И Пенов има висок личен рејтинг, но нема партија за власт да освои!

by Фокус

Текстот е објавен на 17. октомври 2003 година во 435. број на неделникот „Фокус“.

Пишува 
Мирка ВЕЛИНОВСКА
(Редакцијата не секогаш се согласува со ставовите и мислењата на авторот, но, разбира се, чини се за тие да ѝ бидат достапни на јавноста)

И без да го дочекаат долго најавуваниот официјален отчет, граѓаните на Македонија добро знаат дека добија катастрофално лоша власт. Бидејќи од утрото се познава денот, не им треба да чекаат четиригодишен мандат за да си видат на кое дереџе им е судбината. Недвосмислено и директно ги чувствуваат сите последици од едно волунтаристичко владеење на група политички рецидивисти кои се обидуваат својата докажана неспособност да ја продадат како скап производ, кој дури сме требале и да го заслужиме.!?

Во секоја земја во која луѓето знаат што е политика, а граѓаните имаат самосвест за своите права, за власт која ќе се дрзне да испорачува само лаги и флоскули, без да покаже резултати, следува жестока казна. Не само на редовни избори…Меѓутоа, во земја која ќе добие лоша власт, обврзно има подготвена, солидно екипирана опозиција која дава тон на граѓанското незадоволство, па ја одредува силината, бројот и дијапазонот на критичките реакции. Политичката опозиција станува носечки столб околу кој се плетат надежите на разочараните граѓани..!

Нашава Македонија, пак, каков што и е к’сметот,  како да е надвор и од светот, и од векот. Ми се чини дека е временски заробена енклава во која не може ниту да се провери, ниту, пак, да се примени барем едно цивилизациско искуство. Сакам да кажам, во мигот кога добивме лоша власт, добивме и лоша опозиција. И нормално дека за граѓаните тоа значи апатија, безнадежност, неверица и тотална инхибираност!

Ја гледам, така, ВМРО-ДПМНЕ во изминативе месеци, и просто не можам да се изначудам, што тоа се случува?! Ајде, ќе рече човек, им требаше извесно време за да си ги залечат раните од поразот на изборите, да се соземат малку, кога од небеските височини, со тресок атерираа пред крајот и на еден единствен мандат. Ајде да го додадеме тука и стравот од реваншизам пред нааканиот СДСМ, од кривични пријави и судски процеси за нивните истурени членови…Го земам предвид и внатрепартиското превирање меѓу разни интересовни групи, меѓусебното обвинување околу тоа, кој за што е виновен…Еве, плус го додавам и вакуумот кој настанува после лидерската смена во една партија…Меѓутоа, што и да одбивам како олеснителна околност, сепак останува непобитниот впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ не дејствува како сериозна и вистинска опозициска партија. По што, всушност, го забележувам тоа?

Прво, власта си е поприлично комотна, па и натаму непречено и дрско си тера со својата убиствена политика, што ќе рече – воопшто не се плаши од опозицијата!

Второ, и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ почнаа се почесто да се претставуваат себе си ‘како сериозна партија’, што е прв знак дека имаат потреба и себе си да си докажат, а и нас да не убедат во својата тежина!

Трето, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, и по една цела година од катастрофално лошото владеење на СДСМ, со своите приврзок ‘партнери’ и УЧК, е пораснат за само еден единствен процент!!!

bМОЖЕ ДА БИДЕ МАКЕДОНСКИ СИМИТИС!

Кога ќе дојдеме до ова место, барем јас си поставувам повеќе прашања на кои барам и изнаоѓам одговори. Значи, вака: ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите катастрофално. Што се вели, таа беше поразена до нозе. Како резултат на тој пораз и пропагандно форсираниот лош имиџ на партијата што го платија странските ‘партнери’, а го изведоа домашни изведувачи, Љупчо Георгиевски отстапи од лидерската позиција. Објаснувањето му беше и логично, и политички издржано. Тој рече дека со него ВМРО-ДПМНЕ нема да се врати на власт уште долго, а со нов лидер, особено оној што тој го препорача, постојат реални шанси за брза победа, веќе на следните избори!

