Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ од денеска започнува со кампања под слоганот „И хомофобите се луѓе“ со цел одбележување на Меѓународниот ден на човековите права. Низ Скопје веќе се поставени неколку билборди со овој слоган.
Целта на кампањата е да и предочи на пошироката јавност дека хомобијата, насилствата мотивирани од омраза и прекршувањето на човековите права на сексуалните малцинства во Македонија претставуваат сериозен проблем за кој се уште отсуствува институционална и системска свест за решавање, односно заштита и почитување на човековите права.
-Со оваа кампања сакаме да ја превртиме вообичаената логика со која се врши пазарање со човековите права на ЛГБТ луѓето, логика во која хетеронормативното мнозинство и хомофобичните конзервативни сили почитувањето на животите и основните човекови права на ЛГБТ луѓето го третираат како условено од сожалување и добра волја од страна на оние кои веќе се привилегирани во доминантно хетеронормативниот систем, велат од Коалицијата.