И по дваесет и една година, атентатот врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров остана мистерија. Не се знаат ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот, кој Глигоров го преживеа со тешки повреди на главата.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција кон Собранието.
Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, активиран на дистанца.
Во експлозијата загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Според истражните органи истрагата била обемна со претрес на повеќе десетици илјади луѓе, возила и објекти. Беше објавен и фото робот на еден од осомничените но сето тоа не даде резултат.
За обидот за атентат врз него, Глигоров напишал и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовираше во 2002 година.
Претседателот Глигоров почина од природна смрт на 94 годишна возраст на 1 ви јануари 2012 година.