Значи, промовирањето на Никола Груевски во партиски лидер беше дел од сериозна партиска стратегија. Барем јас, лично, и во потезот на Георгиевски, и во изборот на Груевски видов една обмислена операција која веќе сме ја сретнале како успешна формула во повеќе европски земји. Како во Грција, на пример, каде после харизматичниот, високоризичен и контроверзен  Андреас Папандреу, на чело на ПАСОК дојде рационалниот и делотворен Симитис. Од тие позиции, сметав дека за далдисаниот и непродуктивен СДСМ, новото ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ноќен кошмар со кој тие нема да можат да се справат..!

Едноставно, на една страна имавме една јалова, бирократизирана елита која не го разбира, ниту, пак, е способна да го примени европското ново време, а, на другата страна, новите момци во ВМРО-ДПМНЕ кои веќе живеат во тоа ново време. Дури сум и сигурна дека на почетокот, кога Груевски уште не беше устоличен, ги имаше фатено паника, па дури и видливи беа нивните обиди во игра да вовлечат свој ‘фаворит’, со кого би можеле успешно да се носат. Така, како шило ја уфрлија и својата скапа инвестиција, другарката Доста, и ред други работи.

Но, има веќе извесно време, едно три месеци наназад, забележувам

како СДСМ повторно почна да се однесува безгрижно, безмалку како да сфати дека нема опозиција од која треба да се плаши. Оттука, заклучувам дека Бранко Црвенковски, во неколкуте директни средби со Груевски, веќе ја прочитал матрицата по која овој функционира и ги одредил неговите дострели, точки на топење…па сега си тера мајтап, затоа што заклучил дека противникот не му е дораснат и не може сериозно да го загрози. А колку само беше уплашен на почетокот, затоа што беше научен на Љупчо..!

Значи, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште и не почна да се експонира како политичар, а веќе не е никаква непосредна опасност за политичкиот противник. Чудесно!!!

БРАНКО ЈА ОТКРИ СЛАБОСТА НА ГРУЕВСКИ!                     

Бидејќи лично не го познавам кој-знае-колку човекот (од две-три средби не можам да проникнам во суштината на личноста), моите впечатоци за него ги градам врз неговите ретки јавни настапи и начинот на кој под негово раководство функционира новата ВМРО-ДПМНЕ. Имено, досегашниот учинок од неговото лидерство се сведува на слабо организирана и речиси пасивна парламентарна опозиција, со зачудувачка незаинтересираност за двобој со власта, редовно отсуство на пратениците…Недозволиво споро прегрупирање и реорганизирање на партиската база. Станува збор за политичка активност која е сведена само на прес-конференции и платени јавни огласи и, секако, меѓународен активизам, од кој заклучувам дека стратешки приоритет на Груевски му е да стане прифатлив за странците пред да биде прифатен дома, меѓу своите сопартијци и сограѓани!

Во врска со последново, изгледа дека Груевски не ја избегна замката на нашите политичари, па и тој станува жртва на сопствената суета која на крајот ќе се сврти како бумеранг и ќе му ја погоди токму суетата. Имено, тој сигурно чувствува задоволство што толку брзо изгради личен рејтинг кај граѓаните и, еве, води пред сите други политичари. Но, за него ова е вистинскиот момент, за да се запраша, дали за еден лидер на голема партија може да биде пресуден само личниот рејтинг, доколку, во исто време, кога тој е лидер, оној на неговата партија одвај се дигнал за еден беден процент?! Или, обратното, доколку личниот рејтинг на Бранко Црвенковски се урнисал, ама неговата партија упорно го одржува својот партиски имиџ???

А секако ќе се запраша ако не е апсорбиран од суетата. Ако е, тогаш нема да му биде важно како се котира партијата и за се што ќе прави, ќе поаѓа од својот интерес – да не си наштети на личниот рејтинг!

Имам впечаток дека реформаторот кој во еден тим, под друга лидерска палка, умееше да игра и храбро, и ризично, кога е ставен во нови околности, во кои тој треба да одреди и темпо, и степен, избра, еве, да биде – зихераш!?

На интелигентниот и искусен Бранко Црвенковски, бездруго не му требало многу време, за да процени кое е слабото место на неговиот конкурент. И гледам дека му пушта водичка преку рејтинг листите каде личноста Груевски ги шиша сите. Како што гледам дека на Груевски во овој момент тоа му е доволно за да ја држи опозицијата безмалку во пасивна илегала..!

