Хуманитарен концерт за настраданите во поплавите

by fokus

Фолк пејачката Елена Велевска која што е иницијатор за голем хуманитарен концерт за помош на поплавените семејства, најави дека настанот е веќе договорен и ќе се одржи во четврток, на 11 август на плоштадот во Охрид, со почеток од 20 часот.

Таа апелира до нејзините колеги кои што се слободни во тој термин, да ја контактираат за да ги договорат деталите, а пак оние кои што веќе имаат закажано настапи, ги замоли барем да донираат дел од хонорарот. Таа исто така, апелира и до граѓаните кои што ќе бидат присутни на концертот, дека ќе можат да донираат на лице место, бидејќи според концептот на настанот нема да наплаќаат влезници, туку ќе има кутии за донации во кои што секој ќе може да остави свој прилог според можностите.

,,Од Општина Охрид ќе се погрижат за бината, озвучувањето, осветлувањето и за водителскиот тим, а јас веќе успеав да договорам настапи на повеќе мои колеги. Своето присуство го потврдија Ѓоко Танески, Петар Нечовски, Група Чардак, очекувам конечен одговор и од Наум Петрески и Зуица Лазова, Марјан Коцев и многу други колеги. Исто така, доставив барања за поддржка и до голем број на компании, па се надевам дека и тие ќе се приклучат со своја донација кон оваа хумана мисија. Знам дека многумина можеби ќе речат дека сега не е најсоодветно време за песна, но ова е мојот и начинот на моите колеги да помогнеме,, – изјави за Фокус Велевска.

Поврзани новости