беше заснован врз лаги и подметнувања, полувистини и инсинуации, кај поедини медиуми и политички партии беше прифатен како Свето Писмо, чија содржина не се доведува во прашање!

Медиумската кампања и харангата на која бев изложен, само го влошуваше мојот третман на аеродромските гранични премини и поради тоа повторно престанав да доаѓам во Белград. Моите адвокати по официјален пат бараа од надлежните институции да одговорат на прашањето за мојот статус и малтретирањето на кое бев изложен секој пат кога влегував во земјата!

Во тие обраќања до надлежните институции баравме да бидам сослушан или процесуиран, да кажат еднаш за што се работи, бидејќи ваквиот третман беше неиздржлив. Сите одговори беа идентични- нема ништо спорно и дека тие не знаат за што се работи!

Владимир Поповиќ истото ми го повторуваше неколку пати, тврдејќи дека по налог на Ѓинѓиќ проверувал кај Михајловиќ, но, и кај другите надлежни во полицијата, уверувајќи се дека единствено што постои е таа ,пасивизирана, истрага од 1997 година, дека е невозможно таа да се избрише, но, и тоа дека полицајците на таа основа не смеат да застануваат и да испитуваат поединци,  дека станува збор за изолирани случаи.

Но, таа ситуација не се менуваше и јас целосно прекинав да доаѓам во Белград, а состаноците ги одржував во Црна Гора или во Швајцарија каде што живеам!

 

И САБЈА ЈА КОРИСТЕА ЗА МОЈА ДИСКРЕДИТАЦИЈА

Непосредно после убиството на Зоран Ѓинѓиќ и завршувањето на  акцијата Сабја, до мене почнаа да доаѓаат гласови дека истиот оној извршител Миодраг Вуковиќ од ЈУЛ, во својство на началник на МУП, одржал состанок во Шабац со началниците од полицијата од таа област.

На тој состанок им рекол дека е отворена истрага за шверц на цигари од 90-тите години. Дознав дека во таа прилика јасно им ставил до знаење дека истрагата мора да покаже дека јас (Станко Суботиќ) сум тој, кој ќе биде главниот виновник!

Имајќи претходно искуство со Вуковиќ и знаејќи за каква личност станува збор, му ја пренесов таа информација на Владимир Поповиќ и го замолив да провери кој ја води истрагата. Од него побарав да ми организира да дојдам и да дадам изјава, да ја предадам целокупната документација, бидејќи се плашев дека Вуковиќ ќе ја продолжи монтираната и лажна истрага, со која политичарите ќе се обидат да ги докажат лагите објавени во „Национал“ и дека на тој начин ќе ја продолжат хајката против новата власт, а посебно против Зоран Ѓинѓиќ.

Паралелно со тоа, моите адвокати напишаа дописи до полицијата, министерот, заменикот министер, надлежните началници, барајќи да ме повикаат и со мене да ги направат потребните разговори, да извршат контрола, да направат се што е потребно, само тоа да биде законски, со легални методи, а не со сила и со монтажи, со кои беше навикнат да работи Миодраг Вуковиќ.

Од полицијата немавме одговори или тоа беа истите вечни негирања. Владимир Поповиќ ми јави дека не постои никаква истрага, дека сето тоа го проверил, дека станува збор за моја параноја или обид на некои луѓе да уценуваат или лажно да ме заплашуваат!

Секојдневно ме контактираа мои пријатели, бивши соработници,  кои ми пренесуваа дека Миодраг Вуковиќ им се јавува и ги посетува, дека врши притисок врз нив, кажувајќи им дека би било добро, лажно да ме обвинат, но, сето тоа да биде во полупријателска или полуслужбена форма!

За сето тоа време, низ медиумите одеше нова, односно стара кампања и хајка против мене, моите пријатели и соработници. Адвокатите и роднините на уапсените во акцијата Сабја, убиецот на премиерот, ги презентираат нивните теории за атентатот, каде што ме обвинија мене, спомнувајќи го шверцот на цигари и слични глупости. Сето тоа го обработуваше „Национал“, истото се пренесуваше во Србија и Црна Гора, и на тој начин се создаваше притисок, како на јавното мислење, така и на службениците во полицијата, обвинителството, судовите..!