Сакам да кажам, Црвенковски би бил среќен да добие уште еден Ристо Пенов, кој, познато е, има висок личен рејтинг, меѓутоа, исто така, има и кобајаги партија, и, оттаму, речиси ич симпатизери или приврзаници меѓу граѓаните. И странциве, секако, не би имале ништо против да викаат на седенки, на брифинзи и вечеринки уште еден мил и безначаен политичар каков што е Ристо Пенов, меѓутоа, веројатно сите ќе се согласиме дека ВМРО-ДПМНЕ не е ЛДП. А, колку што гледам, ни граѓаните не се волни да останат во наредните десет години со само еден единствен политички избор!

СУЕТАТА МОЖЕ ДА ГО СОВЛАДА..!

Никола Груевски е релативно млад политичар и на челната позиција во својата партија дојде во една исклучително сложена фаза за политичко дејствување. Но, човекот не е без талент, а очигледно е дека има и организациони способности, исто како и амбиција, упорност…За разлика од многу други, тој се има докажано како работлив човек кој умее да ги реализира своите идеи. Значи, почетниот капитал го има, прашање е дали ќе умее да го оплоди?

Тоа, пак, првенствено ќе зависи од неговата способност да разбере дека сега е генерален менаџер на една компанија која е голема, но минува низ криза. Ама тоа што таа минува во криза не значи дека треба да ги пропушта приликите да се наметне на пазарот како поквалитетна од конкурентската, која, во меѓувреме, почнала да произведува фабрички чкарт. И, да се послужам со економски симболи, во изминативе неколку месеци менаџерот Груевски изгледа применува погрешна стратегија за освојување на пазарот. Целата активност, сите сили во неговата ‘фирма’ се насочени во одделението за маркетинг, во кое, преку огласи, управниот одбор редовно објавува дека конкурентската фирма продава џанк производ, ама, истовремено, подзаборава дека и нивното одделение за производство и за продажба се наоѓа на принуден одмор. Едноставно, јас се уште не можам да го видам новиот производ со македонско сонценце, а Груевски небаре очекува да го купиме по телешоп претплата…Нема логика…Особено ако се знае дека помина времето за ‘пица-буџет’…Од позиција на опозиција, таа ‘направија’ заличува на шест пати подгреана супа..!

Јас секако имам разбирање за Груевски, кој веројатно си мисли дека сега е многу поважно за ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди отворена комуникација со светските фактори, односно, дека приоритет  му е да ја спречи изолацијата на партијата која во наследство му ја остави Љупчо Георгиевски. Тој сака да избега од статусот на вечно опозиционерство, а тоа е можно доколку на ВМРО-ДПМНЕ повторно му залепат етикета на радикален ‘производ’. Меѓутоа, за мене исто така е непојмливо еден лидер на голема партија, единствен претендент за власт покрај СДСМ, да ја превиди важноста на базата, членството, бројот на симпатизери или граѓани кои би му поверувале, би ги врзале за него своите надежи…Особено што Груевски е економист и би требало да знае дека нема таков производ со ‘лепо паковање’, на кое, како знак за распознавање на квалитет, ќе стои неговиот рејтинг лик, ако народот не го купува зашто му е непознат. Или, што е пострашно, затоа што претходно консумирал ист таков, само со друг рејтинг лик, па ете го кај од 15 септември уште го чувствува блуткавиот вкус!

Никола Груевски во изминативе месеци ретко се гледа во Собранието. Уште поретко имал што да ни каже. Но, Груевски е редовно со странците на кои се труди да им се допадне. Повеќе е некаде на гости отколку што е дома. А дома му се случуваат чуда невидени: куќата несредена, само да ја дупнеш, ќе прооди; му се метка внатре којгоде; половина Македонија е без работа, речиси половина се подготвува за селидба…Една косовска банда дивее и тероризира, другата божем владее. Во меѓувреме, граѓаните можат да заклучат дека симпатичново момче не е политичар во кој може да се инвестираат нашите единствено преостанати последни акции на надеж..!

