Од збор до збор иста тужба како онаа на уредничката од Вечер Ивона Талевска пристигна до Фокус. Овојпат, тужител е уредникот на Сител Драган Павловиќ-Латас, а адвокатот ист – Антонио Апостолски. И Латас, исто како и Талевска, од Фокус бара 17.000 евра, односно двајцата заедно бараат 34.000 евра. Дваесет илјади евра се бараат од Фокус, 10 илјади евра од уредничката Јадранка Костова и 4 илјади евра од новинарката Мери Јордановска.
Дека тужбите на Латас и Талевска се сосема исти, говори и фактот што во двете тужби уредниците од Вечер и од Сител се претставени сосема идентично – како угледни граѓани кои од текстовите во Фокус, а поврзани со аферата „Висарис“, претрпеле душевни болки.
Една од основите по кои тужат Латас и Талевска е изјава која што е пренесена од соговорник.
Меѓу другото, двајцата уредници се навредени бидејќи во текстот се тврди дека власта била погодена поради аферата што ја објави СДСМ поврзана со Латас и Талевска, па од тие причини во некои провладини медиуми беа објавени фирмите што наводно ги имаат други новинари.
Тужба од Талевска е поднесена и до редакцијата на Слободен печат, а неколку тужби се пристигнати и до портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.