Прокисна и новиот „Стар театар“, гости се евакуирале од сред претстава?

by fokus

Според неофицијалните информации на „Фокус“, по обилните врнежи, повторно со вода се наполниле подрумите на „Стариот театар“ и „Министерството за надворешни работи“, а на дел од објектите, односно на новиот Уставниот суд, видливо е и оштетување на фасадата.

Поради невремето синоќа била прекината и претставата „Вечната куќа“, која се  играше од 20 часот во МНТ, бидејќи според нашите извори, во еден момент водата почнала да прска од прозорците, поради што било одлучено претставата порано да заврши. Не успеавме да дознаеме дали поројните дождови нанеле поголема штета на објектот, бидејќи директорот Дејан Лилиќ не одговараше на телефонските повици. Но, затоа во секој момент ги очекуваме одговорите на прашањата кои ги испративме  по електронска пошта, по што веднаш ќе ги објавиме.

Уште еден факт кој говори дека нешто се случува во „Стариот театар“ е и информацијата дека закажаниот разговор со режисерот Александар Морфов се поместува за утре во 12 часот во просториите на МНТ. Останува неизвесно дали проблемите со водата ќе го усложнат и оддржувањето на Меѓународниот театарски фестивал, кој започна вчера, а ќе трае до 5 јуни, а на кој ќе гостуваат повеќе театарски екипи од странство.

Неделникот „Фокус“ досега пишуваше дека подземинте води уште на стартот му правеа проблеми на објектот, односно токму поради поплава беше одлжена и премиерната претстава. Оваа информација тогаш ја негираа надлежните, но дел од нашите извори, меѓу кои се вбројуваа и актерски имиња, го тврдеа спротивното.

За зграданата на МНР, пак, дел од вработените велат дека повеќе не е вест дека во подрумот има вода, бидејќи таму се задржува постојано.

„Фокус“ денеска направи обиколка на овие објекти. Успеавме да забележиме дека на терен се работи, односно покрај зградите беа поставени скелиња, а ангажираните работници забрзано си ја вршеа работата.

Поврзани новости