А што  ќе почнат да мислат истите тие странски фактори кои сега внимателно го набљудуваат Никола Груевски? Тие не почнуваат со политика кон некоја земја ако претходно не ги имаат стокмено психо-портретите на домородните, или, како што ги викаат – локалните политичари. Во случајот со Груевски, колку што можам да видам, тие се уште не се на чисто, дали ова фино воспитано момче, со докажана способност за реформирање и неспорна евро-амиериканска политичка и економска ориентација, зад себе има и реална снага за она што тие ќе го бараат, тој да го спроведе. Имено, џабе ќе им биде ако Груевски ги убедува дека е за Рамковниот договор, доколку неговиот збор не го рецкаат општинските комитети или обичните членови. Или, каква ќе биде неговата реална вредност во очите на ‘факториве’, доколку лидерот на опозицијата цело време се прикажува како соло играч, кој не ја гради својата политика и врз основа на реалните интереси и преовладувачкото расположение на гласачите?!

Ете, да го земам за пример Борис Трајковски. Тој беше никој и ништо, ама зад него како гаранција стоеше партијата ВМРО-ДПМНЕ. Од таму тој ја црпеше својата политичка сила. Кога партијата се тргна од него, затоа што тој се занесе дека самиот по себе е некаков фактор и странски миленик, ни странциве веќе не го рецкаат, со се личниот му рејтинг за мудар и храбар ‘пулитичар’. Ни Буш Јуниор веќе не му се јавува. Значи, и кај него тој го одигра своето..!

Сакам да кажам, само ограничени луѓе можат да го отфрлаат предупредувањето на искусниот Киро Глигоров, кој на своите сопартијци сто пати им има повторено дека кај странците (особено кај Американците) вредат оние што имаат политика, интегритет и поддршка од народот, односно, контрола на теренот. Впрочем, и настаните покажаа дека народот повеќе нема да тргне слепо, како стадо, по харизматичниот лидер – овчар. Тоа време се потроши со измамата што ја изведе Црвенковски на 15 септември. Но, и кога зашеметен од војната го проголта ‘договорот за мир’ и промената на Уставот, без да биде прашан од своите ‘политичари’!

БЕСКОНЕЧНА ПАРТИСКА КОНСОЛИДАЦИЈА!

Чудно, но вистинито: за сите овие изминати месеци, ВМРО-ДПМНЕ, еве се уште не се одважи да се одмери со власта. Според тоа, никој не знае колкава е нејзината фактичка сила. Колку исплашен и стуткан народ може да извлече заради некоја политичка порака на некој плоштад, колкаво незадоволство може да го канализира во разни форми на протести..?

Бранко Црвенковски го умееше тоа. Исто како и Љупчо Георгиевски. Но, сега, Црвенковски се обезбеди странично со тоа што има силен репресивен апарат за застрашување, плус, ги контролира Синдикатите преку Ванчо Муратовски, студентите преку Марија Стамболиева, Ректорот и цела дузина платени со договори по дело, што професори, што декани…Земјоделците, пак, се под контрола преку ‘легендарниот’  татовец Вељо Тантаров. Тука се, секако, и безбројните кобајаги невладини организации…Па на способноста на Груевски и на неговиот тим соработници е да покажат вештина, снаодливост и инвенција во мотивирање на граѓаните!

Меѓутоа, факт е дека Никола Груевски нема харизма од тој калибар. Неговата аура не е популистичка. Неговата снага не лежи ниту во гестикулацијата, ниту во гласовните, ниту во реторичките можности. Значи, својот  неспорен личен рејтинг и мила ѕвезда треба да ги засили со силни пораки, одлучни акции кои ќе му го подигнат самочувството на народот и ќе го извлечат од апатијата и недовербата. Притоа, прашањето – дали ќе може – не се поставува. Ниту, пак – дали ќе сака. Едноставно, тој се нафати да биде лидер на партија и за него не важат повеќе оправдувања. Се очекуваат само дела..!

Се вели дека историското време создава големи личности, како што е можно големите личности да креираат историски пресвртни настани. Ете, Никола Груевски навистина има неповторлива шанса, која ретко кој може да сонува да ја добие, да го прекине оној несреќен синџир на лузери, на ситни формати кои со децении ја вградуваат сопствената безначајност во нашата национална историја и заради што сами на себе веќе си личиме на баксуз – народ.

