Шефот на кабинетот на Премиерот, Мартин Протуѓер, не се појави на денешната седница на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето каде требаше да се одржи сослушување за неговата вмешаност во евентуалните кривични дела на кои упатуваат објавените телефонски разговори.
Според бомбите Протуѓер е наводно вмешан во изборни манипулации, злоупотреби и примена на насилство. Позната е една реплика кога Протуѓер наводно вели дека ќе фрла луѓе во ендек.
На денешната седница беше закажано и сослушувањето на министерот за финансии, Зоран Ставревски, но ниту тој не дојде. За разлика од Ставревски кој испратил известување до Комисијата дека може да присуствува на 17-ти месецов, Протуѓер ниту писмено ниту усно не ја известил Комисијата дека ќе биде попречен.
Од друга страна и да пристигнеше Протуѓер останува нејасно дали неговото сослушување ќе се одржеше затоа што членовите на Анкетна изгласаа поинаков дневен ред од предвидениот. Наместо како точка на дневен ред да биде сослушување, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа таквата точка да се отстрани и наместо тоа Комисијата денеска да работи на формирање на работни групи кои би ги посетиле наредните денови институциите каде се врши прислушувањето.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов и Антонио Милошоски побараа ваква промена на дневниот ред затоа што сослушувањето на сведоци, како што рекоа, мора да почне од премиерот Никола Груевски. Со тоа што Груевски не се појави на вчерашното сослушување, Саздов побара сослушувањето да се помести и да отпочне на 14-ти.