На прагот и на претстојнава грејна сезона, нема да се реализира најавеното преземање на топловодната мрежа од страна на Град Скопје од сегашниот снабдувач „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“ (ДТБЕ), за што Градот чека судска разрешница, пишува Мета.
Сè уште остануваат низа правни лавиринти на релацијата меѓу Град Скопје, Регулаторната комисија за енергетика и Управниот суд, со што расте и неивесноста кога и дали ќе дојде до реализација на преземањето на топловодната мрежа. И покрај тоа што во јули минатата година, Владата донесе одлука на Град Скопје да му се даде на трајно користење топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за диструбуција на топлинска енергија и гас „Градски енергетски систем“ (ГЕС-Скопје), тоа уште не профункцинирало и работите тапкаат во место. Градот се уште нема одговор од Управниот суд, по поднесената тужба од ГЕС-Скопје против РКЕ, од лани во декември поради тоа што РКЕ не му дава лиценца за управување со топловодната мрежа.
Од Град Скопје објаснуваат дека во Скопје само 23 отсто од површината е покриена со топловодниот систем, приклучени се само 17 отсто од домаќинствата и Градот е тој што треба да биде креатор на енергетската политика, да донесува одлуки, каде треба да се гради топловодна или гасоводна мрежа. Се повикуваат на измените во Законот за енергетика, според кои, производството, преносот и дистрибуцијата се одвоени, како што се и сега, со тоа што сите овие дејности ги вршат посебни фирми на Балкан Енерџи Груп, БЕГ.
Во врска со иницијативата и активностите на Град Скопје за преземање на топловодната мрежа од БЕГ, од РКЕ за „Мета.мк“ велат дека уште во април годинава е донесена одлука за ставање во мирување на постапката за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинската енергија, поради тоа што во моментот има паралелни активности по ова прашање што засегнатите институции ги имаат покренато.
„Во исто време се очекува и Управниот суд да се произнесе во однос на ова прашање. Ве информираме дека фактичката состојба во моментов е дека, АД за изградба и стопанисување со станбен деловен простор и со деловен простор од значење за Република-Скопје, има договор со Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ- Скопје, со кој има право на користење на топловодната мрежа до 31 декември 2047 година“, гласи нивниот одговор.
Речиси идентичен одговор дадоа и надлежните од Балкан Енерџи Груп.
„Во согласност со Законот за трансформација на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, со топловодната дистрибутивна мрежа стопанисува АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката – Скопје (АДСДП), со кое „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“ (ДТБЕ) има склучено Договор за користење на топловодната дистрибутивна мрежа. Согласно овој Договор, ДТБЕ поседува лиценца за вршење на енергетска дејност, дистрибуција на топлинска енергија, издадена од РКЕ, со важност од 35 години, односно до 2047 година“, велат од ДТБЕ.
Тие додаваат дека по успешно поминат ремонтен период, активно се подготвуваат за претстојната грејна сезона и дека во фокусот ќе остане одржување на сигурна, континуирана и квалитетна испорака на топлинска енергија, како и дека при вршењето на дејноста се исполнети сите законски обврски, целосно се почитуваат обврските од Договорот со АДСДП и од лиценцата, и истото го очекуваат и од останатите субјекти во државата.
Сепак, од Град Скопје потенцираа дека не се откажат од иницијативата за преземање на управување со топловодната мрежа и за „Мета.мк“ објаснуваат детално дека имаат законска основа за тоа.
„Од август 2019 година, а и денес, право на трајно користење на дистрибутивната мрежа има АД ГЕС –Скопје и тоа право е стекнато низ законска процедура и е евидентирано во сите 24 имотни листови“, посочуваат од Градот.
Градските власти објаснуваат дека целата мрежа со која во моментов управува Скопје Север е запишана во сопственост на РСМ, а 72 отсто, за што е побарана легализација, а со која во моментов управува ДТБЕ, е запишана во сопственост на РСМ. Останатите 28 отсто се однесуваат на три предмети кои се во процедура на решавање поради имотно правни односи со земјиштето.
„И покрај тоа што дистрибутивната мрежа не е 100 отсто легализирана, се смета дека е целосно во сопственост на РСМ бидејќи претставува технолошко-функционална целина“, велат од Градот.
Потсетуваат дека лани, по претходна одлука на Влада, Советот на град Скопје одлучи, недвижните ствари-линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура – топловоди што се на подрачјето на Град Скопје, да ги даде на трајно користење на АД ГЕС-Скопје, со цел тоа да добие лиценца за дистрибуција на топлинска енергија. А, врз основа на тоа, АД ГЕС-Скопје има поднесено барање за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на општините Чаир, Бутел, Карпош, Центар, Кисела Вода и Аеродром.
„Носителот на лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија ДТБЕ, повеќе не ги исполнува условите за вршење на оваа дејност и таа треба да му биде одземена, во согласност во член 50 од Законот за енергетика, лиценца да и биде доделена на АД ГЕС-Скопје. Ниту едно друго правно лице не поседува ниту има право на користење на топловодната мрежа, евидентирано во Јавната книга на недвижности на РСМ“, велат од Град Скопје.
Иако АД ГЕС-Скопје кое има поднесено барање за лиценца до РКЕ, таа сè уште не му е доделена, поради што лани Друштвото до Управниот суд Скопје поднесе тужба против РКЕ.
„До денес РКЕ не ја продолжи постапката за лиценца, ниту Управниот суд Скопје има донесено пресуда по поднесената тужба од АД ГЕС-Скопје“, велат од Градот.
Тужба лани има доставено и ДТБЕ до Управниот суд против Агенцијата за катастар на недвижности на РСМ, со која се бара бришење на правото на Град Скопје на трајно користење на топловодната дистрибутивна мрежа. Управниот суд ја одби како неоснована.
„Ова е пресуда од прв степен со која се потврдува АД ГЕС-Скопје како носител на правото на трајно користење на топловодната дистрибутивна мрежа. Очекуваме сите нивни тужби и жалби да имаат исти пресуди“, изјавија од Градот.
Според нив, ако АД ГЕС-Скопје ја добиеше лиценцата, тоа ќе се вршеше преку два засебни енергетски објекти: топловодна мрежа на подрачјето на Општините Чаир и Бутел (Скопје Север) и топлификациона мрежа на подрачјето на општините Карпош, Центар, Кисела Вода и Аеродром (Дистрибуција БЕ), а Друштвото ќе побараше од РКЕ и намалување на тарифата за дистрибуција на топлинска енергија за 12 отсто.