Сепак, во изминативе месеци, откако Никола Груевски застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ, забележувам дека недопустливо долго се консолидира партиската база. Локалните партиски избори трајат, и трајат, и трајат…Од друга страна, консолидацијата на врвот заврши до нивото на извршната партиска власт. Објавата дека ќе се формираат некакви ресорски комисии во кои експерти на ВМРО-ДПМНЕ ќе подготвуваат паралелни закони неодоливо наликува на ‘влада во сенка’, ама ни ново измисленава форма не профункционира. Пратеничката група е слабо активна, некоординирана и неефектна. За мене е непоимливо кога опозицијата е бројчано слаба, да биде и дупло неактивна.!? Наместо да биде обратно, недостигот на бројност да се надомести со значително поголем квалитет и активитет. Еве, и по цела една година од поразот, кај ВМРО-ДПМНЕ не забележувам промоција на ‘фронтмени’, на средна линија, на ‘бекбенчери’…Се е некако недоречено, неизведено до крај, и – уплашено!

Се плашам, оттаму, да не се сведеме ние на еден единствен избор во две варијанти, затоа што, еве, и после цела една година, не гледаме некоја особено јасна политика на новото ВМРО-ДПМНЕ. На пример, по прашањето на Косово, на ЕУ или НАТО – приоритет, вториот малцински универзитет, високото образование, судството, културата, земјоделството..!

rТОЈ УМЕЕ ДА ГИ БРАНИ СВОИТЕ СТАВОВИ..!

Со оглед на начинот на кој владее повратникот Црвенковски и средствата со кои се служат неговите казнени бригади во политичката битка, можам да најдам делумно разбирање за уплашеноста на првата постава на ВМРО-ДПМНЕ. Но, непријатно сум изненадена како во ваквата агресивност на СДСМ, токму Груевски не ја виде својата шанса за брзо воспоставување на нови правила на игра. Имено, СДСМ на почетокот беше уплашен од новиот лидер и затоа беше жесток кога ги атакуваше членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Сега, изгледа почнало да се увидува дека човеков не е противник од калибар, односно дека може да им нанесе поднослива штета, па и репресиите попуштија. Можеби на вмровците не им е познато, но во СДСМ секогаш кога ќе оценат оти нивните конкуренти се силни, на своите членови им забрануваат и добар ден со вмровци да си кажат, а не пак да седат или да пијат кафе. Штом почне взаемна дружба, се знае дека командата за црвена тревога е повлечена и почнува нормална комуникација!

Е, па, ова за Груевски треба да биде црвена опомена. Од многу конструктивизам да не завлезе во политичка хибернација, па идната година на локалните и претседателските избори да го доживее својот прв пораз и тоа крај волку лоши резултати на оваа власт.

И повторно морам да се вратам на досегашните мои импресии од неколкумесечната опсервација на овој нов македонски политичар. Значи, Груевски дефинитивно има допадлива личност. Има професионален и, колку што забележувам, личен интегритет. За него не би можела да кажам дека нема цврсти убедувања. Напротив, напати има демонстрирано цврстина и упорност во одбрана на своите ставови. За мене остави неизбришлив впечаток неговото одважно предизборно конфронтирање со цела дузина наменски пробрани ‘стручњаци’ на таканаречените невладини трибини во организација на Владимир Милчин, член на Централниот одбор на СДСМ, кога ја бранеше својата економска политика. Исто толку пријатно бев изненадена кога, неодамна, како гостин на американската комора, Груевски единствен се одважи да го заплеска безобразниот Лоренс Батлер, кој си има навика во Македонија да изигрува власт и надуставна фигура. Имам доверба и во неговите работни способности, трудољубивост. Високо ја ценам и неговата способност да организира тимска работа, како и неговата генерациска ослободеност од идеолошки партиски стеги кои секогаш ги намалуваат визурите и можностите за соработка. На Груевски не може да му се одрече и способноста да нуди идеи, да спроведува сериозни реформи и да совладува пречки. Умее да биде и одлучен, и решителен. Не сум слушнала за него и дека е расипан, односно нечесен. Или барем не во оние размери во кои сме навикнале да слушаме за другите..!

МОЛКУМ ПРИФАТИ СУРГУН ЗА ЉУБЕТА!?