Тогаш за прв пат во мафијашките медиуми се појави информацијата за запленување на мојот имот, кој бил „стекнат незаконски“ иако во тоа време не постоеше ни закон, а уште помалку причина за такво нешто. Всушност, токму таа група на луѓе која го туркаше тоа во медиумите, доаѓајќи подоцна на власт го реализираше сето тоа преку обвинителството, со непосреден налог од страна на Слободан Радовановиќ, да покрене обвинение против мене, базирано врз лаги од приватната истрага на луѓето на Милошевиќ!

Во меѓувреме добив информации дека од Србија се испраќаат прашалници во Швајцарија, Лихтештајн, Франција и Кипар, дека се споменува истрагата која се води заради перење на пари, кои се стекнати со шверц и дека насекаде се споменува моето име!

 

МАНИПУЛИРАА СО ПРЕЗИМЕТО НА МОЈОТ ВНУК

Ја искористија и случајноста што мојот внук и еден од директорите на мојата компанија се вика Никола Милошевиќ. Презимето го  искористија како алузија на Слободан Милошевиќ и на можноста дека парите на моите сметки и трансакции во пари, всушност биле пари на  семејството Милошевиќ-Марковиќ.

Токму Динкиќ тоа јавно го изјави, тврдејќи дека откриле сметка на име на роднина на Слободан Милошевиќ. Преку своите адвокати и понатаму барав разговор и нудев соработка, меѓутоа, или останувавме без одговори или од сите добивавме ист одговор, дека не постои никаква истрага!

Тоа ми го тврдеше и Владимир Поповиќ, кој ми кажа дека лично разговарал со министерот Душан Михајловиќ, со заменик министерот Ненад Милиќ и дека двајцата му потврдиле дека не се води никаква истрага, дека се во прашање невистини. Поповиќ ми рече дека министерот Михајловиќ ме фалел, дека за мене се изразувал во суперлаитив и дека изразил голема желба да се видиме. Барањето на министерот Михајловиќ да се видиме, ми го кажа Поповиќ, но, истото ми го повторија и некои други мои познаници уште неколку пати во текот на летото и есента 2003 година.

Истовремено, до мене доаѓаа нови пораки за истрагата. Добив имиња на двајца инспектори, чии потписи стоеа на дописите кои беа испратени во странство. Тоа беа Бранко Глушица и Богдан Пушиќ.

Тие податоци им ги пренесов на Владимир Поповиќ и на моите адвокати.  После неколку дена ме побара Поповиќ и ми соопшти дека сум бил во право, дознал дека постои истрага која тие двајца инспектори ја водат по налог на Миодраг Вуковиќ, дека тоа е тајна акција, нарачана од Душан Михајловиќ, без знаење на заменик министерот Ненад Милиќ или на началникот за јавна безбедност, генералот Сретен Лукиќ, и дека тоа е причината зошто никој не знае за таа истрага!

Во таа прилика, Поповиќ ми соопшти дека разговарал со Михајловиќ и дека тој на почетокот ги заобиколувал работите, но, кога Поповиќ му соопштил дека знае за истрагата, Михајловиќ рекол дека не е во прашање истрага, туку дека Вуковиќ пишува книга за шверцот со цигари и дека поради тоа добил дозвола од министерот, за која претходно молел. Ми рече дека Михајловиќ ме поздравува и прашува кога ќе се видиме!?

Набрзо, во почетокот на ноември, ме побара Поповиќ и ми рече дека Душан Михајловиќ бара од мене да дојдам во Белград за да се видиме. Рече дека не знае која е причината, бидејќи Михајловиќ тоа му го јавил преку телефон, но, дека сепак станува збор за добра прилика да ги дознам причините поради кое е покрената тајна акција против мене и поради што толку долго инстистира да се сретне со мене!

 ( продолжува следната сабота)

Поврзани новости