„Интересна средба“, беше кусиот коментар на олеснувачот на преговорите на партиите потписнички на Договорот од Пржино, Питер ван Хојте, за денешните разговори за состојбата во медиумите, пренесуваат медиумите.
Мета објавува дека двајцата претставници на владејачката структура во работните групи, Билјана Бришковска од Министерството за правда и Артан Груби од ДУИ, предвреме го напуштиле состанокот. Инаку, на почетокот на средбата, своја презентација за состојбите во англискиот медиумски сервис „Би-Би-Си“ изнел британскиот експерт за медиуми, Ричард Бејли. Тој изнел решенија како да се надмине проблемот со политичкиот притисок во медиумите во Македонија.
На средбата на работните групи биле присутни и претставници од ЗНМ и од МАН. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, изјави дека ЗНМ излегло со пет ставови за да се дојде до решение за хаотичната состојба во медиумскиот простор.
– За да почнеме да дискутираме на оваа тема, прво треба вицепремиерот Владимир Пешевски да си поднесе оставка. Понатаму треба да се престане со тужби од политичари кон новинари затоа што функционерите ги имаат демантот и исправката како можност. Предложивме промена на изборот на програмското раководство на јавниот сервис и побаравме итно запирање на политичкото комерцијално рекламирање на приватните телевизии. Без ова не можеме да дискутираме за промена во медиумската сфера – рече Селмани.
Ивона Талевска од МАН истакнала дека и ова здружение излегло со неколку барања на состанокот на работните групи.
– Прво што побаравме е да се заострат казните за навреда и за клевета за новинарите. Понатаму, треба да се промени финансирањето на јавниот сервис, а, исто така, битно е и прашањето порталите да се вклучат во постојните закони што ги опфаќаат медиумите – изјави Талевска.
Претседателот на работната група од СДСМ, Роберт Поповски, смета дека што поскоро треба да се реши прашањето за медиумите.
– Прашањето за медиумите е клучно за одржување фер и демократски избори. Затоа инсистираме ова прашање да се реши до 15 октомври, за медиумите да имаат доволно време за да се средат до изборите закажани за април 2016 година. Ако ова не се реши, нема да можеме да се оттргнеме од нивните розови очила – изјави Поповски.
Преговорите за медиумите ќе продолжат.