Меѓутоа, крај толку добри особини и потенцијални квалитети, за Никола Груевски може да биде погубна суетата која за сега само вешто ја прикрива. Се плашам дека неговиот личен рејтинг толку многу почнува да му значи што ги апсорбира сите други проценки кои се нужни за да креира и води успешна партиска политика. Сум забележала дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во само неколку месечна лидерска работа, најмалку четири пати се има оградено од своите сопартијци. Што е жива катастрофа и ненадоместлива штета. Уште ако му стане навика, тогаш ете го ВМРО-ДПМНЕ како ни служи за мајтап терање..!

За сефте, Груевски фактички се огради најпрво од Љубе Бошковски. На ова прашање новите вмровци беа тестирани директно од американскиот амбасадор, кој, исто како и Бранко, беше жив уплашен од вмровската опозиција, имајќи го, се разбира, сеќавањето на она ВМРО-ДПМНЕ кое полнеше плоштади. Дотолку повеќе што за Батлер би бил личен дипломатски неуспех ако Македонците не му останат питоми овци за стрижење се додека не се исполни и ‘духот на Охридскиот договор’, односно, додека не се доврши Косово. Е, Груевски, со своите соработници, требаше да попушти пред американскиот притисок и молкум да го проследи екскомуницирањето и, практично, протерувањето од Македонија на својот член и пратеник Љубе Бошковски, за кој Батлер смета дека може да прави неконтролирани белји со народот!

Од тие причини, тој отворено се заканува со Хаг доколку пратеникот Бошковски се врати во Собранието. Безобразен и надвор од сите цивилизирани норми, еден обичен амбасадор неказнето прогонува од земјата му домаќин – Македонија, жители на таа иста Македонија.!? И, ако се сеќавате, новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ не бекна, а дури го повлече и своето соопштение со кое требаше да ја одбрани и сопствената позиција, и партиската чест. Тоа за мене беше првиот несреќен сигнал дека работите ќе тргнат во несакан правец!

Второто оградување на Груевски дојде повторно под принуда на власта и Батлер, ама овој пат ‘целна група’ беше Љупчо Георгиевски и неговата извикана колумна, заради која дури и Бранко Црвеенковски ни приреди една од неговите прочуени соц-реалистички драмолетки (иако го заболе уво кога среде Тетово терористи не му пишуваат, ами му завземаат фирми и прогласуваат екстериторијалност)!

МНОГУ ПОЧНА ДА СЕ ОГРАДУВА..!

И, така, кога на Груевски му тргна со тоа оградувањето, еве го кај не се сопре, па навиката ја пренесе и на пониските партиски ешалони кои се оградија еднаш од пратеникот Чедо Краљевски. Меѓутоа, дефинитивно се почувствував засрамена и непријатно изненадена кога го видов последното оградување на Никола Груевски. Му се огради на Чашулета!? И, ај’ што се огради од него, ама остави и срамно пишано сведоштво на непримерно лигавење кон еден политичар кој би требало едно сто пати да и се извини на Македонија заради погрешните политички одлуки и пораки, а богами и заради непримерното безобразие во однесувањето. Значи, Груевски мислеше дека е потребно, освен оградувањето од личните оценки на Слободан Чашуле (на кои има право), тој во негово име и да се извини. Ама, не како Груевски, туку како цела партија!!!

Бидејќи не сум во непосредна и постојана блиска комуникација со вмровци, особено не со луѓе од врвот, не ми е познато кој и како ја има смислено оваа ‘направија’. Реков веќе дека ни Груевски не го познавам добро за да знам дали сам ги смислува оградиве, но знам каков одек имаше тоа кај луѓето кои за прв пат, по цели 13 години, почнаа со симпатии да гледаат на еден вмровец и решија дека можеби треба да му веруваат, односно, да му дадат шанса да ги изненади пријатно. Едноставно, до кај што слушнав, сите беа згрозени пред ваквото отворено лигавење. А знам дека ретко кој воопшто мислел исто како Чашуле или пак запаметил што овој рекол во врска со ‘скапоцениот’ ни Робертсон!

Значи, што остана запаметено? Остана запаметена потребата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да биде маркирана како поголем Џорџ од самиот лорд Робертсон. Верувам дека Лордот и самиот за себе нема толку ласкави оценки, како што, еве, декларираше ВМРО-ДПМНЕ!!!

И, кога сме кај компарациите, Никола Груевски би требало малку да го проучува својот политички противник, кој, еве, како 13 години се одржува на чело на својата партија, вкрстувајќи ги кадровските генерации и без да се откаже од било кого. Тој вешто ги смрзнува и одмрзнува, според сопствените потреби, а сите тие, иако не го сакаат, му се плашат и го следат беспоговорно. Јас го немам слушнато Бранко Црвенковски, макар еднаш, во ваква лигава форма да се огради од некој свој сопартиец кој одвалил или направил штетна глупост. А глупости и штети колку да ми сакате..!

Едноставно, лисецов секогаш знаел од каде ја црпи својата моќ и не бил подготвен никого да го понижи јавно. Што им правел, како се вадел, како се пеглал и премостувал, тој си знае…Но, своите сопартијци не ги цинкал апла…Или им земал мерка отпосле, па ги предавал како плен на новинарите, или, пак, тивко ги изолирал на големо задоволство на Американците. Ете, да потсетам на еден од историските гафови на бившиот ген.сек, Ѓорѓи Спасов, кога во паника ја прогласи за најголема демократка во ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска, иако жената ја обвинуваа за мегаприслушувањето и за делбата на Македонија до Групчин. Бранко тогаш нареди ‘мукла’ и цел СДСМ си го одмолча скандалот, препуштајќи го на заборавот. Или, пак, случајот со Тито Петковски, кој беше непожелен за западњациве како наследство од комунизмот, а СДСМ го истрча како свој претседателски кандидат и, иако неискрено, до крај ја извозе претседателската кампања, па и сега е бенигно присутен во разни собраниски тела и во јавноста!

Значи, неискусниот Груевски повеќе не смее да си нанесува вакви штети, оти оградувајќи се од сите кои не му се во моментот модерни или кои по налог на некој странец ги елиминира, ризикува да остане лично ценет, значи, со висок рејтинг, ама сосема сам и бесполезен…дури и за еден Батлер. На крајот, може да почнат да го изоставуваат и од поканите за клуб седенки.

Добро, и во оваа ситуација Никола Груевски има една предност која ја немаат многу други политичари. Тој има професија, и, што е поважно, има резултати од сопствениот труд. За кратко време додека беше министер за финансии, тој направи многу повеќе (и со веднаш видливи резултати) од сите транзициони министри за финансии заедно, од кои сите, освен него, се со звучни научни титули. Како последица на тоа, УСАИД го препорача Груевски за советник на српската влада за економски реформи. Можно е тоа убаво мислење на американските агенции, за Груевски да претставува лична обврска или тој да се смета за обврзан, меѓутоа, на моменти дури си мислам дека токму професионалната независност од политиката го тера да се однесува толку комотно кон партиските обврски!

Едноставно, тој не сакаше да дојде на партиското чело…Долго се премислуваше, веројатно знаејќи ги сопствените ограничувања. И уште поверојатно е дека ваков тип на карактер, за себе си има од напред резервирано јасна црвена линија: до каде е подготвен да игра, до кога ќе може да издржи и како, конечно, и ќе излезе од играта!

 

СЕ УШТЕ ГО ПРИСИЛУВААТ ДА СЕ РАКУВА СО АХМЕТИ!

Никола Груевски е претставник на новата политичка генерација која нема идеолошки оптоварувања. Тој е отворен во комуникацијата и за комуникација. За него сум слушнала дека учел занает и во ‘Балканска банка’ и од Свето ‘Пивара’. За Свето, пак, не сум чула дека е близок до ВМРО-ДПМНЕ…И, сега, кај Груевски е забележлив тој мек, европски сфатен однос кон политичкиот противник. Кај него нема високоволтажна реторика, ниту гнев. Затоа понекогаш изгледаат како искубани петли партиските ‘тешкаши’ на СДСМ кои би сакале гневно да се караат со едно фино воспитано и политички избалансирано момче, па токму затоа, во такви моменти, добивката несомнено оди на негово конто. Меѓутоа, Груевски е и вистинска реткост меѓу политичарите, заради тоа што кога има став, тој навистина има став и не го менува под притисок!

Еве кај го притискаат упорно сите странци, макар еднаш да го усликаат со Али Ахмети, колку за и ВМРО-ДПМНЕ да се компромитира и да си ја затне муцката, ама Никола не се дава. Она што лесно им успеа на Грците со Марјан Ѓорчев во грчката амбасада, не им успева до сега со Груевски…И не дека не го местеа на ‘фотосешн’ во Маврово, во разно – разни пригоди, ама детево изгледа умее да пресретнува и разбива шеми, особено онакви кои би му наштетиле на личниот углед!


‘ВИЏ’ БУДАЛЕ..!’

‘Останавме зачудени од произволните и неаналитични изјави на еден наш член, поранешен министер, за кои Ве уверуваме дека не се став на нашата политичка партија, и можат единствено да бидат сметани само како негово лично мислење’.

Кога една ваква ограда би имал прилика да прочита Милош Кундера, на пример, тој во еден здив би напишал литературно ремек дело. Иако има тука штофче за едно три урнебесни комендии за човечкиот карактер…Но, и вака не е ‘лошо’. Си ја збогативме ние нашата историска колекција на национален резил..!

Во ‘Вест’ не уверуваа дека личните оценки на имагинативниот и театрален Слободан Чашуле, навредениот Џорџ Робертсон ги пропратил со насмевка и без коментар, безмалку како обично ‘печатено ѓубре’. Но, еве, никој не ни јавува како ‘големиот’ НАТО водач го примил ова уникатно лигавење под кое потпис ставил лично Никола Груевски. Ако не ме лаже мојот впечаток од директната комуникација со Робертсон, Шкотланѓанецов гарант го искоментирал сево ова со: ‘Ц, ц, ц…Виџ’ будале..!’.

 

ХАРИЗМАТА И ИНТЕГРИТЕТОТ  СЕ ЛИЧНИ СВОЈСТВА!

Пред извесно време, коментирајќи ги последниве ‘дипломатски’ активности на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, еден прилично веродостоен извор ми ја раскажа средбата на францускиот амбасадор, Жан Франсоа Терал, со тукушто наименуваниот партиски лидер, Никола Груевски, со неговите најблиски соработници. Имено, на една вечера, доскорешниот амбасадор му рекол на Груевски дека не е точно оти Бранко Црвенковски се вратил на власт со помош на САД, туку за тоа се заслужни земјите на ЕУ. И дека истото тоа размислуваат да го сторат и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, само што тие се уште не се сигурни дали тој има автентична харизма и сопствена волја, или, пак, зад него стои Љупчо Георгиевски?

Мојот извор вели дека на масата завладеала непријатна тишина во која доминирале црвени лица, и која била прекината од единствената присутна жена политичарка, која најпрво го искажала своето жалење дека очигледно настанала забуна, па таа, наместо на вечера кај господин, ете, упаднала на седенка кај провокатор и дека не дозволува некој така да се однесува кон нејзиниот партиски шеф!

После ова, мојот извор уште вели дека амбасадорот Терал дал преодна оценка за политичко држење само на Самоиловска – Цветанова. Да, да, така се гради имиџ, така се оценува нечија цврстина, се проценува личен интегритет..!

 

ОПОЗИЦИЈА, ЛИ,  Е ОВА…ИЛИ МАЧКИНА ОПАШКА?

Ме изненадува начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ ја остварува својата улога на ‘конструктивна’ опозиција. Не мислам да кажам дека тие не знаат што се подразбира под овој поим, но, од друга страна, и тешко ми е да проникнам во причините, зошто толку млитаво и млако, безмалку апатично, ги проследуваат жешките теми и проблеми?! Да не зборувам дека ги нема никаде со свои алтернативи..!

И упадите на МВР во судството, и агресивното демонстрирање на сила само на еден дел од територијата и врз една ‘етничка заедница’, и нереформската политика и комедијата од аграрно – социјална реформа, и секојдневното кршење на Уставот, и лудницата во средното образование, како и отстапувањето дури и од Рамковниот договор во случајот со малоречанскиот див универзитет…Сето тоа проаѓа низ опозицијата како мачкина опашка по прашина!!!

Рано е човек да се задума, дали тоа Груевски втиснува свој личен печат во партиската работа, или, пак, проблемот навистина е во се уште неконсолидираната партиска структура, меѓутоа, неспорен факт е дака времето си тече, колку за власта, толку и за опозицијата!

Поврзани новости